Животни лекции од затворот

Џејмс Кевит, Кенјата Леал и Дејвид Монро во моментов се наоѓаат на издржување затворска казна во Сан Квентин, најстрогиот затвор во САД. Тие се дел од едукативната програма „Последната милја“, која меѓу другото им овозможува да користат посебна социјална мрежа преку која блогираат и одговараат на одредени прашања кои им ги поставуваат луѓето. Ова се најинтересните од нив, кои се однесуваат на она што тие го научиле од затворот за животот.

Немојте да бидете строги кон себе поради грешките од минатото

Кога бил запрашан што би направил кога би можел да се врати назад во времето кога имал само десет години, Џејмс одговорил дека во тој период чувствувал вина поради тоа што не успеал да ѝ пружи помош на неговата сестра, и додал:

„Ако си лут на сите и не веруваш никому, нема да ги поправиш работите, само ќе се чувствуваш полошо. Потребен си ѝ на сестра ти, престани да се обвинуваш себе си и биди тука за неа како отсекогаш да си бил.“

Единственото нешто кое трае е промената

Иако навидум времето во затворот е еднолично, Џејмс научил дека единствената работа која секогаш се случува е промената. Во еден момент може да се шета надвор на свеж воздух или да игра кошарка, а веќе во следниот да биде вмешан во тепачка. Мораме да обрнуваме внимание на околината и да ги насетуваме промените, затоа што тоа може да ја направи разликата помеѓу среќата и несреќата.1 Животни лекции од затворот

Ти си тоа што го правиш

Затворот нуди програми за учење и доусовршување на вештини, а за тоа Џејмс вели:

„Начинот на којшто го поминувате времето, било во затвор или на слобода, одредува дали ќе доживеете успех или не. Јас избрав да се посветам на учењето затоа што сакам од себе да направам успешна приказна.“

Образованието дава шанса

Кенјата бил дел од повеќе програми за спречување на насилството, каде што сфатил дека насилниците се однесуваат така поради тоа што научиле дека тоа е начинот на кој можат да ги остварат своите цели.

„Ако на луѓето им се понудат нови средства за остварување на целите и ги научиме како да ги користат, ќе добиеме позитивен резултат не само за затворениците, туку и за општеството во целина. Такво средство е образованието. Колку повеќе можности за образование имаме, толку повеќе ќе откриеме можности за себе и ќе го прекинеме кругот на насилството“.

3 Животни лекции од затворот

Одговорноста ќе ве направи подобра личност

Запрашан дали затворениците повеќе го сакаат затворскиот живот од оној на слобода, Џејмс одговорил дека постои таква веројатност. Во неговиот долг престој по разни затвори сретнал многу затвореници кои немале вистинска контрола над своите животи, како и тој самиот. Не можел да го контролира „ѓаволот на неговото рамо“, а затворските програми му помогнале да стекне чувство на одговорност за своите постапки и да стане свесен за нив, што го направило подобра личност.

Музиката е прекрасен дел од животот

На затворениците во Сан Квентин им е дозволено да поседуваат сопствени дискови со музика и да ги слушаат кога сакаат. Џејмс вели дека тоа е еден прекрасен дел од неговиот живот кој го оддалечува од лошите мисли, челичните решетки и сивиот бетон.

За душевен мир потребни се пријатели

Кенјата имал голем број пријатели пред да оди во затвор. Постојано се дружел, а откако поминал некое време во затвор почувствувал дека поврзаноста со нив веќе ја снемува. Тоа го доживеал многу драматично и бил во тешка агонија, по што сфатил колку се битни пријателите за душевниот мир. По 18 години поминати во Сан Квентин, сега се плаши дали воопшто некогаш ќе оформи ново пријателство кога ќе излезе надвор и дали ќе може да влезе во љубовна врска. Единствено на кое може со сигурност да смета е безусловната љубов од неговото семејство.2 Животни лекции од затворот

Во тешките моменти помислете на оние кои ве сакаат

Дејвид, којшто отслужува казна поради убиство, одговорил на прашањето на што мисли во тешките моменти кога не може да заспие до доцна во ноќта.

„Во тие мигови мислам на луѓето кои ме сакаат. Господе, колку сакам да се гордеат со мене! Едно е јас да бидам горд на себе, но да ги направам нив горди е нешто сосема поинакво. Тоа многу ме мотивира. Знам дека тие плаќаат за нивната љубов и поддршка кон мене. Не е лесно да сакаш убиец.“

Давајте им поголемо значење на позитивните аспекти

Додека го слушал судијата како му изрекува казна доживотен затвор, Дејвид, тогаш 15-годишно момче, сфатил колку ја сака мајка си. Одеднаш му станало јасно дека обрнувал внимание само на негативните работи во неговиот живот за сметка на убавите.

„Трошиме премногу време во израмнување на сметките со оние кои нè повредиле, а ги запоставуваме оние кои ни помагаат. Бев толку обземен со лошите нешта што ми се случуваа, што не видов ништо позитивно околу мене. Мислев само на тоа колку сум сиромашен, повреден и без татко, а заборавив дека сум паметен, сакан и дека сè уште ја имам мајка ми.“

Луѓето се менуваат

Дејвид тврди дека повеќето ладнокрвни криминалци некогаш биле нечии жртви. Тој самиот како дете гледал како неговиот татко, а потоа и очувот ја тепаат неговата мајка, а бил сведок и на улично насилство. Тоа го одредило неговиот животен пат. Сепак, по 14 години поминати во Сан Квентин смета дека се променил. Ладнокрвниот убиец кој бил осуден на 15-годишна возраст сега исчезнал и на површина испливала нова личност полна со надеж за животот.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар