Зошто добрата книга е најефикасниот лек за скршено срце?

Зошто добрата книга е најефикасниот лек за скршено срце?

Секое раскинување е тешко, особено ако вие не сте сакале да ја прекинете врската. И покрај тоа што сте свесни дека евентуално повторно ќе ја пронајдете среќата, тој тежок и болен период на преболување може да се чини неподнослив. Поради тоа, постојано сте во потрага по нешто што би можело барем малку да ви ја намали болката. Некои утеха бараат во алкохолот, други во омилената храна, а некои, пак, во нов партнер. Но, посветените љубители на книги знаат дека ништо не може да им го излечи скршеното срце онака како што тоа може да го направи добрата приказна. Ова се неколкуте причини кои го потврдуваат позитивното влијание на книгите…

Зошто добрата книга е најефикасниот лек за скршено срце?

Ако потонете во страниците на вашиот омилен роман, ќе се почувствувате како да поминувате време со стар пријател

Една од најлошите страни на раскинувањето не е самиот крај на врската, туку загубата на најдобриот пријател. Да, за никаде е тоа што не можете да се бакнувате повеќе, но уште потешко е тоа што не можете повеќе да ги имате тие долги разговори, шеги кои само вие сте ги разбирале и убави времиња кои придонеле да станете партнери. Добрата книга не е најсовршената замена за таа посебна личност, но ако потонете во страниците на вашиот омилен роман навистина ќе се почувствувате како да поминувате време со стар пријател. Исто како што недостатоците на вашиот партнер почнале да ви се допаѓаат, така и непромислените одлуки на вашиот омилен лик ќе ви дојдат како вистинско освежување. Не е исто да се биде со ликовите што ги сакаме и вистинските луѓе што ни се блиски, но кога ни треба она чувство дека познаваме некого целосно, добрата приказна може навистина да помогне.

Секој се справува со раскинувањата на различен начин, но на многумина им е тешко да се социјализираат кога поминуваат низ толку тежок период. Честопати се наоѓаме себеси заглавени помеѓу желбата да бидеме меѓу луѓе и потребата да бидеме сами. На некој начин, добрата книга може да ги задоволи и двете потреби. Тоа е исто како да поминувате време со вашите најдобри пријатели кои точно знаат дека она што ви треба е да бидете со луѓето што ги сакате без тие да ве прашуваат „Како си?“ и „Што ќе правиш сега?“. Ликовите сами ќе си ја создаваат нивната приказна, а вие нема да треба да се преправате дека сте среќни за доброто на другите.

Вашите омилени ликови можеби не се вистински луѓе, но кога се справувате со скршено срце понекогаш вистинските луѓе се последното нешто што ви треба

Кога сакаме да заборавиме на нашите вистински проблеми, книгите ни даваат можност да побегнеме без воопшто да го напуштиме домот. По раскинувањето може да паднете во искушение да ги потрошите сите пари на авионски билет кој ќе ве однесе каде било, само да го напуштите градот каде сѐ ве потсетува на поранешната љубов. Но, „патувањето“ во нов свет преку читањето може да ви помогне да избегате без да ја испразните вашата сметка и да ги запоставите обврските. Тоа ќе ви биде доволно за да престанете да мислите на сите тие негативни работи што ви паѓаат на ум по прекинувањето на врската со некој кој ви значел. Неверојатно е тоа што дури и постапокалиптичните пустоши и морничавите зандани ќе ви се чинат како подобар избор од вашиот роден град преполн со сите тие ресторани и паркови кои ве потсетуваат на вашиот поранешен партнер.

Зошто добрата книга е најефикасниот лек за скршено срце?

Партнерите доаѓаат и си одат, но приказните нема да исчезнат од вашиот живот кога ќе им здодее да бидат читани

На крајот на краиштата, книгите се постојани. Луѓето се менуваат, но иако начинот на кој ги читаме книгите се менува како што старееме, нивната суштина останува иста. Не треба да се грижиме дека еден ден тие ќе одлучат дека повеќе би сакале некој друг да ги чита или дека не им се допаѓа фактот што цело време менуваме позиции додека ги читаме. Секако дека истото важи за многу други неживи предмети, но во периодот кога ни треба некој да нѐ потсети дека заслужуваме да бидеме сакани, добро е да се знае дека можеме да се потпреме на приказните и ликовите кои ги обожаваме и кои ни даваат сигурност дури и кога чувствуваме дека светот околу нас се руши.

Факт е дека дури и најдобрата книга не може целосно да ја избрише болката предизвикана од тешкото раскинување. Но, може да ја олесни болката кога чувствувате како срцето да ќе ви се распрсне по секој срцев импулс. Без разлика дали ви треба нешто ново или копнеете по удобноста која ви ја нудат вашите стари омилени приказни, запаметете дека не сте сами и секогаш можете да ги претворите книгите во ваши најдобри пријатели по болното раскинување со некој кој ви бил сѐ.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар