Запознајте го агресивниот возач

Кога некој без грижа на совест ќе помине на црвено или некоректно ќе претекне друг со својот автомобил, најчестиот коментар е: „Каде ли брза толку? Ништо нема да се случи ако стигне пет минути подоцна!“ Вистината е дека тој никаде не брза, туку во неговиот карактер има агресивна црта која го тера на тоа.

Запознајте го агресивниот возач

Што е агресивно возење?

Сообраќајот е регулиран со бројни правила чија цел е да го направат безбеден. Кога некој ќе направи нешто со кое ќе излезе од рамките поставени со тие правила, а со тоа ќе ја загрози безбедноста на другите, тогаш се работи за агресивно возење. Тоа може да биде пребрзо возење, поминување на црвено, неодговорна промена на лентите на возење, возење премногу блиску до автомобилот што се наоѓа пред или зад него, непрописно и небезбедно претекнување, претекнување поради нетолеранција на друго возило пред себе на автопат или регионален пат, шлајфување, блокирање, итн.

Запознајте го агресивниот возач

Каков е агресивниот возач?

Сите агресивни возачи имаат некои заеднички карактерни црти. Првенствено, агресивниот возач е материјалист и е територијален. Тој се идентификува со својот автомобил. За него тоа не е само превозно средство, туку го доживува како продолжение на своето тело преку кое се потврдува пред околината. Тие на јавниот пат и улицата гледаат како на сопствена територија која константно ја бранат со своите возила. Немаат никаква почит кон другите возила кои се наоѓаат на улицата заедно со нив и не им е битно што и тие имаат право безбедно да стигнат онаму каде што тргнале.

За агресивните возачи исто така се врзува т.н. комплекс на предност. Тие не трпат друго возило пред себе и ќе направат обид да го претекнат во првата прилика што ќе се појави, без оглед на ризикот кој го носи таквиот потег. Ова е особено карактеристично за помладите возачи до 26 години кои се докажуваат преку возачките вештини. Покрај овие фактори, агресивното и неодговорно возење може да биде и резултат на лош ден на работа, непознавањето на сообраќајните прописи, заморот, предолгото возење итн.

Запознајте го агресивниот возач

Како да реагирате?

Имајќи ги предвид причините кои доведуваат до агресивно возење, не може многу да се направи во ситуација кога сте соочени со ваков возач. Тој бара борба која едвај чека да ја добие, а вие ќе извлечете максимум од ситуацијата ако не му овозможите битка во која ќе се бори и ќе се потврдува.

Едноставно, продолжете да си возите внимателно, не влегувајте во конфликт, игнорирајте ги евентуалните навреди и избегнувајте контакт со него. Иако можеби ова ќе ви звучи како совет кој ќе направи да изгледате слаби и плашливи, сепак имајте предвид дека возењето не е натпревар. Агресивниот возач ќе продолжи да вози агресивно сè додека не научи да ги почитува останатите возачи и правилно да се справува со стресот и со гневот. Вашата гневна реакција нема да помогне, туку само ќе донесе безбедносен ризик кој и вас ќе ве претвори во дел од овој проблем.

Запознајте го агресивниот возач

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар