Книга: „Посакувам да си тука“ - Франсеск Миралјес

Книга: „Посакувам да си тука“ – Франсеск Миралјес

Приказна за еден архитект, пејачка, тајна градина и секако, магијата на Париз!

Посакувам да си тука - Франсеск МиралјесНаслов на оригиналот: Ojalá Estuvieras Aquí – Francesc Miralles

Франсеск Миралјес (Барселона, 1968) е од оние автори кои долго лутале на професионален план испробувајќи се во различни улоги пред да се пронајдат во светот на пишаниот збор. Поминал цели 8 години во теолошко училиште за да сфати дека тоа не е неговиот повик, па се запишал на новинарство истовремено работејќи како келнер. Го искористил својот музички талент и научил да свири на пијано, а влијанието на музиката често се чувствува во неговите книги.

Повторно скршнува на професионален пат кога се запишува на студии по англиски јазик, а потоа целосно го менува правецот на својот живот кога ја напушта Шпанија и се сели во Хрватска и Словенија на одредено време. Всушност неговиот престој на Балканот се поклопува со турбулентно време во периодот на воените конфликти и секако искуството се одразува во голема мера врз неговите ставови кои подоцна ги пренесува и во книгата „Кафе Балканик“.

Повторно се враќа во Барселона и завршува германистика, станува уредник и сè поинтензивно се занимава со пишување. Пишува книги за деца, за возрасни како и бројни статии и патописи. Книгата со која што дефинитивно се пробива на сцената е „Љубов со мали букви“.Посакувам да си тука - Франсеск Миралјес

Синопсис

Кога девојката со којашто се забавуваш 7 години ќе ти раскине на твојот 30-ти роденден и ќе замине со твојот колега и пријател, го правиш единственото логично нешто – се затвораш дома, во депресија и слушаш меланхолична музика од некоја Французинка за која никогаш порано не си слушнал. Но, додека нормалните луѓе слушаат песни и си плачат на перница кога ќе се пронајдат во некој срцепарателен стих, Даниел успева да си го пронајде целиот свој живот во новиот албум кој го добива на подарок од својата пријателка. Џез музиката на Ева Винтур, Французинка со магичен глас, буквално го обзема до тој степен што почнува да мисли дека е напишан токму според неговиот „глупав“ живот! И повторно, го прави следното логично нешто – открива каде е нејзиниот следен концерт и купува билет за првиот авион за Париз. А во Париз, приказна којашто никогаш не очекувал дека ќе ја открие.

Од апсурдната барокност на францускиот хотел, па низ тесни улички и мали кафулиња со интересни приказни, сè до еден „концерт“ и пејачка која дефинитивно е различна од очекувањата, а сето ова проследено со прекрасни стихови и музика која постојано ја слушате некаде во позадината на вашата свест. И да, тајна за една тајна градина која го растргнува сето она на коешто читателот се надева и на крај ги спојува парчињата во една магична, несекојдневна љубовна приказна.Посакувам да си тука - Франсеск Миралјес

Лична критика

Признавам, книгава ја избрав од сосема погрешни причини, не беше премногу скапа и не беше премногу голема. Поради сите обврски кои никако не стигав да ги завршам навреме, се најдов себеси пред рафт и тоа во маркет (каде што апсолутно никогаш не купувам книги) и со само неколку дена време за читање. И многу сум среќна што немав време да одам до библиотека и што по игра на случајностите ова прекрасно дело заврши во мојата мала библиотека. Никогаш претходно немав слушнато за писателот, но дефинитивно ќе барам негови книги во иднина затоа што човекот е феноменален. Секогаш одново ме воодушевуваат авторите кои почнуваат со веќе извикани и типични приказни (раскинал, депресија, Париз, бла бла) и завршуваат со приказна која долго ќе ви го грее срцето и ќе ви мами насмевка. А тоа ми се случи во автобус додека ја читав, се фатив себеси како се смешкам!

Ликовите се одлично изградени, дијалозите се интелигентни и живи, мислите на Даниел ве засмејуваат и ве растажуваат, а описите се доволни за кратко да ве пренесат во Париз. Ми се допадна спојот на еден модерен и алтернативен Париз и приказните за Кафе де Флор, Сартр и Симон де Бовуар кои се неизбежен шмек на градот. И она што дефинитивно ме освои, фактот дека Франсеск Миралјес е музичар и својата љубов кон добрата музика ја пренесува и низ редовите на оваа книга. Додека ве шета низ Елисејските полиња ќе направи некаде низ вашата свест да се вртат неповторливите Пинк Флојд, Рејдиохед, Дорс, Анри Салвадор и со тоа го подига уживањето на едно повисоко ниво. Книгава дефинитивно не се чита без добра музика во позадина. И за крај:

„Набргу ќе сфатам дека правата линија не е неминовно и најкусото растојание меѓу две точки. Има одредишта во животот до кои се доаѓа преку многу обиколници кои бараат особена вештина на кружно движење, сè додека не наидат на влез во светот што се наоѓа во тоа одредиште, сокриен зад круговите, што дотогаш не си ги познавал.“



Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

Остави коментар