Време на празници: Како да поставите граници за да се чувствувате посреќно?

Време на празници: Како да поставите граници за да се чувствувате посреќно?

Празниците се ближат и ова е возбудливо и весело време, но и период во кој лесно може да се почувствувате преоптоварено со рокови, да се впуштите во брз начин на живот и да доживеете стрес. Овој период брзо ќе помине, но ќе ви одземе многу енергија и време, па затоа е добро да си ги знаете границите.

0-vreme-od-praznici-kako-da-postavite-granici-i-da-se-chuvstvuvate-posrekjno-kafepauza.mk

Кога ви е јасно што е приоритетно, а што може да почека, многу е полесно да ја согледате целосната слика и да се ослободите од малите нешта кои ви одземаат време и енергија. Ако во текот на празниците вообичаено чувствувате поголем стрес од вообичаено и имате тешкотии при балансирање на вашите потреби и оние на луѓето кои ги сакате, тогаш со поставување граници многу полесно ќе се справите со овој период од годината.

1. Научете да кажувате „не“

Еден од најдобрите начини да си пружите себеси грижа е доколку научите да кажувате „не“. Не е себично ако си ги знаете границите – всушност тоа може добро да ви влијае. Многу е тешко да им кажувате „не“ на членовите на фамилијата околу празниците, особено ако се навикнати да бидете присутни на одредени настани или во одредено време. Сепак, да се каже „не“ е здрава навика која треба да ја практикувате. Ако некој тоа го сфати лично, тоа е негов проблем, а не ваш. Вашата грижа за себеси мора секогаш да ви биде на прво место.

2. Ослободете се од очекувањата

Да бидеме искрени – сите имаат очекувања за празниците. Постои притисок дека мора да бидеме среќни и радосни, па затоа не е ни чудо што скоро 25% од популацијата се чувствува депресивно во овој период. Ако нештата за време на празниците не одат како што треба, тогаш може да се чувствувате како да сте потфрлиле.

Ослободувањето од очекувањата ви помага да се приземјите во реалноста и да си дадете дозвола да уживате во она што го правите. Природно е да сакате да бидете постојано среќни за празниците, но кога имате високи очекувања, голем предизвик е да се биде во сегашноста и да се ужива во она што моментално се случува.

Ова е одличен период да си дозволите себеси и на вашата фамилија да се опуштите малку – препознајте го овој стресен период од годината и дадете максимум од себеси да се фокусирате на она што е пред вас.

3. Признајте ја тагата

Празниците честопати ни навраќаат меланхолични и носталгични чувства. Сосема е нормално да се чувствувате тажно кога поминувате низ тежок период или ви недостига сакана личност. Ако се чувствувате тажно поради недостатокот на некој кој повеќе не е тука, сетете се што таа личност ви значела. Не постои точно или погрешно време за да се справите со тагата за време на празниците. Најдоброто нешто е да бидете искрени за она што го чувствувате и да побарате поддршка од луѓето на кои им верувате.

1-vreme-od-praznici-kako-da-postavite-granici-i-da-se-chuvstvuvate-posrekjno-kafepauza.mk

Ако не можете да доседите или ако воопшто не сакате да одите на одреден собир или забава, знајте дека е во ред да го промените мислењето и да си замините или воопшто да не отидете. Доколку ги осознаете вашите чувства и се потпрете на нив (ако можете), многу полесно ќе си поставите граници и така добро ќе се грижите за себе.

4. Намалете ја брзината

Правењето напор да намалите со нештата во овој период од годината е уште еден ефективен начин да си поставите граници. Кога ќе почнат славите и домашните посети сѐ почнува да се движи забрзано и кога – ете, веќе дошла Нова година. Живеењето на овој интензивен начин предизвикува телото да создава повеќе хормони на стрес, а дополнителниот стрес во телото создава проблеми со спиењето (скоро е невозможно да заспиете) и ве тера да посегнувате по слатки.

Најбрзиот и најефективниот начин да ги намалите стрес хормоните е да го забавите дишењето. Кога ќе забележите дека имате побрзо чукање на срцето од некоја активност освен физичка, практикувајте да дишете длабоко за да го смирите нервниот систем. Ако ова го правите барем една минута, веднаш ќе почувствувате смиреност.

5. Грижете се за себеси

Вообичаено за време на празниците сѐ се врти околу грижата за другите, а грижата за себе е занемарена. Факт е дека ако немате време и енергија да ги правите нештата сами, тогаш ќе ви биде тешко да ги правите и за другите. Кога се почитувате и се грижите за себеси, вие станувате моќен пример на кој сите се огледуваат.

Одвојувањето малку време за одмор, за да одите на вежбање или да јадете здраво е одличен начин да си докажете себеси дека можете да поставите граници и да ги намалите стресните ситуации во вашиот живот. Кога овие потреби ќе ги ставите на прво место, ќе се чувствувате приземјено и ќе имате многу повеќе љубов и радост кои ќе можете да ги споделите со луѓето околу вас. Па, за тоа служат празниците, нели?


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Живее за добра книга и дише преку пишаниот збор. Кога би можела, цел живот би патувала, би читала и би гледала филмови. Вљубеник во фотографијата и класиката. Оптимист и поборник за љубов. Модата е нејзиниот начин да го изрази своето мислење и став. Животот за неа е уметност, филозофија и добра храна.

Поврзани содржини

Остави коментар