6 места без кои вашето патување во Виена нема да биде целосно - Part 2

6 места без кои вашето патување во Виена нема да биде целосно

Дворецот Белведере

Овој дворец претставува вистински сплет на архитектура и уметност поврзани на уникатен начин. Како составен дел од историската сцена на Виена, комплексот Белведере се состои од две барокни палати (Горен и Долен Белведере), оранжерија и коњушница. Се наоѓа во барокниот парк, во третата област на Виена, југоисточно од центарот на градот и првично бил подигнат како летна резиденција на принцот Еуген Савојски. При посета на раскошните соби со бројни скулптури и тавански фрески, ќе доживеете повеќе од 800 години уметност. Денес, комплексот Белведере е претворен во музеј кој е еден од водечките во целиот свет. Познатата уметничка галерија вклучува дела од средниот век, па сѐ до денес. Главно обележје е најголемата светска колекција на ремек-дела на Густав Климт, а најпосетена е неговата слика „Бакнеж“.

Дворецот Белведере

Дворецот Белведере

Паркот Фолксгартен

Избегајте од метежот на градските улици и уживајте во мирна прошетка низ зеленилото на овој парк. Фолксгартен или познат како Народен парк е прекрасно и елегантно место кое долго време служело како собиралиште на аристократите. Лоциран во центарот на градот, паркот е отворен за посетители од април до октомври. Тој е најпознат по своите тематски уредени градини од рози со десетици различни вариетети. Интересно е тоа што покрај секоја роза има поставено табличка на која се впишани името, годината на култивирање и ботаничкиот опис за конкретниот вид. Паркот е украсен и со фонтани и споменици кои се исклучително привлечни за посетителите. Главно обележје е храмот Тезес кој има посебна аура заради неговиот класичен грчки стил, како и споменикот на царицата Сиси со нејзиниот типичен меланхоличен изглед кој се наоѓа на северниот крај на градината.

Паркот Фолксгартен

Улицата Картнерштрасе

Сместена во срцето на градот, Картнерштрасе е пешачка улица која е секогаш преполна поради големиот број места за шопинг. Таа била популарно трговско подрачје за време на владеењето на Хабсбурговците, со префинети продавници со долги традиции што останале до денес. Голем дел од зградите датираат од 17-ти и 18-ти век и имаат извонредни архитектонски детали. Од големи продавници до мали модни бутици, целата улица ја градат познати брендови и елегантни ресторани и кафулиња. Како задолжително место за посета во Виена, Картнерштрасе нуди нешто посебно за секој посетител.

Улицата Картнерштрасе

Улицата Картнерштрасе

Улицата Картнерштрасе

Автор на текст и фотографии: Христијан Киров


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар