Во гужва сум! – Кога сите станавме толку зафатени и како да се „одгужваме“?

Автор: Жаклина Герасимовска

Овие совети ги пишувам како реакција на неколку ситуации кои во последно време свесно или несвесно ги забележувам кај другите, но ги правам и јас лично.

vo-guzhva-sum-koga-site-stanavme-tolku-zafateni-i-kako-da-se-odguzhvame-kafepauza.mk

Дали ви е познато:

  • „Извини, во гужва сум, јави ми се подоцна или некој друг ден.“
  • „Ве молам побарајте ме некој друг ден, во гужва сум.“
  • „Леле извини те заборавив, ептен сум во гужва.“

Имам чувство како сите да сме во гужва и премногу зафатени!? Размислувајќи на темава сфатив дека веќе и несвесно кога ќе ни се јави некој, првото нешто што ќе нè праша е: „Извини да не си во гужва? Да те побарам подоцна?“ Не велам дека ова е некултурно да се праша, но некако како само по себе да ни наметнува да бидеме во гужва. А зарем е можно сите да сме во „толкава“ гужва?

Барајќи повеќе информации за концептот „да сме во гужва“, дојдов до интересно истражување кое покажува дека овој концепт потекнува од 80-тите години на минатиот век кога економската несигурност толку дошла до израз што вработените за да се издвојат од другите работеле повеќе часови од предвиденото за да ја обезбедат нивната работа.

Всушност, зошто најчесто сме во гужва?! Постојат многу причини кои го објаснуваат ова. Дел од нив се: недоволно добро приоретизирање на обврските; давање преголема важност на нашите обврски и нашето време поради што не би можеле да зборуваме со другите; неделегирање на обврските на луѓе кои може да ни помогнат; преголеми и недоволно јасно поставени лични очекувања и очекувања од луѓето околу нас (менаџери, родители, пријатели и сл.); неразумно поставување рокови за извршување на обврските; преценување на способностите и капацитетите за извршување на задачите и уште многу други.

Многу често грешиме што се фокусираме на тоа дека сме во гужва поради големиот број обврски, отколку да сфатиме зошто, т.е. која е причината што сме во гужва. Затоа, во продолжение ви презентирам некои совети кои може да ви помогнат да не дојде до моментот „во гужва сум“ и паметно да ги завршите работите:

Ограничете го времето. Колку повеќе ќе го ограничите времето, толку попродуктивни и пофокусирани ќе се чувствувате и помалку време ќе губите на понеприоритетни работи. Ако можете да си дозволите да потрошите само 1 час на еден проект, тогаш потрошете само 1 час и продолжете понатаму.

Користете планер. Ако навистина имате многу обврски кои треба да ги завршите, користете планер, виртуелен или некој друг тип, кој ќе ви овозможи да ги распоредите обврските на вашиот календар. Понекогаш е многу подобро да потрошите повеќе време на планирање, а да заштедите време на извршување на обврските отколку да се фокусирате да ги завршите сите обврски одеднаш.

Намалете ги непотребните состаноци. Откако еднаш ќе ги избришете непотребните состаноци кои не се продуктивни и не ве водат кон развој на нови идеи и бизниси, значително ќе се подобри ефикасноста на извршување на обврските.

Помогнете им на другите, но не мора веднаш доколку не е толку итно. Доколку некој ве праша за помош околу некој проект, а веќе на вашиот планер имате обврски кои мора да ги завршите што побрзо, едноставно кажете: „Секако дека ќе ти помогнам. Тоа може да го направам до… (одредете точно време и датум до кога може да го завршите тоа)“.

Ние и само ние го креираме притисокот од недостаток на време. Времето може да биде нашиот пријател или непријател. Кога времето ни е непријател, ќе забележите дека стравот од незавршување на предвидените обврски се зголемува и нормално е во такви ситуации да сме во гужва. Одредени истражувања велат дека итноста на завршување на обврските е само проблем на нашето размислување кога сме под притисок да завршиме нешто. Затоа, секогаш трудете се да ги распоредувате обврските, настаните и задачите кои ги имате.

Контролирајте ги вашите очекувања. Коренот на проблемот да бидеме во гужва е дека секогаш сакаме да направиме многу повеќе од тоа што се очекува од нас или сме разумно способни да го направиме. Поради тоа треба да работиме на тоа кои се всушност нашите ограничувања.

Слушајте повеќе. Кога зборувате со други, слушајте повеќе отколку што зборувате. Психолозите знаат дека малку се учи кога се зборува многу. Како резултат на тоа, со слушање повеќе и зборување помалку, вие всушност успорувате и се концентрирате на тоа што другото лице вели, а од тука може да ви излезат многу идеи како поефикасно да ги завршите обврските.

Се надевам дека овие совети ќе ви бидат од корист и следниот пат добро ќе размислите пред да кажете дека сте „во гужва“.

Петар Лазаров и Калин Бабушку, основачи на Македонија Експорт, се автори на прирачникот Tip of the week кој изобилува со совети за личен и професионален развој. Повеќе информации ќе најдете на нивната страница на Фејсбук.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар