Водич за комбинирање бои во вашата гардероба

Да се соочиме. Повеќето жени сме ограничени кога станува збор за експериментирање со различни бои во нашата гардероба. Така, кога одиме да купуваме чевли најчесто одбираме црни, кафени, а не виолетови, сини или жолти. Како основна боја во облекувањето ја користиме црната или белата и ја комбинираме со некоја друга боја, бидејќи нели црно и бело одат со сè! По излозите во бутиците игнорираме сè што има чудно име на боја како тиркизна или циклама, бидејќи сметаме дека тие бои не би ни стоеле нам. Но, дали таквото ограничување е добар избор?

Водич за комбинирање бои во вашата гардероба

Жените најчесто „замижуваат“ пред светлите, интересни бои бидејќи потајно стравуваат дека лошо ќе ги искомбинираат. Секоја жена кога се облекува се ограничува на горе-долу исти комбинации на бои, дезени и модни додатоци, повеќе држејќи се до она што го знае дека е добро, отколку да се обиде да експериментира со нешто ново. Реалноста е дека можете на себе да носите повеќе бои, отколку што мислите дека е можно.

Со овој едноставен водич за комбинирање бои, ќе научите како без страв да облечете жиш црвени потпетици, без да се прашувате дали баба ви би ви одобрила така да излезете од дома. Најверојатно до сега сте виделе вакво тркало со бои на часовите по ликовно образование. Епа токму тоа, ќе ви заврши голема работа во правилното одбирање на боите кои ги употребувате при вашето секојдневно дотерување.

Водич за комбинирање бои во вашата гардероба

Основни бои

Црвената, сината и жолтата е познато дека се основни бои. Сите други бои се разни комбинации од овие три. Основните бои во гардеробата можат да изгледаат одлично и без да ги комбинирате со друга боја. Тоа значи дека ако одберете модерна нијанса од некоја од овие три бои, можете да изгледате шик, без да се китите со додатоци во друга боја за да „разбие“. Носењето една боја го издолжува и убаво го оцртува вашето тело.

Водич за комбинирање бои во вашата гардероба

Доколку униформниот изглед не е по ваш вкус и сакате да изгледате малку посмело, секогаш можете да се одлучите за варијантата: употребување на сите три основни бои во едно облекување, како што е прикажано на сликата долу.

Водич за комбинирање бои во вашата гардероба

Комплементарни бои

Пронаоѓањето бои кои се меѓусебно комплементарни е многу едноставно. Изберете една боја од тркалото со бои по ваш избор (за да изгледате поуникатно изберете секундарна или терцијарна боја, односно која било освен црвена, жолта или сина) и со прстот повлечете линија кон спротивната страна на тркалото поминувајќи низ центарот на кругот, за да го пронајдете нејзиниот комплементарен пар. Ќе забележите дека тие бои совршено си одговараат за креирање модни комбинации, бидејќи се спротивни бои. Дел од комплементарните бои се: портокалова/сина, виолетова/жолта, црвена/темно зелена.

Водич за комбинирање бои во вашата гардероба

Аналогни бои

Аналогните бои се уште полесни за пронаоѓање на тркалото со бои. Едноставно, одберете една боја од тркалото и потоа одберете ја бојата која се наоѓа од нејзината лева или десна страна и работата е завршена. Боите кои се аналогни една на друга, создаваат хармоничен и „слеан“ изглед. На сликата е прикажана модна комбинација од розова и црвена боја, за кои обично се вели дека не си одговараат добро. Но, ако добро ги искомбинирате, можеби ќе се изненадите од фантастичните резултати.

Водич за комбинирање бои во вашата гардероба

Боја за акцентирање

Откако ќе го совладате тркалото со бои и ќе почнете да се гордеете со вашите лимон-жолти потпетици искомбинирани со морнарско сини комбинезонки, сепак не треба да заборавате и на поедноставните варијанти, за оние ситуации кои бараат да бидете поформално облечени. Сепак, можеби вашиот шеф не е голем љубител на тркалото со бои. Кога треба да се облечете поконзервативно, искористете понеутрални бои како црна, беж или морнарско сина и додадете некое парче облека во пожива боја, за да го освежите и модернизирате вашиот изглед. Суштината на модата се состои во слободата да го дадете вашиот сопствен печат преку облеката и постојано да бидете различни.

Водич за комбинирање бои во вашата гардероба

За крај, мало потсетување доколку и понатаму се сомневате дека треба да почнете да носите други бои, од оние кои постојано ги комбинирате. Што и да одлучите престанете да си велите: „Црното ме прави послаба, не смеам да се облечам во портокалово“. Исто така, немојте да носите на едно излегување розов фустан, розови чевли и розова чанта. Зошто да го правите тоа кога не изгледа добро!? Обидете се да го освежите вашиот гардеробер со некоја нова боја, која досега сте се плашеле да ја пробате на себе.

Со малку поголема самодоверба и добра комбинација, можете да изгледате волшебно и да заблескате каде и да зачекорите. Во реалноста, можете да ја носите која боја сакате, но треба да поседувате и желба за експериментирање со вашиот стил. Наскоро, како второ продолжение на овој пост, ќе ви покажеме и како да ги одредите нијансите бои, кои совршено одговараат на вашиот тен, боја на коса и очи.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Љубопитна новинарка со истражувачки дух, во вечна потрага по доза креативност. Животно мото ѝ е дека без утринско кафе, без испеана песна и без малку возбуда не треба да ѝ помине ниту еден ден. Се релаксира со фина музика, длабок филм или прошетка во природа во добро друштво. Верува дека добриот совет и астрологијата ѝ помагаат да се разбере себеси и светот околу неа. Неостварен сон - да го прошета светот.

Поврзани содржини

Остави коментар