Зошто не треба да ви е грижа што другите мислат за вас?

„Може да бидете најзрелата и најсочната праска во светот, но секогаш ќе се најде некој кој не сака праски.“ – Дита Вон Тиз

Секој сака да биде почитуван и да им се допаѓа на другите, но што се случува кога туѓото мислење станува наша опсесија и почнува многу да влијае на нашата самодоверба? Дали треба да дозволиме нашите успеси, нашата работа, нашиот надворешен изглед, целосно да бидат оценувани преку туѓите очи? Ова се 5 причини зошто не треба да се оптоварувате со тоа какво мислење имаат луѓето за вас.

Зошто не треба да ви е грижа што другите мислат за вас?

Луѓето секогаш ќе веруваат во она што тие сакаат да веруваат

Може да потрошите премногу време и напор за да му се допаднете некому, да привлечете повеќе внимание, или да го смените мислењето кое некој го има за вас, но сето тоа би ви било залудно. Со вашите постапки и зборови до некој степен можете да влијаете врз туѓото мислење, но никогаш целосно да го промените.

Работата е во тоа што, луѓето веруваат во она што сакаат. Можеби личноста чии симпатии сакате да ги привлечете има одреден круг на луѓе со кои сака да е блиска, или има некакви предрасуди, најверојатно строги и глупави, така што никогаш нема да го смените начинот на кој ги оценува луѓето. Па тогаш зошто да вложите толкав труд? Енергијата насочете ја кон луѓето кои ве ценат и ве сакаат такви какви што сте.

Не е ваша работа што другите мислат за вас

Колку повеќе се грижите што другите мислат за вас, толку повеќе тоа ќе влијае на вас. За брзо време ќе почнете самите да си поставувате граници и нема да бидете слободни во својата кожа, секогаш размислувајќи како другите гледаат на вас. Дали навистина мислите дека доколку се трудите премногу и кон сите сте добри, секој ќе има добро мислење за вас? Дали мислите дека вреди да потрошите толку време пробувајќи да влијаете врз туѓото мислење, наместо да го надградувате сопственото?

Оставете ги луѓето да мислат што сакаат, тоа е нивно право и слобода, и не е ваша работа, дури и ако размислуваат за вас. Вие имате свој живот и бидете зафатени живеејќи го по свои правила.

Зошто не треба да ви е грижа што другите мислат за вас?

Луѓето не се грижат толку колку што мислите

Луѓето озборуваат за да си пополнат време, не мора да има некоја голема и важна причина. Доколку сте интересни и успешни, ќе ве озборуваат уште повеќе. Но, вистината е дека секој од нас, некој повеќе некој помалку, главно се фокусира на себе. Така што, додека вие губите време пробувајќи да влијаете врз туѓото мислење за вас, луѓето всушност најмногу се преокупирани со самите себе.

Не ви е потребна ничија дозвола

Прекрасно е чувството да се биде почитуван и некој да се огледува на тебе. Но, не можете целосно да влијаете на туѓото мислење, трудејќи се луѓето секогаш да го сакаат она што го правите. Доколку станете опседнати со тоа од сите да бидете сакани или пофалени, на добар пат сте да го изгубите здравиот разум, бидејќи тоа никогаш нема да успеете да го постигнете. Најважно е да се прифатите себеси со сите ваши маани и предности, а пофалбите кои ќе доаѓаат одвреме-навреме, едноставно сметајте ги за бонус, но никогаш не станувајте зависни од нив.

Не се важни оние кои не ве почитуваат, важни се оние кои ве почитуваат

Кога луѓето не нè сакаат, ние уште повеќе се трудиме да нè засакаат. Кога луѓето нè одбиваат од себе, вложуваме огромен напор да нè прифатат. Можеби е самиот предизвик, или желбата да им докажеме дека не се во право. Но тоа е бесконечен круг од кој нема излез. Вистината е дека постојат луѓе кои нè сакаат без оглед на сè, и нè прифаќаат такви какви што сме, остануваат покрај нас и нè поддржуваат. Откријте кои се луѓето околу кои не чувствувате притисок и со кои можете да бидете свои и слободни, и почитувајте ги бидејќи не е лесно да се прифатат несовршеностите.

Зошто не треба да ви е грижа што другите мислат за вас?

Секако, туѓото мислење до некој степен е важно. Не би смееле да се претвориме во бесчувствителни суштества кои не се грижат апсолутно за ништо и воопшто да не го почитуваме туѓото мислење. Она што треба да научиме е кои се луѓето чие мислење вреди да го почитуваме. Најважно е да знаеме каде е границата, односно кога ги слушаме туѓите мислења за наше добро, а кога дозволуваме целосно да ја обликуваат нашата личност.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

  1. Lucky Reply

    Убаво напишано

Остави коментар