12 факти за Саграда Фамилија, најпосетената атракција во Барселона

12 факти за Саграда Фамилија, најпосетената атракција во Барселона

Најпозната црква во Барселона се гради веќе 135 години. Можеби најдоброто дело на познатиот архитект Антони Гауди поминало низ сè, но изградбата конечно е при крај. Бидејќи проектот се протега со генерации, речиси секој, од авторот Џорџ Орвел, до архитектот Волтер Гропиус, дале свое мислење за архитектурата. Па, погледнете некои од најинтересните факти за оваа неверојатна црква.

12 факти за Саграда Фамија, најпосетената атракција во Барселона

1. Сè започнало со продавач на книги

Она што се претворило во ремек-делото на Гауди, започнало поради патување на продавач на книги до Ватикан. Џозеф Марија Бокабела ја посетил Италија во 1872-ра година и се вратил инспириран да изгради црква слична на оние што ги видел таму. Финансирана од приватни донации, изградбата започнала десет години подоцна, односно во 1882-ра година.

2. Гауди не бил вклучен на почетокот на проектот

Оригиналниот архитект, Франциско Паула дел Вилар, планирал да направи стандардна готска црква. Кога се откажал по една година од почетокот, Гауди ја презел работата и ги променил плановите.

3. Се градела подолго од Големата пирамида во Гиза

Гауди бил во неговите рани 30-ти кога се вклучил на проектот. Во 1914-та година се откажал од сите други проекти со цел да се фокусира само на црквата. Кога Гауди умрел во 1926-та година, од конструкцијата била завршена помалку од четвртина. Црквата била изградена до половина дури во 2010-та година. Засега се очекува изградбата да заврши во 2026-та година, еден век по смртта на Гауди. Ако нештата одат по планот, тоа ќе значи дека за изградбата биле потребни 144 години. Тоа е околу 10 пати повеќе од времето потребно за конструкцијата на Големата пирамида и 123 години повеќе од времето потребно за Таџ Махал.

12 факти за Саграда Фамија, најпосетената атракција во Барселона

4. Гауди не се грижел колку време ќе биде потребно

Гауди никогаш не бил загрижен за темпото со кое се одвивала изградбата. Всушност, дури изјавил дека на неговиот клиент не му се брзало. Бидејќи бил свесен дека ќе бидат потребни генерации за изградба, Гауди често го менувал планот додека го посетувал градилиштето и го направил флуиден.

„Нема причина да жалам што нема да можам да ја завршам црквата. Ќе остарам, но после мене ќе дојдат други. Она што мора да се задржи е духот на работата, но нејзиниот живот зависи од генерациите на кои е предадена.“

5. Некои професори сметаат дека Саграда Фамилија не останува достојна на оригиналната визија на Гауди

Неколку оригинални планови за црквата биле уништени од анархистите во 1936-та година, за време на Шпанската граѓанска војна. Затоа и требало да се претпостави каква била визијата на Гауди. Ова, се разбира, предизвикало контроверзија.

Во 2008-ма година над 100 членови на Заедницата на уметници и архитекти на Барселона потпишале манифест и протестирале бидејќи нашле грешки во дизајнот. Тие сметале дека сега се гради туристичка атракција и дека градбата нема никаква врска со духот на Гауди.

6. Гауди е закопан таму

Изгледа сосема достојно мажот што го посветил последниот дел од животот на црквата да биде закопан таму. Умирајќи неколку денови откако бил удрен од трамвај во 1926-та година, Гауди бил закопан во криптата.

12 факти за Саграда Фамија, најпосетената атракција во Барселона

7. Црквата е финансирана приватно

Продолжувајќи ја традицијата на приватни донации, Саграда Фамилија е целосно финансирана од приватни пари. Гауди изјавил:

„Направена е од луѓето и е рефлектирана во нив. Ова е дело во рацете на Бог и волјата на луѓето.“

Навистина, досега ниту владата на Шпанија ниту која било црква немаат платено за изградбата која до овој момент се проценува на околу 25 милиони евра годишно. Денес буџетот се полни со влезниците на црквата, кои се движат од 15 до 20 евра, и од приватни донации.

8. Имало и училиште

Во 1909-та година, Гауди ги дизајнирал училиштата Саграда Фамилија. Биле наменети за децата на работниците кои работеле на црквата, иако и децата од посиромашни семејства оделе таму.

Градбата имала 3 училници, ходник и капела. Структурата била лоцирана на самото градилиште до 2002-ра година кога просторот станал потребен за доградување на црквата. Тогаш училиштето било преместено.

9. Технологијата ја забрзува изградбата

Напредокот во технологијата за сечење камен значи дека некогаш напорната рачна работа може да се изведе многу побрзо. Во 2015-та година, главниот архитект Џорди Кол искористил 3Д технологија за печатење за да направи подобар концепт за тоа како новите делови од црквата ќе се вклопат со старите.

12 факти за Саграда Фамија, најпосетената атракција во Барселона

10. Секоја кула има симболично значење

Во оригиналниот дизајн требало да има 18 кули што ќе ги претставуваат апостолите, 4-те евангелисти, Дева Марија и Исус Христос. Кулите визуелно ја претставуваат хиерархијата на овие лица со нивната височина. Засега има изградено само 8 кули, а кога ќе се изгради и највисоката, онаа што ќе го претставува Исус, црквата ќе има височина од 170 метри. Ова е малку пониско од највисоката точка на Барселона бидејќи самиот архитект сметал дека ништо направено од човек не смее да го надмине она направено од Бог.

11. Ентериерот на таванот имитира дрва

Секогаш барајќи инспирација во природата, не треба да нè изненади што Гауди вметнал многу симболи од неа. Најневеројатен е таванот кој претставува духовна шума каде што столбовите се еден вид дрвја кои се разгрануваат кон врвот.

12. Ова е најпосетената атракција во Барселона

Секоја година над 3 милиони луѓе го посетуваат ремек-делото на Гауди.

„Луѓето сè уште се фасцинирани бидејќи не пости друго вакво место на светот. Нема ниту една црква платена од луѓето која внатре е висока 60 метри. Нејзината магична атмосфера предизвикува убави чувства кај посетителите. Тие се восхитени и повторно ја посетуваат црквата секој пат кога ќе се вратат во Барселона. Можете да сретнете туристи кои биле во црквата 9-10 пати“, изјавил авторот Тате Кабре.

Дознајте и нешто повеќе за архитектурата на Сан Франциско и историјата зад викторијанските куќи.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар