Книга: „1Q84“ – Харуки Мураками

1-kniga-1q84-haruki-murakami-kafepauza.mkМожеби е неблагодарно да си мислиш дека го познаваш делото на некој автор по само две-три прочитани книги, но морам да признаам дека веќе имав оформено мислење и со тоа и очекувања за книгите на Харуки Мураками. По „Јужно од границата, западно од сонцето“ и „Норвешка шума“ во кои се заљубив уште на првата страница, нестрпливо чекав да ја прочитам и неговата популарна трилогија „1Q84“. Моментот дека станува збор за делумно научна фантастика, а дел љубовна приказна, не ме изненади, земено предвид дека со тој микс во поблага варијанта експериментира во „Јужно од границата, западно од сонцето“. Но, не очекував дека ќе наидам на толку добар трилер со кој целосно ќе се опседнам и нема да посакам да го испуштам од рака.

Би требало уште на почеток да нагласам дека иако станува збор за три дела, книгите не претставуваат целина сами за себе. На пример, за разлика од „Игрите на гладните“ каде што секоја книга од трилогијата има некаков вид завршница која го задоволува читателот до следната книга, тука деловите се непрекинато поврзани и приказната продолжува без некакви временски разлики или екстремни настани. Дури, секоја книга е обележана со временскиот интервал којшто го опфаќа, па така случувањата во првата книга се сместени во периодот април – јуни 1984 година, а втората и третата продолжуваат веднаш потоа.


Доделуваме 2 книги во соработка со Издавачкиот центар ТРИ


Централните ликови во првата книга се Тенго и Аомаме, коишто навидум живеат сосема различни и одвоени животи, но низ приказната дознаваме дека нивните судбини се поврзани со некоја тенка нишка којашто станува сѐ повидлива и нераскинлива. Карактеристиките на ликовите идеално се надополнуваат и контрираат во исто време, Тенго е пасивниот а Аомаме е активниот лик, но приказната се развива благодарение на движечката сила која всушност кај двајцата потекнува од истото место. Мураками во првата книга одвојува значителен дел за внимателно да ги изгради нивните различни светови (во буквална смисла, како што ќе откриеме подоцна) и ги нијансира со неверојатна внимателност. Сите случувања од детството кои ги претвориле во ликовите со кои се запознаваме, сите индивидуални карактеристики и останатите ликови со кои комуницираат, подоцна совршено се вклопуваат во приказната која следи.

2-kniga-1q84-haruki-murakami-kafepauza.mk

Аомаме е силна но повлечена девојка, инструктор по боречки вештини со исклучителен талент за допир, масажа и акупунктура. Нејзините родители биле религиозни фанатици, кои ѝ ги наметнувале сопствените верувања и ја лишеле притоа од нормално детство. На само 10 години Аомаме носи одлука да живее различен живот од нејзините, и со текот на времето се одвојува целосно. Нема блиски пријатели и роднини, нема момче, само повремени љубовници за една ноќ, па токму поради тоа не размислува многу кога ќе добие покана да биде член на тајна организација која ликвидира насилници. Опасни мажи, кои ги малтретираат своите жени и деца и кои се закана за сите околу нив. Не е легално, не е безбедно, можеби не е ни морално, но во очите на Аомаме, тоа е шанса да го искористи својот талент и да ги пресели типовите на некој друг свет. Затоа што Аомаме, поседува посебна вештина… скриено во плакарот во нејзината спална соба, шило со остар врв кое забодено во вистинската точка претставува безболно убиство коешто не може да се открие. Нејзината нова мета е на повидок, водич на позната организација која функционира како комуна, навидум идеално општество каде што членовите се занимаваат со земјоделство, медитација и наука настрана од хаотичните метрополи. Секта и машинерија за перење пари под превезот на утописка организација, чиј водач малтретира и силува мали девојчиња. Аомаме не размислува два пати.

Тенго е професор по математика, генијален ум со дарба за пишување. Сонува да објави своја книга, но во меѓувреме работи и за списание кое објавува дебитантски дела и доделува награди. Читајќи туѓи книги кои секоја година ја добиваат наградата пред неговата, Тенго не е фрустриран ниту лут, мирно ги чека неговите пет минути слава. Токму поради тоа, изненадува храброста овој пасивен лик да ја прифати понудата на неговиот уредник, да преработи генијално дело од седумнаесетгодишна писателка, сигурен бестселер со наслов „Кукла од воздух“, оригинална приказна но лошо напишана. Покрај очигледната измама, предизвикот не е само во тоа да се преработи туѓо авторско дело, туку да се спакува и да се продаде како дело на тинејџерка која всушност има дислексија, не може правилно да зборува и да пишува, а како малечка израснала во некоја комуна од која подоцна избегала. Згора на тоа, девојката тврди дека случувањата од книгата се реални.

Тука веќе се насетува главната врска која на крајот сепак ќе ги поврзе Аомаме и Тенго, како и малите попатни знаци дека тие двајца делат иста судбина. Но има еден мал проблем, мрежа која Мураками ја ткае низ првата книга, но не ви дозволува да дознаете за што всушност станува збор. Ако можеме да им веруваме на случувањата и на попатните знаци, главните ликови всушност живеат во различни светови. Аомаме е таа која го открива феноменот (одеднаш се буди во свет со две месечини) и се решава на годината во која е сместена приказната да ѝ даде ново име 1Q84. Во јапонскиот јазик буквата Q и бројката 9 се изговараат исто. Кога 1Q84 ќе се изговори на јапонски се добива 1984.

Не сум сигурна дали досега имам сретнато дело кое обработува толку различни аспекти и посветува прецизно определено време на секој од нив, во идеални моменти од приказната. Мислам дека не би знаела да одвојам нешто што ми оставило најмногу впечаток или коешто особено ме привлекло, едноставно не е можно со вакво комплетно дело. Секоја добра книга ве вовлекува во нов свет, затоа и ги сакаме книгите. Но Мураками ве вовлекува во паралелни светови, а вие ќе сакате да впиете што е можно повеќе и од двата. Втората книга веќе ме освои, а третата трпеливо ме чека на полицата. Драги мои, ова е дело кое не смеете да го пропуштите.

Книжарница ТРИ, ГТЦ, I кат
тел: 02/3238-722
knizarnica@kniga.com.mk

За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдТРИ и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до среда, 30 јули 2014.

Добитниците ќе бидат известени преку профилите на Кафе пауза на Фејсбук, Твитер и на Пинтерест.

Наградите ќе можете да си ги подигнете со документ за лична идентификација во книжарницата ТРИ.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

Остави коментар