Зборови со кои може да им го разубавите денот на луѓето околу вас

Зборови со кои може да им го разубавите денот на луѓето околу вас

Со нашите постапки и зборови, многу лесно можеме да разубавиме нечиј ден, дури и целосно да го промениме начинот на кој таа личност се гледа себеси. Прочитајте ги овие убави зборови кои можете да ги кажете секому и ќе сфатите колку лесно може да донесете насмевка на нечие лице.

Зборови со кои може да им го разубавите денот на луѓето околу вас

1. „Во ред е, не ми се брза.“ – Ова е одлична реченица која можете да ја кажете во супермаркет, ресторан, шалтер за плаќање сметки и сл. Всушност секаде каде гледате дека личноста и покрај сиот притисок кој го создава гужвата и мешаницата, се труди да го даде најдоброто од себе. На пример, чекате ред пред каса во маркет и гледате како жената која е пред вас, брзо и нервозно ги зема продуктите и ги прибира парите во паричникот, знаејќи дека ја успорува работата. Кажувањето „Во ред е, не ми се брза“ може навистина да ја изненади (бидејќи во денешно време секој за некаде се брза, дури и да не е итно, ретко кој има трпение), а потоа ќе забележите израз на олеснување и благодарност. Честитки, тукушто подаривте некому минутка плус за да си ги среди работите и покажавте разбирање!

2. „За тебе имам слушнато дека си убав/а, паметен/на и добродушен/на.“ – Сигурно ви се случило на некоја средба со пријатели или колеги да чуете убави зборови за одредена личност која не била присутна за време на разговорот. Пренесете ѝ го кажаното, тоа ќе направи да се чувствува убаво. И покрај тоа што таа личност можеби има потешкотии да прифати комплимент, ќе биде полесно бидејќи вие не сте го кажале тоа, вие само ги пренесувате зборовите кажани од некој друг.

3. „Начинот на кој си ја вршиш работата е прекрасен!“ – Ова може да го речете секому. Има луѓе кои си ја вршат работата со таков жар и сјај што просто ве инспирираат. Тие луѓе се ретки, затоа почестете ги со вашето внимание. Речете им „Благодарам“ на луѓето кои дошле да го наместат мебелот во вашата соба, можеби ќе ви возвратат со „Нема за што, тоа ни е работа“, но колку би било прекрасно ако вие додадете „Да, но не секој си ја работи работата како што треба“. Најчесто луѓето забораваат да речат и едно најобично „Благодарам“ на келнерот кој ги послужува, замислете колку би бил почестен ако добие комплимент од типот „Прекрасно си ја вршите работата, навистина сте добри во она што го работите“.

4. „Видов што направивте, тоа беше навистина прекрасно од ваша страна.“ – Постојат луѓе со добри манири и личности кои се желни да помогнат некому, најчесто не надевајќи се дека ќе бидат видени или ќе добијат каква било заслуга за тоа. Сте виделе како некое момче ѝ помага на непозната старица, или како девојче го храни кучето бездомник? Не мора да ги познавате лично, само обратете им се кажувајќи дека она што го направиле ви ја вратило вербата во човечкиот род. Дајте им до знаење дека малата работа што ја направиле била забележана од некого.

5. „Навистина си оригинален/на!“ – Сите си имаме чудни навики кои од повеќемина не би биле сфатени. Тоа е на пример кога вашиот пријател има посебен ритуал околу пиењето на своето утринско кафе. Би било супер доколку му/ ѝ дадете до знаење дека не е чудак туку една оригинална личност со интересни ритуали.

Зборови со кои може да им го разубавите денот на луѓето околу вас

6. „Ќе го направам тоа за тебе.“ – Кога ќе забележите дека некој се чувствува лошо или не му е баш денот, понудете се да направите нешто за таа личност. Не мора да ви е близок пријател или роднина, доволно е да ви е само познајник. Едноставно понудете им ја вашата помош на луѓето, вам нема да ви одземе многу време, а ним ќе им значи многу. Кога вашата колешка е претрупана со обврски на работа, понудете ѝ да го земете нејзиното дете од градинка, кога на вашата мајка ѝ треба одмор, речете ѝ да се релаксира, а вие ќе се погрижите за домашните обврски. Има уште еден куп примери, толку многу што дури би се зачудиле колку е лесно да му го разубавите некому денот. Веднаш ќе им донесете насмевка на лицето и ќе ви бидат благодарни.

7. „Го сакам звукот на твојот глас.“ – Едноставно кажете го ова на некој чиј глас навистина ве развеселува. Постојат луѓе кои зборуваат толку убаво и милозвучно, ова е редок комплимент на кој секој би се израдувал. Само кажете го искрено кога навистина го мислите.

8. „Ќе бидам покрај тебе.“ – Толку е прекрасно да се чуе дека ќе имате нечија поддршка и нема да бидете сами во некој значаен момент од вашиот живот. Искористете некаква ситуација кога вашиот близок ќе биде во тешка ситуација и само дајте му/ѝ до знаење дека ќе бидете тука.

9. „Ме развеселуваш, ме правиш среќен/на.“ – Многу е едноставно. На луѓето кои ви шират позитивна енергија, кажете им како тоа влијае на вас. Кажете им на вашите пријатели, брат или сестра, партнер или родител дека навистина ви го разубавуваат животот.

10. „Не можам да ја донесам таа одлука без тебе.“ – Убаво е да се чуе дека некому му е толку важно вашето мислење. Дури и ако станува збор за не толку важна одлука, кажете му на вашиот близок дека навистина ви треба помош околу одлучувањето. Личноста ќе сфати колку ви е важно она што таа/тој го мисли, а тоа е прекрасно чувство.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар