Зошто сте постојано гладни?

Зошто сте постојано гладни?

Доколку вежбате редовно сосема е нормално вашиот апетит да се зголеми. Исто така, бремените жени и оние во ПМС имаат постојано чувство на глад кое не може да се пополни со ниту една количина храна. Но, ако не спаѓате во овие три категории, тогаш можеби нешто се случува со вашиот организам. Гладот е физиолошка потреба за калории, вода и сол, која е под влијание на многу фактори, вклучувајќи ги и вашата диета, хормоните, но и емоционалните фактори, како стресот. Па, доколку во последно време постојано чувствувате глад, без очигледна причина, тогаш погледнете ги следниве 9 нешта кои можат да ви откријат зошто вашиот стомак се однесува на овој начин…

Зошто сте постојано гладни?

1. Дехидрирани сте

Благата дехидрација многу често може да биде маскирана со чувство на глад. На вашето тело можеби му се потребни течности, а тоа по грешка ви дава сигнали дека ви е потребна храна. Забуната настанува во хипоталамусот, делот од мозокот кој го регулира гладот, но и жедта. Па, кога ќе се појави дехидрација, тој може да ве натера да посегнете по чипс наместо по вода. Токму затоа започнувајте го секој ден со чаша вода и секој пат кога ќе почувствувате глад напијте се прво чаша вода и почекајте 15 до 20 минути за да видите дали вашето чувство на глад ќе се намали.

2. Не спиете убаво

Недостатокот на сон може да предизвика активација на хормоните кои се заслужни за стимулирање апетит и намалување на оние кои се одговорни за ситоста. Па, доколку редовно спиете малку, вие ќе почнете да чувствувате умор и чувство на замагленост во мозокот кои водат кон очајна потреба за енергија на вашиот организам. Оваа потреба многу често се манифестира преку глад, терајќи ве да јадете што е можно повеќе шеќер или маснотии. Обидете се подобро да го организирате вашето време за спиење, па доколку тоа било проблемот, многу брзо ќе почне да се намалува и вашиот глад.

3. Постојано сте под стрес

Не постои човек кој не поминал низ огромен стрес на работа или во љубовната врска кој резултирал со потреба за нешто благо. Но, стресот може да има огромно влијание врз вашиот организам доколку сте изложени подолготрајно на него. Кога сте напнати, вашиот систем ги создава хормоните на стрес – адреналин и кортизол. Зголеменото ниво на овие хормони можат да го измамат вашиот систем да помисли дека сте нападнати и дека ви е потребна поголема енергија за да се изборите со она кое се соочувате, па токму затоа и се зголемува вашиот апетит. Со намалувањето на стресот се зголемува нивото на серотонин во вашиот организам, па токму тоа може и видно да го намали вашиот глад.

4. Пиете премногу алкохол

Виното кое сте го испиле пред оброкот со цел да го подобри вашиот апетит за главното јадење го прави токму тоа – го стимулира чувството на глад дури и кога вашиот стомак е преполн. Една мала неодамнешна студија покажала дека луѓето кои пијат алкохол имаат тенденција да консумираат поголемо количество калорична храна. Бидејќи алкохолот ве дехидрира, вашиот мозок мисли дека му е потребна храна кога вашето тело всушност бара вода.

5. Мора да внесувате повеќе протеини и здрави маснотии

Можеби ви звучи контрадикторно, но чинијата со повеќе протеини и здрави маснотии го одржува вашиот организам сит подолго време. Не само што тие остануваат во вашиот стомак и ви овозможуваат чувство на ситост, туку исто така се покажало и дека тие имаат неверојатно влијание врз намалување на апетитот. Обидувајте се да внесувате барем 46 грама протеини на ден, ако сте жена помеѓу 19 и 70 години и 56 грама протеини на ден доколку сте маж. Што се однесува до здравите маснотии, експертите велат дека тие треба да се состојат од 20 до 35% од секојдневните внесени калории.

6. Прескокнувате оброци

Уште една причина поради која сте постојано гладни може да биде и фактот дека не појадувате или пак, заборавате да јадете во текот на денот. Кога прескокнувате оброк и го одржувате вашиот стомак подолго време празен, тој создава поголемо количество хормони кои го зголемуваат вашиот апетит. Па, доколку ова ви се случува често, многу брзо ќе почнете да се прејадувате. Како општо прифатено правило, помеѓу секој оброк треба да поминат од 4 до 5 часа. И секако, не го прескокнувајте појадокот.

7. Постојано гледате фотографии со вкусна храна

Без разлика дали станува збор за Инстаграм, Пинтерест, Твитер или Фејсбук, доколку постојано сте изложени на вкусни рецепти со прекрасни фотографии од храна тогаш во вас ќе се разбуди стрвост која ќе предизвика постојано да чувствувате глад. Исто така доволно е да се изложите на пријатна миризба од одреден оброк за вашиот апетит целосно да се разбуди, дури и ако сте јаделе многу брзо претходно. Вие не можете целосно да се изолирате од фотографиите или миризбата, но можете да се обидете барем малку да ја намалите вашата изложеност на нив.

8. Пребрзо јадете

Кога јадете пребрзо, вашиот стомак можеби веќе е полн, но тој сè уште немал време да прати сигнал до мозокот кој ќе ја регистрира вашата ситост. Кога го чувате мозокот во темнина, тој го одржува и вашиот апетит на високо ниво, па токму затоа и не престанувате да јадете. Доколку се обидете да ја промените оваа ваша навика и да почнете да јадете бавно или со средна брзина, притоа џвакајќи подобро, вашиот стомак и мозок ќе можат навреме да ве предупредат кога да сопрете.

9. Пиете одредени медикаменти

Одредени апчиња можат да имаат силно влијание врз вашиот апетит, па токму затоа доколку се сомневате во нив веднаш советувајте се со докторот кој ви ги препишал. Дел од медикаментите кои можат да влијаат врз апетитот се одредени антидепресиви, како и кортикостероиди (кои се препишуваат за алергија, астма, одредени болести на дебелото црево како и одредени видови рак).

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар