Уметноста на критичкото размислување

Во 1985 година Стив Џобс бил отпуштен од Епл затоа што начинот на кој гледал на потребата од технологија и начинот на кој ја водел компанијата се сметале за несоодветни. Не верувал во тогаш владејачките ставови на бизнис круговите. Единаесет години подоцна се вратил во компанијата и со истите принципи ја направил една од најуспешните во светот.

Клучен во успешната приказна на Џобс бил неговиот скептицизам. Скептицизмот е неопходен за да се развие критичко размислување кое ќе ги стави на тест веќе востановените тврдења и ќе ја провери нивната точност. Луѓето кои не размислуваат критички ризикуваат да ги прифатат тезите кои им се наметнати преку воспитувањето, образованието или рекламната индустрија.

За разлика од нив, оние кои размислуваат критички, тезата ја прифаќаат со резерва и ја преиспитуваат нејзината точност. Дури и кога ќе се уверат дека таа е исправна, тие сè уште се спремни да го сменат својот став доколку излезе некој нов факт кој ќе ги натера на тоа. Поради ова тие се свои личности кои не трпат нерационално наметнување на авторитет и ставови. Тоа успеваат да го постигнат преку следните неколку чекори.

Уметноста на критичкото размислување

Бараат докази

Кога на човек со изграден позитивен скептицизам ќе му се изнесе одредено тврдење, тој нема ништо да зема здраво за готово, туку ќе бара истото и да му се докаже. Ќе праша на што се темели тврдењето, со какви докази е поткрепено и дали доказите се веродостојни.

Се сомневаат

Кога некој дозволува друг да мисли за него (сеедно дали тоа е родителот, професорот или телевизијата) станува лесно подложен на наметнување на мислења. За да се одбие овој „напад“ потребно е да се изрази сомнеж не само во ставот, туку и во аргументите на другиот и да се преиспитаат.

Играат улога на „адвокат на ѓаволот“

Скептиците понекогаш се конфронтираат со другите со цел подобро да ги разберат нивните тврдења. Дури и кога се согласуваат со тезата, тие заземаат спротивен став и влегуваат во дебата, со што ги проверуваат сите аспекти на тезата пред да донесат заклучок.

Ги комбинираат логиката и интуицијата

Луѓето кои немаат развиено позитивен скептицизам размислуваат користејќи или премногу логика или премногу интуиција. Критичкото мислење бара да се комбинираат и двата начини. Мора да се верува во нешто, па тоа да биде преиспитано преку логиката, па повторно да се верува во тоа сè додека логиката повторно не ја предизвика точноста.

Не трпат тенденциозност

Луѓето кои размислуваат критички не гледаат вести само на еден канал. Откако ќе добијат одредена информација ја бараат и другата страна на приказната, односно преиспитуваат дали се работи за личен став на новинарот или тоа е објективно пренесена информација.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар