Вредни лекции кои секоја девојка може да ги научи од нејзината помала сестра

Вредни лекции кои секоја девојка може да ги научи од нејзината помала сестра

Да се има помала сестра понекогаш знае да биде многу тешко. Особено кога постои голема разлика во години. Но, како што поминува времето така почнувате да сфаќате дека таа игра бесценета улога во вашиот живот. Не само што таа целосно ве исполнува, туку и индиректно ве учи на големи и вредни лекции кои можат многу да ви помогнат понатаму во животот.

Вредни лекции кои секоја девојка може да ги научи од нејзината помала сестра

Само затоа што некој е постар, не значи дека знае сè

Кога сте адолесценти, вие навистина верувате дека знаете сè. Токму затоа и се однесувате како да сте шефот во вашиот дом, проповедајќи им на сите, вклучувајќи ја и вашата сестра за сите оние нешта кои вие сте ги научиле или сфатиле. Вам ни на крај памет не ви паѓало дека вашата сестра би можела да ви овозможи вредно мислење.

Откако ќе влезете во 20-тите години полека ќе почнете да сфаќате дека токму советите на вашата помала сестра се оние кои можат да ви помогнат повеќе дури и од оние на вашите најблиски пријателки. Таа ве знае подобро од сите, па токму затоа знае точно што ви е потребно и што ви треба да чуете. Не само што таа е помудра отколку што сте мислеле, туку кога станува збор за вас, има големи шанси дека знае повеќе дури и од вас самите.

Намалениот број правила доаѓа со цена

Сите постари деца едногласно ќе се согласат дека нивните помлади браќа и сестра поминуваат многу полесно во однос на правилата на родителите. Доколку вие сте прво дете, тогаш со сигурност сте го скршиле мразот за сите можни сценарија кои можат да се случат кај вашите родители, па токму затоа вашата сестра сега може слободно, без никакви препреки да пешачи по нејзиниот пат.

Но, тоа не значи дека тие навистина поминуваат полесно. Вашата сестра ве гледа вас како пример, па токму затоа ги презема сите чекори со истиот страв како што сте ги правеле вие. Таа можеби нема да ги има истите забрани и караници со родителите како вас, но доколку направи нешто што не треба, ќе добие многу поголема критика отколку што сте добивале вие. Причината за тоа е што вие сте биле предупредени за правилата пред да ги скршите, а таа е оставена сама на себе да открива што треба, а што не треба да се прави.

Годините не се фактор за уживање во нечие друштво

Кога сте многу мали, вие растете многу брзо, па токму затоа неколку години разлика може да ви се чини како цела вечност. Особено во преминот од детството во адолесценцијата. Токму затоа секоја постара сестра ја презема улогата на ментор, па кога станува збор за нејзината помлада сестра, таа постојно ја подучува со цел да ја подготви за светот. Но, она што голем дел од нив не забележуваат е дека нивните помлади сестри учат многу повеќе од нивното однесување, отколку од она што тие им го зборуваат, па токму затоа и знаат повеќе отколку што на прв поглед изгледа.

Без разлика колку години ве делат, со тек на време вашата сестра ќе ве научи дека вие не треба да ја гледате како дете или ученик, туку едноставно како сестра која е и ваша најдобра пријателка. Откако ќе се случи тоа, вие веднаш ќе почнете повеќе да уживате во вашето присуство, бидејќи ќе ја запознавате во целост оваа мала личност која стои пред вас. Во неа се кријат многу интересни нешта кои ќе се менуваат како што ќе расте, па токму затоа обидувајте се да ѝ дозволувате повеќе да доаѓа до збор.

Можете да добиете заштита и од оние од кои најмалку очекувате

Секоја постара сестра има природен инстинкт да ја заштитува својата помала сестра и тоа никогаш нема да се промени. Вие искрено сакате таа да биде среќна и безбедна, па токму затоа ќе направите сè што е во вашата моќ за да ја заштитите од злото кое владее со светот.

Но, не мора секогаш да бидете вие таа силната. Доколку поминувате низ нешто тешко, дозволете ѝ на неа да ја преземе улогата на ваш заштитник. Сте забележале ли колку пати таа ве прашувала за вашата среќа, работа, љубов…? И доколку не ѝ се допадне одговорот, таа веднаш го претворала тој разговор во терапевтска сесија со цел да ви помогне да се чувствувате подобро. Токму во тие моменти вие откривате дека таа е многу поцврста отколку што сте мислеле.

Понекогаш едноставно треба да ги оставите луѓето да направат свои грешки

Постарите сестри постојано им ги нагласуваат своите грешки на помладите сестри со цел и тие да не мора да поминуваат низ истото. Токму затоа и често го употребуваат изразот „Јас имам повеќе искуство, па затоа и знам повеќе од тебе!“ кој понекогаш знае навистина да фрустрира. Доколку претерано ги наметнувате вашите размислувања, големи се шансите дека вие со тек на време ќе се оддалечите една од друга.

Како постара сестра, вашата работа е да го споделите искуството, но не и да го наметнете. Понекогаш потребно е тие да направат одредена грешка со цел да сфатат зошто вие сте ги предупредувале да не го прават тоа. Потешко е да се учи од нешто што никогаш не сте го искусиле на ваша кожа. Доколку тоа се случи, вие едноставно бидете тука за поддршка, без да осудувате, па следниот пат кога ќе ја предупредите за нешто што вие веќе сте го искусиле, таа со сигурност повеќе ќе ве слуша.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар