Филмови адаптирани според најпознатите светски класици

Филмови адаптирани според најпознатите светски класици

Никогаш не ја оценувај книгата по филмот. Кога станува збор за светските класици сите помалку или повеќе ја знаеме приказната на протагонистите, но тоа не нè спречува повторно да уживаме во неа. Постојат многу филмски верзии на класиците, некои повеќе а други помалку добри. Сепак некои режисери, костимографи и сценаристи вложиле голем напор филмот да го направат приближно добар колку и самата книга и да ни ја презентираат целосната слика. Ова е листа на оние кои успеале во тоа.

1. Оркански височини (Wuthering Heights), 2009

(Трејлер) Љубов, одмазда, гнев, лутина, каење… Емили Бронте преточува толку многу емоции во еден здив, но нажалост не доживеала да види каков успех постигнала со својата прва и единствена објавена новела „Оркански височини“. За резервираното англиско општество во 19-ти век, тешко било да се „свари“ дело каде толку „голо“ се извајани страстите и љубовта. Како и многу други познати имиња и дела, Бронте со нејзините оркански висови станува позната и почитувана дури многу подоцна. Како и да е, станува збор за една неверојатна готска романса која ќе ве остави без здив. Преплетот на настаните ги прави Кетрин и Хитклиф, протагонистите во новелата „Оркански височини“, едни од најкомплицираните ликови во светската литература. Двајца кои буквално стануваат еден, и кога едниот од нив го напушта овој свет другиот го повикува вечно да го гони и да не му дава мир.

Филмови адаптирани според најпознатите светски класици

Готската љубов на Кетерин и Хиткилф доживеа бројни филмски остварувања, а меѓу поновите се оние од 2009 и 2011 година. Реално многу е тешко да се режира филмската адаптација на толку длабоки и комплицирани ликови, па очекувано е човек со доза на скептицизам да стисне плеј на некоја од филмските верзии. Сепак, би ви ја препорачала верзијата од 2009 каде Том Харди и Шарлот Рајли ги играат главните улоги. Филмот е поделен во два дела и ја опфаќа целата содржина на „Оркански височини“, не концентрирајќи се само на љубовта и судбината на Кетрин и Хитклиф, туку и на онаа на нивните потомци. Просто ќе ве остави без здив, речиси исто колку и самата новела.

2. Разум и чувства (Sense and sensibility), 1995

(Трејлер) Џејн Остин првично го насловила ова дело како „Елинор и Маријана“, кои се всушност имињата на двете сестри, главни ликови во новелата напишана под псевдонимот Дама. Двете сестри се како небо и земја – едната водена од чувства и инстинкти, а другата од здравиот разум, нормите и правилата. Ова дело е едно од првите кои зборуваат за женските страсти и чувства и сосема заслужено си има свое место во полицата на светските класици. Џејн Остин е една од најомилените романсиери и сатиристи во британската книжевност, а со нејзината вештина умее и денешните љубители на убавата литература да ги врати во 18-тиот век, да им го претстави тогашниот начин на живот, како и верувањата, желбите, проблемите и предизвиците на младите девојки.

Филмови адаптирани според најпознатите светски класици

Филмската верзија од `95 ја промовираат звучни актерски имиња како Кејт Винслет и Ема Томсон (во улога на сестрите), и Хју Грант и Алан Рикмен (во улога на додворувачи). Иако познатите имиња на филмското платно не секогаш навестуваат добар филм, оваа филмска адаптација е прилично задоволувачка бидејќи и самите актери така моќно и реално ги доловуваат ликовите и го претставуваат тој голем контраст меѓу разумот и чувствата.

3. Онегин (Onegin), 1999

(Трејлер) Во никој случај не би смееле да ги изоставиме руските класици од оваа листа, а кога ќе помислиме на руската литература, меѓу првите ликови во нашите мисли излегува ликот на Александар Сергеевич Пушкин, или попрецизно оној на Евгениј Онегин – производ на богатата писателска имагинација на Пушкин (или можеби одраз на самиот Пушкин?).

Онегин е млад џентлмен, прилично опседнат со својот изглед. Живее богат живот полн со балови и културни збиднувања и сосем слободно кажано, жените „паѓаат“ на него. Како капак на сè добива богато семејно наследство и заминува да живее на село. Но тој е темпераментен, сака да го живее животот во полн ек, не сака да се ограничува со љубовта на само една жена и бргу му здодева животот на село. Поради истите причини ладно ја одбива љубовта на убавата Татјана. По неколку години патување се враќа назад за да дознае дека Татјана е омажена и живее богат и удобен живот. Токму тогаш почнува да ја посакува повеќе од што било на светот.

Филмови адаптирани според најпознатите светски класици

Во филмската верзија од 1999, ликот на Татјана возвишено го доловува убавата и талентирана Лив Тајлер. Една од последните сцени во филмот, кога Татјана ја одбива љубовта на Онегин сакајќи да му остане верна на својот сопруг, е една од највпечатливите и најтрогателни сцени на филмското платно.

4. Џејн Ер (Jane Eyre), 2011

(Трејлер) Новелата го раскажува животот на Џејн Ер во етапи почнувајќи со нејзиното тешко детство во домот на нејзините роднини. По смртта на нејзините родители, Џејн Ер живее со тетка си и братучедите кои ја малтретираат и омаловажуваат. Потоа е испратена да стекне образование во религиско училиште за девојчиња каде стекнува пријатели, но и понатаму се соочува со суровост (тука ја забележуваме критиката на Шарлот Бронте за религиските претставници и учители во тоа време). Од таму Ер заминува да работи како дадилка и учителка во куќата на Едвард Рочестер кој е совршен пример за бајронов херој и воедно чува мрачна тајна. Иако Џејн Ер е предупредена дека тешко е една гувернанта да стане жена на господарот, таа дозволува да биде понесена од чувствата…

Филмови адаптирани според најпознатите светски класици

Во филмската адаптација од 2011, улогата на Џејн Ер ја игра Миа Восиковска која така беспрекорно го презентира ликот на млада и нежна девојка која копнее по љубов и заштита, и по малку наивно се вљубува во шармантниот Едвард.

5. Ана Каренина (Anna Karenina), 1997

(Трејлер) Концентрирајќи се на семејните вредности, верноста и социјалните промени и влијанија во Русија во 19-ти век, Толстој изработува чиста перфекција во руската литература која е тешко да се надмине. Ана е растргната меѓу два света и двајца мажи – едниот кој официјално е нејзин сопруг ѝ нуди завидлив социјален статус додека другиот ја опсипува со страст и желба за слободен живот.

Филмови адаптирани според најпознатите светски класици

Во филмската верзија од 2012, улогата на Ана Каренина ја игра познатата Кира Најтли. Иако филмот има добиено многу номинации и награди, верувам дека верзијата на „Ана Каренина“ од 1997 многумина би ја оцениле како подобра. Сепак, и двете верзии имаат свои предности. И во двете улогата на Каренина е беспрекорно доловена. Постарата повеќе се концентрира на самата содржина како и на другите теми настрана од трагичната судбина на Каренина. Гледајќи ја поновата верзија пак, може да уживате во прекрасни костими и накит, и таа совршено ја доловува атмосферата од 19-ти век.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

  1. Даниела Reply

    Многу добра статија, но погоре споменатите книжевни дела не се новели туку романи. И роман и новела се прозни, наративни литературни дела, само што новелата е кратко дело и најчесто опфаќа еден настан од нечиј живот и вклучува помалку ликови, додека пак романот е долго лит.дело каде што се опфатени повеќе ликови и повеќе настани.
    Можеби настанала забуна при преводот на зборовите од англиски на македонски, бидејќи на англиски роман е novel, а новела е novella.
    Поздрав.

Остави коментар