Вежбајте на отворено во зима без да посетите ски-центар

За љубителите на свежиот воздух и активностите на отворено, зимата претставува кошмар кој трае и никако да заврши. Тоа е и периодот кога многумина качуваат по некој килограм повеќе затоа што студот не дава многу можности за физички активности. Сепак, зимата и снегот имаат и своја светла страна, па ако имате желба да спортувате на свеж зимски воздух постојат повеќе начини како да ги потрошите калориите. Еве неколку идеи како да се забавувате и да вежбате на отворено во зима, без да ги посетувате скапите ски-центри.

Трчање на снег

Трчањето е еден од најдобрите начини за трошење калории кога е топло, но трчањето на снег е нешто сосема друго. Отпорот што го создава снежната покривка е вистински предизвик и за физички спремните. Напорот да се остане стабилен ќе придонесе да се потрошат многу повеќе калории од вообичаено, а ќе се зајакнат и мускулите на нозете.

Вежбајте на отворено во зима без да посетите ски-центар

Пешачење

Можете да пешачите кога било и каде било. Тоа е добра причина да побегнете од градската рутина на физичка неактивност и преку контактот со природата да се ослободите од стресот. За да се ослободите и од некој килограм и да ги зајакнете мускулите на нозете, најдобро би било да изберете нерамен терен, на којшто би се качувале по угорнина, или пак предел каде што би пешачеле од едно ритче на друго.

Вежбајте на отворено во зима без да посетите ски-центар

Лизгање на мраз

Лизгањето не само што е многу забавно, туку и ги размрдува сите мускули на нозете. Ако нема лизгалиште во вашиот град, обидете се да најдете некое замрзнато езерце во околината. За да ви биде позабавно можете да го соберете друштвото, да си направите логорски оган и да си сварите чај, и од тоа да направите голема авантура и многу спомени.

Вежбајте на отворено во зима без да посетите ски-центар

Санкање

Спуштањето со санката ќе ви донесе адреналин, но не и толку посакуваното согорување на калории. Работата ќе ја заврши влечењето на санката по угорнината по која сакате да се спуштите. Ако имате деца или внучиња можете зимата да им ја направите многу забавна ако бидете оној што ќе им ја влече санката, а во исто време ќе си ја подобрите физичката кондиција.

Вежбајте на отворено во зима без да посетите ски-центар

Возење велосипед на снег

За да возите велосипед на снег пожелно е да имате гуми наменети за тоа, но дури и да немате слободно впуштете се во оваа авантура. Ова бара многу повеќе напор отколку возењето велосипед на сува подлога, па тоа ќе го почувствувате на нозете, а и целосно ќе ве исцрпи. Покрај тоа, неопходна е и добра концентрација со цел добро да го балансирате велосипедот и да избегнете евентуален пад, кој сепак не е многу страшен кога е на снег.

Вежбајте на отворено во зима без да посетите ски-центар

Фудбал на снег

Наспроти раширеното верување дека фудбалот е спорт којшто се практикува само во топлите месеци, тој е и еден од најдобрите начини да останете фит во зима, а во исто време да се забавувате со друштвото. Најубавата игра на светот ќе ви ги донесе истите здравствени бенефити како и трчањето, надополнето со многу повеќе забава. Немојте да се плашите од повреди. Паѓањето на снег не боли.

Вежбајте на отворено во зима без да посетите ски-центар

Играње во снегот

Ако спортувањето ви е премногу тешко, едноставно играјте во снегот. Каква било игра ќе ве размрда. Традиционалните игри како борбите со снежни топки (сè додека е безбедно), правењето снешко или замоци од снег секогаш се добар избор. Ако имате можност да ги играте со деца или внучиња, ете ви можност да го разбудите детето во себе и да се потсетите како изгледаше тоа кога снегот и студеното време не ви беа пречка за добро да се забавувате.

Вежбајте на отворено во зима без да посетите ски-центар

Која активност и да ја изберете, не заборавајте добро да се облечете. Најпрепорачливо е облекувањето во повеќе слоеви, затоа што тоа ќе ја задржи топлината на телото, а во исто време ќе дозволи потта да помине низ слоевите. Потребни ви се и обувки со кои полесно ќе се движите низ снегот. Пред каква било активност добро загрејте се, затоа што кога е студено мускулите се склони кон истегнувања и други повреди. И уште нешто не помалку важно, зимските физички активности значително помагаат во борбата против стресот, депресијата и анксиозноста, па затоа немојте да се двоумите дали да излезете надвор оваа зима.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар