Книга: „Љубов со мали букви“ – Франсеск Миралјес

Забавна и нежна приказна за љубовта и пријателството, што ќе ве трогне со малите тајни на среќата

2-kniga-ljubov-so-mali-bukvi-fransesk-miraljes-kafepauza.mk„Љубов со мали букви“ е дело на каталонскиот писател, есеист, музичар и преведувач, Франсеск Миралјес. Станува збор за симпатичен роман, кој ја проблематизира современата урбана осаменост и секогаш постоечката човекова потреба за љубов и пријателство.

Со внимателно одбраните цитати од историјата на светската книжевност, западната и источната филозофија, како и галеријата од неверојатно сугестивни ликови, Миралјес создава дело што несомнено отвора нови хоризонти кај читателот, како за размислување, така и за дејствување.



Доделуваме 2 книги во соработка со Издавачкиот центар ТРИ


Уште од првите страници, сосема лесно и ненаметливо сме внесени во приказната на триесет и седумгодишниот професор по германска книжевност Самуел де Хуан – своевиден осаменик во постојан страв од ненадејна смрт, кој се буди уверен дека ни таа Нова година нема да му донесе ништо ново. Меѓутоа, еден мал четириножен посетител влегува во неговиот самечки живот, со цврста намера и да остане во него. Доаѓањето на Мишима, младиот уличен мачор, е почеток на чудесните последователни промени во херметичкиот свет што главниот јунак го создава за себе – првиот мал чекор кон љубовта во мало… Чекор по чекор, Самуел де Хуан го напушта својот тивок свет на книги, музика и филмови, преселувајќи се во свет на „густо населена, бучна осаменост“.

Благодарејќи на лукавиот мачор, Самуел ги запознава необичниот Валдемар, поранешен физичар кој е преокупиран со тајните на Месечината и на човековата душа, стариот сосед Титус, собирач на инспиративни пораки за животот и секојдневната магија, убавата и осамена ветеринарка и светот на случајностите што ќе го вратат триесет години наназад, во замокот на „бакнежот на пеперугата“ и кај Габриела, осамената жена на неговиот живот.

1-kniga-ljubov-so-mali-bukvi-fransesk-miraljes-kafepauza.mk

Сето ова го прави „Љубов со мали букви“, наизглед обичен роман, кој одлично ја постигнува првичната цел на авторот да даде портрет на осаменоста кај современиот човек, при што егоцентричноста е само последица, а не зло. Самуел де Хуан, кој е главниот носител на оваа идеја, постојано размислува за себе, за своите постапки, не успева да биде природен при контактите со луѓето, иако во него постојано тлее потреба за блискост, љубов и пријателство. И додека е убеден дека Новата година нема да му донесе ништо ново, сосема случајни мали гестови на добрина и внимание кон упорната мачка, а потоа и кон другите луѓе во светот, го носат до жената на неговиот живот, чие задржување е условено токму од негувањето на „љубовта во мало“.

Појавувањето на мачката во животот на Самуел, го втурнува во низа причинско-последични случувања, кои полека го вадат од досадниот и безличен микрокосмос и му влеваат надеж за конечно пронаоѓање на љубов и топлина. Миралјес на оваа сериозна тема не ѝ приоѓа тажно и грандиозно како што повеќето очекуваат, туку напротив целата приказна ја прави лесна и забавна, упатувајќи порака дури и до најбезнадежните и осамени души дека сепак ништо не е изгубено и дека со свесност, труд и обрнување внимание на малите нешта во животот, може да се отвори патот кон личната трансформација. Неслучајно на самиот почеток се вели:

„Уживај во малите работи, можеби некогаш ќе се обѕрнеш и ќе сфатиш дека биле големи.“

Покрај овој цитат на Бролт, читајќи ја книгата ќе уживате и во многу други внимателно избрани мисли од бисерите на светската книжевност, како: Гете, Хесе, Пессоа, Кафка, Рилке итн., зачинети со извонредниот вкус на Самуел за музика, стрип, филмови, кои отвораат едно цело културно пространство, а се обидуваат да ја прикажат доблесната страна на тоа да се биде сам и одвоен од светот. Тие ја создаваат духовната поткрепеност на Самуел, со што тој многу лесно ќе ги разбере знаците на судбината и ќе реши конечно да го следи патот кон „новото јас“ во „гласната и бучна осаменост“.

Книжарница ТРИ, ГТЦ, I кат
тел: 02/3238-722
knizarnica@kniga.com.mk

За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдТРИ и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до среда, 13 август 2014.

Добитниците ќе бидат известени преку профилите на Кафе пауза на Фејсбук, Твитер и на Пинтерест.

Наградите ќе можете да си ги подигнете со документ за лична идентификација во книжарницата ТРИ.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран преведувач и толкувач. Непоправлив перфекционист. Љубопитна, интуитивна и насмеана. Ја сака уметноста и културниот живот. Идеалист. Верува во астрологија, убаво утринско кафе и позитивно размислување.

Поврзани содржини

Остави коментар