Турското кафе – дел од македонското секојдневие

Турското кафе – дел од македонското секојдневие

Веќе е потврдено дека Македонците страствено уживаат во кафето, тоа е дел од нашето секојдневие. Турското кафе не е само пијалак, тоа има долга историја, посебни начини на подготовка и конзумирање, дури и традиција за „гледање на кафе“ и предвидување на иднината. Не е ни важно кој колку верува во она што му го предвидува талогот во филџанот, битно е тоа дека вкусот и миризбата на ова кафе се вистинско уживање.

Турското кафе – дел од македонското секојдневие

Кратка историја на турското кафе

Кафето било донесено во Турција пред четири и пол века, кога во Истанбул било претставено кафето Арабика. Ова кафе набрзо станало многу популарно, а отоманската империја го донела најпрво во Венеција, потоа во Лондон и Париз, додавајќи му го епитетот „турско“. Културата на турското кафе, пред сè симболизира посебен ритуал на правење на кафето. Иако постојат различни ритуали и начини на подготовка, а многу од нив се промениле со тек на време, сепак вистинските љубители на кафето во Турција, сè уште се придржуваат кон старите традиции.

Турското кафе – дел од македонското секојдневие

Значајна улога во градењето на традицијата на турското кафе имаат жените. Еден познат обичај диктира и по малку стереотипна ситуација, во која семејството на младичот, доаѓа во посета на домот на идната невеста. Девојката им вари кафе и ги послужува. Според традицијата, тоа е единствената можност за девојката да го искаже своето мислење. Таа може да го направи кафето благо, што би значело дека се согласува или горко, со значење дека одбива. Може дури и да го направи со сол, за да им даде до знаење дека идејата за брак со тој човек воопшто не ù се допаѓа.

Иако турското кафе сега се пие со засладувачи, најчесто со додавање шеќер, во минатото се пиело исклучиво горко. Луѓето го засладувале со јадење на нешто благо заедно со кафето, како алва, локум, слатко или засладени овошни сокови.

Турското кафе – дел од македонското секојдневие

Турските кафетерии

Откако кафето станало многу популарно, насекаде низ Турција биле отварани кафетерии и малечки продавници за печење на зрната кафе. Печењето на кафето се нарекува „Tahmis“, а и во денешно време постои улица наречена Тахмис, на пазарот за египетски зачини во Истанбул. Многу од продавниците за кафе, постојат на оваа улица повеќе од 460 години.

Турското кафе – дел од македонското секојдневие

Турските кафетерии можат да се поделат на два вида: нови и стари кафетерии. Новите се многу поразлични од старите, каде се внимава на традицијата сè до најситен детаљ. Првата кафетерија била отворена во времето на султанот Сулејман Величествениот. Луѓето кои ги посетувале, биле образовани и угледни личности, а најчесто доаѓале за да играат игри, да читаат книги или само за да се видат и да направат муабет. Наскоро во кафетериите почнале до одат и високите службеници, свештениците, невработените и пензионерите. За време на владеењето на султанот Мурат III кафетериите биле забранети, но забраната била укината за време на владеењето на наредните султани.

Турското кафе – дел од македонското секојдневие

Исто така, се отворале и многу кафетерии со декоративни базени, за кои Османлиите верувале дека имаат благотворна моќ. Подовите им биле украсувани со шарени теписи и ќилими, а базените биле поставувани во средина на кафетериите. Ваквите објекти биле градени на најубавите места со панорамски погледи на градот.

Кафетериите биле финансирани и помогнати од страна на локалните богати и угледни личности. Со воведувањето на тутунот, посетеноста на овие места се зголемила. За канаринците се верувало дека носат среќа, па во кафетериите имало по 30 или 40 кафези со птици. Традицијата на големи и раскошни кафетерии претрпела голем удар и голема промена со укинувањето на јаничарскиот ред.

Турското кафе – дел од македонското секојдневие

Денес насекаде низ Турција има стотици илјади кафетерии, кои се различни од оние во минатото, бидејќи модерното се вметнало во традиционалното. Посетителите во многу наврати порачуваат чај наместо кафе или некој друг пијалак, но сепак, кафето се конзумира во најголеми количини. На овие места, луѓето одат да се опуштат, да се видат со пријателите, да го поминат своето слободно време, но пред сè да се напијат филџан турско кафе.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар