Трикови за ефикасно управување со времето

Се чини во последно време сите се воодушевени од time management и магичните резултати кои ги носи. Посетуваме курсеви, водиме дневници, ги симнуваме последните апликации, но времето секогаш успева да нè погази.

Вистината е, триковите и советите кои ги читаме поврзани со ефикасно управување со времето во најголем дел не функционираат. Тоа е затоа што се трудиме да се натпреваруваме со „часовното време“ а во суштина живееме во „реално време“. Часовното време има 60 секунди во минута, 60 минути во час, 24 часа во ден и 365 дена во годината. Времето поминува подеднакво, секоја секунда трае – секунда! Но, кога станува збор за реалното време, сè е релативно. Самиот Ајнштајн рекол:

„Кога човек седи до убава девојка еден час, му изгледа како да поминала една минута. Но ако го седнете на жежок шпорет една минута, ќе му изгледа како еден час. Тоа е релативност.“

 Трикови за ефикасно управување со времето

Причината зошто направите и апликациите за мерење и управување со времето не функционираат е фактот што тие се направени да го мерат часовното време, а не времето во кое навистина живееме. Всушност, часовниците се неважни. Ние немаме пристап ниту влијание врз тоа време, ние живееме во простор и во време каде секундите летаат кога уживаме, а стрелките не се помрднуваат кога чекаме.

Добрата вест е тоа што можеме да го контролираме реалното време. Ние го креираме, а сè што креираме можеме и да го контролираме. И сега навистина е моментот конечно да се ослободиме од вечниот изговор „Немам време!“.

 Трикови за ефикасно управување со времето

„Би сакала да си забележам во календарот учество на семинар за управување со времето… само штом ќе најдам време да си купам календар!“

Постојат само 3 начини на кои го трошиме времето: мисли, разговор и активности. Без разлика на она што го правиме сè се врти околу овие три нешта. Ние сме ученици, студенти, бизнисмени, родители, работници и постојано сме растргнати помеѓу мал милион активности, но, ние одлучуваме колку мисли ќе посветиме на секоја обврска, битна или небитна, а колку на патот кон успехот.

 Трикови за ефикасно управување со времето

„Пред да започнеме со семинарот за управување со времето, дали секој од вас доби рачен часовник со 36 часа?“

1. Носете роковник или дневник, но не само за обично бележење на обврските. Запишувајте ги и вашите мисли, разговори и активности во текот на една недела. Многу брзо ќе сфатите на што го трошите драгоценото време и колку од она што го извршувате во текот на денот е всушност продуктивно. Кога ќе откриете што е она што најмногу ви одзема од денот, а не ви носи никакви резултати ќе знаете многу подобро да го искористите тоа време.

2. Секоја активност или обврска која е важна за вас и мора да ја извршите треба да си има закажано време. Списоците и to-do листите се ефективни сè додека не се предолги и на крајот се губиме во сите важни и помалку важни обврски. Затоа, за најважната во текот на денот закажете време и место и со сигурност ќе ја завршите.

3. Обврзете се барем 50% од времето кое го трошите во текот на денот да биде продуктивно и да ви носи видливи резултати.

4. Закажете си време за прекини. Да можевме обврските и работата да си ја вршиме непрекинато, сè ќе беше многу полесно и побрзо ќе завршувавме. Но, постојано функционираме и комуницираме со луѓето околу нас, па мора да сметаме и на тоа дека ќе треба дел од времето да им го посветиме и нив. Секогаш одвојте барем час време од работниот ден за непланирани обврски.

5. Одвојте 30 минути од утрото за да го испланирате денот пред вас. Не започнувајте со работа сè додека не знаете точно што и кога треба да направите во текот на денот.

6. Одвојте 5 минути пред секој разговор или состанок за да одлучите што точно сакате да постигнете. Ќе знаете многу подобро и побрзо да пристапите кон целта и секако, многу полесно ќе го добиете она што го сакате, а времето ќе оди во ваш прилог. После разговорот размислете дали ја постигнавте целта и како можете да се подобрите нареден пат.

7. Исклучете го телефонот, одлогирајте се од социјалните мрежи и кажете им на другите да не ве вознемируваат кога имате обврска што мора да биде завршена во најкраток можен рок. Ќе го намалите стресот и побрзо ќе функционирате.

8. Вежбајте да не се јавувате на телефонот само затоа што ѕвони или веднаш да одговорите на мејлот кој само што пристигнал. Имајте определено време во денот кога ќе одговарате на сите повици и пораки. Не давајте им го драгоценото време на луѓето во текот на целиот ден, освен ако вашата работа или бизнис не бара постојано да бидете во контакт.

9. За крај, запомнете дека е едноставно невозможно да завршите сè во еден ден. И дека шансите се огромни 20% од вашите мисли, разговори и активности да креираат 80% од вашите резултати.

 Трикови за ефикасно управување со времето

„Секогаш давам 110% во мојата работа: 40% во понеделник, 30% во вторник, 20% во среда, 15% во четврток и 5% во петок.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

Остави коментар