Новинарка од Кафе пауза победник на конкурсот „Визија за европско Скопје“

Кристина Шумадиева е победник на конкурсот за краток новинарски есеј на тема „Визија за европско Скопје“, што беше распишан во рамките на мултимедијалната ноемвриска манифестација „Денови на европско Скопје“, организиран од страна на Дирекцијата за Култура и Уметност на Скопје во соработка со Делегацијата на Европската Унија во Македонија и Градот Скопје.

Прочитајте го есејот подолу

Новинарка од Кафе пауза победник на конкурсот „Визија за европско Скопје“

Пристигнатите трудови ги вреднуваше тричлено жири со состав: Томислав Османли, писател и новинар (претседател), Никола Глигоров, директор на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје и Елизабета Кузамановска, новинарка.

Од пристигнатите текстови, жирито со гласање првично селектираше пет најдобри трудови од кои потоа, ги избра трите наградени есеи. Петте финалисти на конкурсот „Визија за европско Скопје“ се авторите: Сунчица Николоска со есејот „Со локални ресурси до европско Скопје“, Тања Сарандеска со „Ноември во мојот град“ (трета награда), Бојан Шашевски со текстот „Скопје кога ќе порасне сака да биде европски град“ (втора награда), Анита Никушева-Јованчев со есејот „Мојот визионер“ и Кристина Шумадиева со текстот „Скопје е мој и твој град – ајде помогни да го направиме уште поубав! (прва награда)“.

Жири комисијата одлуките ги донесе едногласно.

„Eсејот ‘Скопје е мој и твој град – ајде помогни да го направиме уште поубав! плени со искрениот, автоироински и нагласен критички тон. Неговиот фокус е социјален колку и индивидуален. Тој е куса, горчлива, јадровито предадена исповед во која, речиси без анестезија, се искажани клучните проблеми на попречената европска преспектива на младиот човек и на градот. Со искреноста и со уверливоста на потходот, авторката ја заслужи првата награда на овој конкурс“, велат од жирито.

И останатите текстови на конкурсот ги исполнуваат: од една страна, чувствата на незадоволства од реалноста во која мачно опстојува главниот град; од друга, љубовта кон Скопје доживувано било како семеен роднокрај на нивната и на претходните генерации или пак, како место за кое авторите, не свртувајќи се кон минатото, сакаат да продолжат да ја живеат својата подобра иднина. Во сите тие доживувања, Скопје се појавува како повеќестрано отуѓен град којшто поради тоа, сѐ повеќе го напушта неговата младост. Со други зборови, дури и со оптимистички замислената тема „Визијата за европско Скопје“, среде оваа проблематична урбана, еколошка, комунална и социјална реалност, сосем разбирливо, авторите ги манифестираат проблемските аспекти, критичкиот став и загриженоста, заедно со несомнената љубов кон својот и кон нашиов така драстично снеубавен град.

На Скопје во принцип му е потребна нова идеја и нова визија и оттука, и оваа свежа енергија треба да се негува и да се ползува како конструктивен граѓански и критички одглас од новинарите како квалификувана, информирана и креативна структура, запазувајќи го конкурсот и стимулирајќи ги авторите за предочување на своите визии и во иднина.

Новинарка од Кафе пауза победник на конкурсот „Визија за европско Скопје“

Скопје е МОЈ и ТВОЈ град – ајде помогни да го направиме уште поубав!

13:30 часот. Пак не го чув алармот. Заглавив вчера до 5 сабајле, гледајќи американски ТВ серии – возбудливи, драматични – ништо слично на мојот досаден живот. Полека станувам, боли цел грб, едвај се поместувам. Влечејќи се кон тоалетот, ставам по 5 капки вода на секое око и одам да си сварам едно жестоко македонско кафе. Ѕиркам низ старата ролетна од прозорецот кој ги открива колоритните бои на есента во моето најубаво маало и се восхитувам на детскиот џагор, истоштените баби што трчаат зад нив и тој еден огромен сув лист, обоен во сите бои што паѓа точно пред моите очи.

Вечно романтична и заљубена во планетава што изумира, се враќам назад во реалноста и ја гледам густата магла што се насобрала како тесто. Паралелно, констатирам дека има премногу хиперактивни деца во Македонија, а тоа е психичко нарушување, за кое има чаре. Гледам како еден очаен пензионер фрла камен по прекрасното улично куче, на кое вчера вечер му дадов вечера, а тоа ми даде толку многу љубов, што заплакав од среќа! Почнувам да кашлам, онака хронично веќе подолго време и се прашувам дали скапите маски со активен јаглен ми бркаат работа за да го истерам некако денов или само треба дома да останам? Се присетувам дека истиот воздух и дома влегува, па сфаќам дека ми требаат едно 1000 евра за филтри.

А јас невработена! Не зашто не учев, бев неупорна или некреативна. Сѐ си завршив де! Новинарски студии, каде што ниеден од „идните новинари“ не научивме добро македонски јазик, па морав да отворам портал и таму да вежбам, заедно со сестра ми што емигрираше по светот и со Правописот. Голем дел не ни завршија факултет, останатите во друга дејност работат, а јас си грмев на познат скопски сајт, па на добар пат бев. Или не?!

Пари не правев! Ниту еден денар, а 2 години само куцав по тастатурата како да е клавир. Ама не ми е криво! Само љубов давав и примав, со секој нов клик. За испитите се тресев повеќе од кој било зашто ми беше тоа втор факс, првиот беше Економски – отсек маркетинг, од каде што се отпишав бидејќи не видов ни „М“ од креативен маркетинг во пракса, а особено зашто за некои испити дел од моите колеги си платија мито, а јас ниту сакав, ниту можев да си дозволам таков луксуз.

Се напнав, пари немам ни за едно Скопско пиво, а јас нели скопјанка, моите вечер пак ќе се расправаат зошто не биле одамна ни до Палма на сладолед и боза, па јас така под напон го „палам“ велосипедот, ставам маска против загадување и јурам низ дупките од тротоарот. Колите ќе ме згазат зашто на сите им се брза, а никој нема појма колку моќна девојка можам да бидам. Ја гледам прегазената мачка на Партизанска и плачам, го гледам бездомниот старец кој со солзи во очи проси, а јас немам што да му дадам освен тажна насмевка. Ги гледам и маалските кафани и се чудам зошто хранава што ја фрлаат не му ја дадат на дедово?! Забележувам и графити, ме смируваат, па се прашувам, зошто нема повеќе улична уметност во нашава метропола? Во ЕУ има, а ние ете за таму сме биле. Па си викам, може требаше Криста да научиш на некој инструмент да ѕ’мкаш, па со микрофончето правец во ГТЦ – никој пари да не ти остави!

Така, додека си ги „веслам“ педалите, си мислам да се преселам во Лондон кај сестра ми или да си фатам патот накај Азија и си викам: „Е НЕМА, јас ќе шетам низ цел свет, ама ќе се борам тука сѐ дур има грам страст во мене, ќе фатам фриленс проект, па ќе работам од бирото на татко ми од средно, во трета смена и за американски пазар. И данок на државата ќе платам, само 10% е! И тогаш отворив очи. Во 13:30 часот, исто како секое утро изминативе 3-4 години. Мајка ми ми е страшно лута, што сум толку неодговорна, а јас мислам на Будизам и на Јапонија…


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Читај на раат!
  1. Jasna USA Reply

    Cestitki 🙂

Остави коментар