Зошто мажите треба да гледаат романтични комедии?

Разбираме дека сакате да се чувствувате како агентот 007 додека гледате како некој некому му крши врат, или како згради и автомобили одлетуваат во воздух. Всушност и ние девојките многупати сме расположени за акциони филмови. Работата е што многу повеќе би сакале да гледаме романтични комедии, но не и вие. Наместо да се случува постојана борба околу тешката одлука што да гледате заедно, еве неколку причини поради кои е добро одвреме-навреме да попуштате и едноставно да ја гушнете партнерката и да уживате во некоја романтична комедија.

Зошто мажите треба да гледаат романтични комедии?

Ќе научите многу работи

Секако, вашите мајки супер ве воспитале, не велиме не, но некогаш ви треба поттик за да ја покажете вашата романтична страна. Реалниот живот не е како филмовите, но вашата девојка сака да се почувствува убаво по долгиот ден, па „украдете“ некоја финта од филмските срцекршачи. Не ни треба нам тоа секој ден, но добредојдено е да ни тропнете на врата држејќи цвеќе или кутија со бонбони, всушност и една карамела е доволна, битен е гестот.

Бидејќи атмосферата е жешка

Да бидеме искрени, романтичните комедии се плитки филмчиња за забава и речиси секогаш завршуваат среќно. Поради тоа, ние се разнежнуваме, го имаме она чувство на морници кои лазат по телото и огромна е веројатноста да се случи секс. А вие ќе бидете во таа просторија, колку прекрасно е тоа за вас?

Покажувате дека сте џентлмени

Џентлмени ве прават сите оние ситници, како отворање врата, давање предност, но и одлуката да се гледа некоја романтична комедија. Така ѝ давате до знаење дека се грижите за неа, и едноставно сакате да биде задоволна. Некои ќе тврдат дека тоа се гестовите кои ве прават „папучар“, други знаат дека кога сте џентлмен кон својата девојка, едноставно ви се исплаќа и вам.

Можеби девојката сака да ви каже нешто

Она што ние го правиме не е гледање фудбал со пивото во рака. Ние се преоптоваруваме со значењето на секакви работи, но и правиме работи кои во себе носат скриено значење. Само за пример, заедно сте со девојката неколку години, и ве повикува на филмски маратон, кој изгледа од прилика вака: The wedding planner, My best friend’s wedding, Five year engagement… Хммм, којзнае, можеби навистина индиректно сака нешто да ви каже! Едноставно замолчете, сконцентрирајте се на филмовите кои го одбрала, па потоа одлучете дали ќе бегате или не.

Бидејќи вас ве привлекува

Ве потсетува колку вашата девојка е нежна и женствена, а тоа ве привлекува многу. Едноставно бидете нејзиниот маж кој ќе ја гушне кога ќе се појави тажна сцена, и дозволете таа да биде вашата жена на која ќе ѝ треба вашата заштита, барем во тој час и половина.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар