За сите оние кои не уживаат да поминуваат време во кујна: Неколку совети како да го засакате готвењето

Во храната треба да се ужива, но не умеат сите луѓе да готват. Некои го сакаат тоа, но немаат време, а други пак едноставно сметаат дека ги немаат потребните вештини за да се снаоѓаат во кујната. Но, имајќи предвид дека добро е да знаете да готвите, затоа што така ќе можете да си приготвувате здрави оброци, како за вас, така и за своето семејство, можеби е време да се одлучите да направите нешто за да го засакате готвењето. Не мора да бидете професионалци за да се снаоѓате во кујната, туку едноставно погледнете ги овие совети кои ќе ви помогнат подобро да се снаоѓате.

За сите оние кои не уживаат да готват: Неколку совети како да го засакате готвењето

Учете да бидете целосно присутни во тој момент

Откако ќе влезете во кујната и ќе се посветите на готвењето, обидете се да не мислите на тоа како попродуктивно би можеле да го искористите тоа време. Времето што ќе го поминете создавајќи оброци со вашите раце е можност да вежбате да бидете присутни во сегашноста. Внесете се целосно во готвењето, во миризбата на храната и звукот од нејзиното приготвување. Енергијата која ја внесувате во храната е онаа која ќе ви се врати назад!

Не дозволувајте готвењето да ви предизвикува стрес

Нема да биде крај на светот доколку вашиот рецепт не изгледа како оној оброк што сте го виделе на Инстаграм. Ако сте во можност да ги вклучите вашите сетила, ќе бидете изненадени од тоа што сѐ можете да направите и без рецепт. Всушност, рецептите може да бидат одлична форма на инспирација и да ви овозможат да откриете нови методи и начини за кои порано не сте ни помислувале. Дозволете им да ви служат само како водачи, а вие бидете креативни и можеби ќе откриете некој свој неверојатен талент!

Нека готвењето ви стане еден вид ритуал

Ако готвењето не ви предизвикува некакво задоволство, тогаш обидете се да го направите како еден вид ритуал. Однесувајте се исто како кон оние активности во кои не уживате. Можеби не сакате трчање, но сепак ја облекувате својата спортска опрема која прави да се чувствувате како да можете да истрчате и цел маратон. Можеби не сакате да ја чистите куќата, но музиката ви помага полесно да ги извршите домашните обврски. Истото ова може да го направите и со готвењето. Со тоа што ќе си создадете ритуал за оваа активност, вие во иднина полесно ќе можете да се вратите на истата.

За сите оние кои не уживаат да готват: Неколку совети како да го засакате готвењето

Разновидноста е од големо значење

Доколку постојано готвите исти јадења, тоа само ќе ви ја намали вашата мотивација. Играјте си во кујната. Секоја недела откривајте по едно ново јадење и внесувајте го во вашите оброци. Без разлика дали е тоа некој нов зеленчук, нов зачин и слично, на овој начин вие ќе најдете поголема мотивација. Исто така можете да експериментирате и со некои нови садови или алатки за готвење, нови методи и слично. Со самото тоа што ќе додадете различност во вашето готвење, додавате различност и во вашата исхрана, при што го зголемувате и внесувањето на различни хранливи материи.

Играјте си со храната

Не мора да бидете експерти за тоа, но доколку бидете малку креативни и ја декорирате вашата храна, тоа ќе ви го направи готвењето поинтересно и позабавно. На пример, декорирајте ја чинијата според боите на вашето јадење, така што ќе изгледа попривлечно. Можеби дури откако ќе почнете да готвите ќе сфатите дека во вас се крие многу креативна личност, па истата ќе може да ја изразите и во други полиња во животот. Дозволете ѝ на храната да внесува промени во вашиот живот!

За авторот
Економист во изградба, а страстен обожавател на пишаниот збор уште откако знае за себе. Смета дека животот без домашно милениче не изгледа комплетен, а кафето со многу шеќер го смета за едно најубавите утрински задоволства.

Поврзани содржини

Остави коментар