Астронаутите објаснуваат зошто сè уште не се вративме на месечината

Слетувањето на 12 луѓе на месечината останува еден од најголемите подвизи на НАСА. Астронаутите собраа камења, направија фотографии, изведуваа експерименти и потоа се вратија дома. Но овој престој на месечината како дел од програмата Аполо не го обезбеди присуството на луѓето на месечината.

Астронаутите објаснуваат зошто сè уште не се вративме на месечината

После повеќе од 45 години од последното слетување на месечината, на 17-ти декември 1972-ра година, постојат многу причини зошто луѓето не се вратија на нашиот сателит и не останаа таму. Истражувачите мислат дека ако се направи база со луѓе, таа може да еволуира во станица за гориво за мисиите во вселената, да води до создавање на неверојатни вселенски телескопи, да го олесни животот на Mарс и да реши некои од мистериите за настанокот на Земјата и месечината. Лунарната база би можела да се претвори и во своја економија најверојатно изградена на основа на лунарниот вселенски туризам.

„Перманентната човечка станица за истражување на месечината е следниот логичен чекор. Оддалечена е само 3 дена. Можеме да си дозволиме грешки, а да не убиеме никого. Покрај тоа имаме многу работи за измислување и тестирање пред да навлеземе подлабоко во вселената“, изјавил поранешниот астронаут Крис Хедфилд.

Но многу астронаути и други експерти сметаат дека најголемите обиди за мисии со екипаж на месечината во изминативе 4 децении се банални, па дури и депресивни.

Скапо е да се стигне до месечината, но не толку многу

Астронаутите објаснуваат зошто сè уште не се вративме на месечината

Секоја вселенска програма, особено ако вклучува луѓе, е навистина скапа. Според законот кој стапи на сила во март 2017-та година, НАСА добива годишен буџет од околу 18 милијарди евра. Оваа сума звучи како многу сè додека не ги земете предвид амбициозните проекти на агенцијата – телескопот Џејмс Веб, проект со огромна ракета наречен Space Launch System, како и далечните мисии до сонцето, Јупитер, Марс и работ на Сончевиот систем. Покрај тоа, буџетот на НАСА во споредба со минатото е релативно мал.

Буџетот од Трамп повикува на враќање на месечината, а подоцна посета до орбитата на Марс. Но најверојатно ќе нема доволно пари за да се стигне ниту до една дестинација. Еден извештај од 2005-та година од НАСА тврди дека враќањето на месечината би чинело околу 100 милијарди евра. Дури и програмата Аполо чинела околу 115 милијарди евра.

„Човечкото истражување е најскапиот вселенски подвиг и е најтешко да добиете политичка поддршка за него, освен ако самата држава не одлучи да вложи повеќе пари“, изјавил астронаутот Волтер Канингхем од мисијата Аполо 7.

Проблем со претседателите

Астронаутите објаснуваат зошто сè уште не се вративме на месечината

Целта на администрацијата на Трамп е да ги однесе астронаутите на месечината некаде во 2023-та година. Тоа би било при крајот на вториот мандат на Трамп доколку повторно биде избран. И овде лежи уште еден голем проблем – партиски политички судир.

„Зошто би верувале дека она што го кажал кој било претседател ќе се случи после два мандата?“ – Хедфилд.

Од перспективата на астронаутите, станува збор за мисијата. Процесот на дизајнирање, инженерство и тестирање на вселенското летало може да ги надмине двата мандата на претседателот. Но има предвидлива шема за следните претседатели кои ги укинуваат приоритетите за вселенското патување на претходните лидери.

„Би сакал следниот претседател да одобри буџет кој ќе ја поддржи мисијата која сакаат да ја извадиме, без разлика каква е мисијата“, изјавил астронаутот Скот Кели.

Но претседателите и Конгресот изгледа не се грижат за ова. На пример, во 2004-та година администрацијата на Буш ѝ даде задача на НАСА да најде начин да го замени вселенскиот шатл и да се врати на месечината. Агенцијата ја смисли програмата „Соѕвездие“ за слетување на месечината користејќи ракета наречена Арес и вселенски брод наречен Орион. НАСА потроши 8 милијарди евра во над 5 години дизајнирање, градење и тестирање за оваа програма. Но откако Барак Обама седна на претседателското столче, програмата беше откажана. Ваквите промени биле причина за откажување на многу мисии и губење на речиси 19 милијарди евра.

Вистинската сила што влијае на ова е волјата на Американците. Но јавниот интерес за истражување на месечината не е многу голем. Дури и за програмата Аполо, само 53% од Американците сметале дека вреди. Денес 55% од Американците сметаат дека приоритет на НАСА треба да биде враќањето на месечината. 44% од испитаните изјавиле дека повторната посета на месечината е непотребна. Поголема поддршка има истражувањето на Марс со 63%, додека 91% од луѓето сметаат дека поважно е да се скенира небото за астероиди убијци.

Предизвиците над политиката

Астронаутите објаснуваат зошто сè уште не се вративме на месечината

Политиката не е единствената причина што се немаме вратено на месечината. Месечината е смртоносна стапица за луѓето и не треба да се потценува. Површината е полна со кратери кои претставуваат закана за безбедното слетување. До првото слетување на месечината, власта на САД потрошила милијарди долари за испраќање сателити на месечината со чија помош ќе ја мапираат и ќе ги најдат потенцијалните места за слетување.

Но поголем проблем е она што го предизвикале бројните удари од метеори – месечевата прашина. Месечината е покриена со слој прашина која е длабока и по неколку центиметри, која има електричен полнеж и е абразивна.

Постои проблем и со сончевата светлина. Речиси 14 денови по ред, месечевата површина е вистински пекол кој е постојано изложен на смртоносни зраци бидејќи месечината нема заштитна атмосфера. Следните 14 дена се тотален мрак и површината на месечината е едно од најстудените места во универзумот.

НАСА развива мал нуклеарен реактор чија цел е да ги снабди астронаутите со електрична енергија во текот на долгите месечеви ноќи. Од НАСА имаат дизајнирано и опрема отпорна на прашината, но не се знае дали оваа опрема е подготвена за лансирање.

Генерација милијардери љубители на вселената можат да отидат таму

Астронаутите објаснуваат зошто сè уште не се вративме на месечината

„Постои генерација милијардери кои се вистински фанови на вселената, а ова е одлично. Иновацијата која се случува изминатите 10 години за вселенските летови немаше да се случи ако беше само НАСА“, изјавил астронаутот Џефри Хофман.

Овде спаѓаат луѓето како Елон Маск и неговата компанија SpaceX, како и Џеф Безос кој има „тајна“ вселенска компанија наречена Blue Origin.

Многу астронаути сакаат да се вратат на месечината, а ова се совпаѓа со визијата на Безос. Тој сака да почне да ја гради првата лунарна база користејќи го новиот ракетен систем на неговата компанија. И Маск има зборувано за тоа како неговата ракета Big Falcon може да го олесни посетувањето на месечината. SpaceX можеби ќе ја посети месечината и пред НАСА или Blue Origin.

Астронаутите не се сомневаат дека ќе се вратиме на месечината и дека ќе отидеме на Марс, само е прашање на време.

Погледнете и кои се пречките што треба да се надминат на патот до Марс.

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар