Зошто „преспивањето на проблемите“ ви помага да ги решите?

Секој од нас бил соочен со предизвици и тешки одлуки. Но понекогаш, дури и кога навистина се трудите, не можете да одлучите што е правилно. Колку повеќе размислувате за проблемот, толку ви е потешко да дојдете до решение. На крај сте изморени, нервозни и ментално истрошени, а понекогаш сè што е потребно е да преспиете на проблемот.

Зошто „преспивањето“ на некој проблем ви помага да го решите?

Престанете со мислење и заспијте

Кога сте изложени на стрес спиењето сигурно е последното нешто кое сакате да го правите, но тоа е најдобро. Ако си дозволите да преспиете, одговорот сам ќе ви дојде. Едно истражување покажало дека луѓето се многу поспособни за решавање проблеми после спиење. Оваа ефикасност може да биде поврзана со психолошкиот концепт наречен „Ефект на инкубација“. Овој ефект е смислен од Грам Валас, во 1936 година, и според него мозокот многу подобро решава проблеми откако ќе се одмори. Психолозите не се сигурни дали ова се случува бидејќи навечер не му се одвлекува вниманието на мозокот, или пак бидејќи потсвеста продолжува да размислува за проблемот дури и откако сте заспале.

Соништата тајно ќе ве инспирираат

Некои од најголемите научни откритија и уметнички и литературни дела се инспирирани од соништата. На пример, Ото Лоеви открил дека нервните импулси се предизвикани од хемикалии додека сонувал.

Кога спиете, вашиот мозокот е способен да ги преработи искуствата кои сте ги доживеале додека сте биле будни. Спиењето откако ќе научите нешто ново, му помага на мозокот полесно да ја внесе таа информација во вашата долготрајна меморија. Покрај преработувањето информации, некои фази од циклусот на спиење се клучни за решавањето проблеми. Во РЕМ фазата се стимулираат одредени мрежи кои наоѓаат нови решенија кои не сте ги забележале додека сте биле будни.

Постојаното фокусирање на проблемот нема да ви помогне

Вашиот мозок оперира на два режима – фокусиран и расеан. Фокусираниот режим е состојба во која активно се концентрирате на некој стимул. Кога се обидувате да пронајдете некој одговор, вашиот мозок е фокусиран, а ова може да ве спречи да ја видите големата слика. Овој ефект е познат како Ајнштелунгов ефект и тој ве спречува да пронајдете решение на комплексните проблеми. Се појавува кога информациите кои веќе ги знаете ја блокираат вашата креативност. Како што стекнувате искуство со одреден проблем, вашиот мозок автоматски се обидува да го реши наместо навистина да го анализира.

Кога сте фрустрирани, време е за одмор

Ако се чувствувате заглавено, најдобро е да отстапите и да направите пауза. Вашата фрустрација само ќе ја блокира способноста за решение и одлука. Дозволете си да се наспиете пред да донесете одлука или да се обидете да го решите вашиот проблем.

Ќе се изненадите од способностите на вашиот мозок кога ќе му дозволите да функционира како што треба. Кога ќе наидете на ѕид додека размислувате за некој проблем, престанете да размислувате за него и наспијте се. Можеби ќе ви биде тешко, но одговорот веќе е во вас, само дајте му шанса на мозокот да ви го каже.

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар