Запознајте ја Невена Тодоровска – талентираната млада фотографка од Битола

Невена Тодоровска доаѓа од градот на конзулите – Битола. Таа е студент на Техничкиот Факултет, на отсек Енергетика. Себеси се смета за голем бунтовник, особено кога станува збор за „модерното“ општество во коешто живееме, каде што владеат непотизам, неправда, безредие и голем број други непријатни нешта. Токму затоа, како и повеќето млади Македонци, и таа ја гледа својата иднина надвор од татковината. Невена активно се занимава со спорт, особено со велосипедизам и атлетика. Еден од најголемите успеси што ги има постигнато е завршувањето на ланскиот Скопски маратон на 21 километар.

Таа уште од најмала возраст имала голем интерес за фотографијата како посебна уметност. Татко ѝ исто така сака да фотографира, па затоа и нејзиното семејство поседува повеќе од 7 фотоапарати. Нејзиното прво искуство со фотоапарат било на 10-годишна возраст, а денес, на своите 22 години, може слободно да се пофали дека е член на Фото Кино Клубот од Битола и Фото Сојузот на Македонија. Невена учествувала на повеќе изложби, домашни и интернационални. Има клупска титула Ф3 (фотограф од 3 класа), а оваа година собрала доволно бодови и за Ф2 титула (фотограф од 2 класа).

Погледнете ги нејзините фотографии во продолжение и уживајте.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Nevena Todorovska (@nevena_todorovska) on

1. Колку време се занимаваш со фотографирање и какви видови фотографии најмногу уживаш да правиш? И каква улога имала фотографијата при оформување на личноста којашто си денес?

Родителите ми го купија првиот фотоапарат на 14-годишна возраст, и веќе скоро 8 години активно се занимавам со фотографија. Најмногу сакам да правам фотографии со пејзажи. Јас лично мислам дека начинот на фотографирање е израз на карактерот на личноста. Уличните фотографиите исто така ми се омилени, па скоро секој ден се движам на најпрометната улица за пешаци во Македонија, Широк Сокак, и имам навика да фотографирам некој постар човек како пие кафе или деца коишто си играат. Преку мојот објектив имам видено многу убави, но и незгодни моменти. Па, можам слободно да кажам дека фотографијата, во позитивна смисла на зборот, влијае многу на моите видувања на светот.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Nevena Todorovska (@nevena_todorovska) on

2. Секоја твоја фотографија изгледа како да е внимателно одбрана и направена со специфична причина. Дали би сакала да нè одведеш на твоето креативно патување и да ни кажеш што е тоа што го бараш во секоја сцена за фотографирање?

Да, се сложувам со тоа, секоја фотографија којашто е на мојот Инстаграм профил е од мојата мобилна фото-галерија и настанала во моментот кога сум била на одредена локација. Затоа мојот профил е и многу разновиден – содржи и црно-бели и колор фотографии.

Имам разработено многу теми досега. Посебно задоволство ми претставува кога ќе отидам во викендичката во селото Сирхан, бидејќи таму го имам најубавиот поглед кон Преспанското езеро и кон Националниот парк Галичица. Токму таму и се направени моите омилени фотографии.

Кога правам пејзажна фотографија, најважен е моментот на создавање на истата. Кога правам улична фотографија, важноста да се погоди вистинскиот момент уште повеќе доаѓа до израз.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Nevena Todorovska (@nevena_todorovska) on

3. Изгледа како да имаш длабока поврзаност со природата и дека токму тоа ти служи како инспирација за работа. Дали оваа поврзаност отсекогаш постоела во твојот живот или пак, ја откри со помош на фотографијата?

Уште од мала сум голем љубител на природата, бидејќи не ми годи градскиот метеж. Затоа и уште пред 3 години си имам зацртало своја лична цел кон која се стремам, а тоа е да посетам барем 70% од Националните Паркови во Европа и во Австралија. Бидејќи доаѓам од Битола, каде што во просек секој Битолчанец пие по 102 килограми кафе во својот живот, мојата втора лична цел е да вкусам барем 80% од сите кафиња што постојат во светот.

Според мене, Македонија е една од најубавите држави во Европа кога станува збор за природни убавини, а градот Битола ја има најубавата местоположба. За 10 минути сте на скијање на Пелистер или Ниже Поле, за 30 минути сте на плажа во Преспа и за 45 минути сте во нашиот најубав бисер – Охрид. Природата е најубава за сликање, таа е дар од Бог и ние треба да ја чуваме и да ја штитиме ако сакаме да живееме. Таа е извор на кислород.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Nevena Todorovska (@nevena_todorovska) on

4. Пејзажите доминираат на твојот Инстаграм, но меѓу нив се истакнуваат и портрети на луѓе и животни. Имајќи го на ум тоа што сакаш да го покажеш со твојата фотографија, што според тебе е потешко за фотографирање, луѓето или животните?

Најтешки за фотографирање се луѓето затоа што секој човек има своја лична приказна и кога позираат, свесно или несвесно пред мојот објектив, секој на свој начин ја доловува насмевката или тагата. Сакам да фотографирам среќни луѓе, бидејќи кога тие се среќни, јас сум уште посреќна. Многу се радувам за убаво направен портрет и се радувам на реакцијата којашто ќе ја видам од лицето што го имам фотографирано.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Nevena Todorovska (@nevena_todorovska) on

5. Имаш објавено многу фотографии, но дали има една која се издвојува меѓу сите нив? И зошто?

Секако дека имам омилена фотографија, ги има повеќе искрено, но една се издвојува. Како голем обожавател на филмот, особено на македонската кинематографија која е богата и треба да ја негуваме, јас сум редовен гостин на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“, уште од мои 15 години. Оваа година ми беше особено драго затоа што имав акредитација за фотограф на Браќа Манаки фестивалот, и таму ја направив мојата најомилена фотографија од оскаровецот Роџер Дикинс.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Nevena Todorovska (@nevena_todorovska) on

6. Светот е полн со неверојатни локации. Дали имаш откриено некои помалку познати дестинации што се навистина вредни за фотографирање, кои скоро си ги посетила или пак, планираш да ги посетиш во иднина?

Има повеќе места што ги имам откриено во 2018 година и токму тие се наоѓаат во непосредна близина на Битола. Од сите нив, без размислување би ја издвоила браната во село Ротино. Исто така минатата година бев во Луксембург, каде што имаше неверојатна природа. Во иднина сакам да отидам во Австралија и да го посетам Националниот Ројален Парк.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Nevena Todorovska (@nevena_todorovska) on

7. И за крај, покрај фотографијата, дали имаш интерес и за некои други креативни активности?

Да, имам. Сакам да цртам 2D модели, некои карикатури или одредени предмети (најчесто мојот велосипед), во Фотошоп и исто така сакам да моделирам предмети во Аутодеск 3дс Макс.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Nevena Todorovska (@nevena_todorovska) on

Тајната на среќниот живот е уживање во малите нешта: Прочитајте го и нашиот разговор со инстаграмџиката Ана-Марија Арџанова.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар