Книга: „Малиот принц“ – Антоан де Сент-Егзипери

Книга: „Малиот принц“ – Антоан де Сент-Егзипери

1-kniga-maliot-princ-antoan-de-sent-egziperi-kafepauza.mk„Малиот принц“ е најпознатиот роман на Антоан де Сент Егзипери, објавен во 1943-та година. Иако замислена како книга за деца, оваа филозофско-лирска сказна, прави повеќе длабоки и идеалистички поенти за животот и човековата природа, со што претставува неповторливо четиво не само за децата, туку и за читателите од сите возрасти. Во општество полно со гордост, суета и лажни вредности, оваа книга ќе ве потсети на важноста на љубовта, пријателството, одговорноста и приврзаноста во градењето на подобар живот, а со тоа и на подобар свет.


Доделуваме 2 книги во соработка со Издавачкиот центар ТРИ


На почетокот, нараторот, кој раскажува во прво лице, се навраќа на своите први цртежи и на неуспешниот обид да биде сликар, по што станува авијатичар. Поради дефект на авионот, тој е принуден да се спушти среде пустината Сахара каде што ќе го сретне малиот принц, кој на Земјата е дојден од друга планета, астероидот Б 612. Особено важни се меѓупланетарните патувања на принцот, кои отвораат цела галерија портрети на луѓе, што својот живот го посветиле на безумни цели: крал кој управува со илузорна империја, вообразеник опиен од суета, бизнисмен занесен со сметање на ѕвезди итн. Кога веќе еднаш стигнува на Земјата, принцот се соочува со уште една група симболи, кои се во улога на подучувачи и морализатори. Се чини дека најважна од сите е лисицата, која на принцот му открива една голема тајна, која како да ја носи суштината на целото дело:

„…човек гледа добро само со срцето. Најсуштественото е невидливо за очите.“

И така, принцот доаѓа до сознанието дека времето што го загубил за неговата ружа е она што ја прави толку значајна и поразлична од многуте расцветани ружи во градината, кои иако убави, се неприпитомени и празни. Кога недостигот од вода во пустината станува алармантен, принцот му го открива на пилотот неисцрпниот извор, богатството што секој го носи во себе. Наскоро доаѓа часот на нивната разделба. Обземен од споменот за своето цвеќе, принцот ја замолува змијата смртоносно да го касне, зашто само така ќе може да ја напушти Земјата и да се врати онаму од каде што доаѓа.

2-kniga-maliot-princ-antoan-de-sent-egziperi-kafepauza.mk

За да ја открие смислата на животот, малиот принц никогаш не престанува да поставува прашања. Авторот, усогласувајќи го својот светоглед со штедрата фантазија на детето, ја наоѓа волшебната формула за излез од агонијата на еден свет, лишен од вистинските вредности, каде владее грубиот рационализам и извештаченоста на возрасните. Преку ликот на принцот, се оживуваат квалитетите и доблестите, кои му даваат смисла и содржина на животот. Тој лесно стекнува пријатели, чесно ги исполнува обврските, има храбро, благородно срце и разумен поглед кон светот. Трудољубив е, постојан во својата приврзаност и без алчни или агресивни стремежи.

Едноставноста на раскажувачкиот тон, езотеричниот јазик, ненаметливоста на репликите и навидум наивните цртежи и акварели, се оние што ја кројат необичноста на „Малиот принц“, за кој несомнено се можни безброј интерпретации. Ќе уживате во едноставниот стил на кој е напишана книгата и ќе ве натера да се запрашате дали можеби и вие несвесно сте станале дел од грубиот, рационален свет на возрасните, целосно отуѓени од детскиот светоглед. Ќе ве натера да се преиспитате и да сфатите дека чувството на пожртвуваност, одговорност и солидарност во остварувањето на одредена хумана цел, му помагаат на човекот, најпрвин да стане господар на самиот себеси, а потоа во заедница со другите луѓе и господар на целиот свет.

Книжарница ТРИ, ГТЦ, I кат
тел: 02/3238-722
knizarnica@kniga.com.mk

За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдТРИ и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до среда, 16 јули 2014.

Добитниците ќе бидат известени преку профилите на Кафе пауза на Фејсбук, Твитер и на Пинтерест.

Наградите ќе можете да си ги подигнете со документ за лична идентификација во книжарницата ТРИ.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран преведувач и толкувач. Непоправлив перфекционист. Љубопитна, интуитивна и насмеана. Ја сака уметноста и културниот живот. Идеалист. Верува во астрологија, убаво утринско кафе и позитивно размислување.

Поврзани содржини

Остави коментар