Токсичен срам: Што точно значи оваа помалку позната, но широко распространета ментална болест?

Колку пати додека сте биле мали некој ви рекол дека нешто е срамота? Како деца наставниците нè срамат во училиште ако направиме нешто лошо, исто како што и нашите родители и пријатели го прават истото, некогаш намерно, а некогаш не. Искуството сигурно не било пријатно, но срамот бил привремен и брзо поминувал.

shto-pretstavuva-malku-poznatoto-mentalno-narushuvanje-toksichen-sram-kafepauza.mk

Секој од нас одвреме-навреме чувствува срам. Некои луѓе дури сметаат дека срамот е корисен бидејќи токму тој ги задржува редот и мирот во нашето општество. Па, што е проблемот тогаш? Додека срамот е нормална (и многу болна) емоција, тој станува абнормален и деструктивен кога постојано го носиме внатре во нас.

Што е токсичен срам?

Токсичен срам е термин кој прв пат е составен од страна на психологот Силван Томкинс во 1960-тите. За разлика од нормалниот срам, токсичниот срам останува закопан во умот и станува дел од нашиот идентитет. Со други зборови, личноста која страда од токсичен срам ќе искуси хронични чувства на безвредност, ниска самодоверба и гадење од себе. Сето тоа е поврзано со верувањето дека личноста треба да се срами и дека е лоша. Токсичниот срам е внатрешен, закопан срам кој тлее во нас.

Што е причината за токсичен срам?

Токсичниот срам најчесто се создава низ искуствата од детството. На пример, вашите мајка или татко можеби постојано ве казнувале физички или вербално искажувале колку се засрамени или разочарани од вас. Вие индиректно сте ја прифатиле идејата дека треба да се засрамите. Срамот може да се појави и преку искуствата на училиште со наставниците, пријателите или членовите од поширокото семејство. Се разбира, токсичниот срам може да биде предизвикан од екстремни форми на злоупотреба, како инцест, силување и други форми на сексуални напади кои предизвикуваат да ја изгубите врската со реалноста.

Понекогаш токсичниот срам се појавува и од трауматични искуства подоцна во животот, како нефункционална врска со злоупотреба, инциденти на работа во кои сте биле посрамени, постојано одбивање од други луѓе и организации, предавство и слично.

Која е разликата помеѓу срам и вина?

Немојте да ги изедначувате поимите срам и вина, бидејќи иако изгледаат поврзани, сепак се сосема различни искуства. Вината е чувство на жал кога ќе направите нешто. Срамот е чувство на жал за личноста која сте. Токсичниот срам пак е лошо чувство за личноста која сте, постојано. Тој не си заминува.

Симптоми на токсичен срам

Токсичниот срам може да биде многу болна емоција. После некое време тој почнува да влијае не само на вашиот ум, туку и на вашето тело. Влијае на држењето на телото, начинот на движење, начинот на зборување и начинот на кој се поврзувате со другите. Токсичниот срам може да ги саботира и вашите најголеми напори и да ги расипе дури и најдобрите искуства кои ги имате. Токму поради ова е важно луѓето да бидат свесни за ова ментално нарушување. Не се споредува со менталните нарушувања како биполарност или анксиозност, но ја има основата на секое посериозно нарушување. Ако страдате од токсичен срам, постојат неколку знаци кои укажуваат на тоа:

  • Постојано преживување на трауматични искуства кои предизвикуваат срам
  • Постојано сомневање и неверување на другите луѓе, дури и кога се добри кон вас
  • Гадење од себе и ниска самодоверба
  • Нефункционални врски со другите кои многу често вклучуваат и зависност од друга личност
  • Саботирање на самите себеси
  • Анксиозност од срам – страв од чувствување срам
  • Чувство дека сте измамник
  • Саможртвување
  • Помирување со неисполнувачки работно место, врски и ситуации
  • Гнев и одбранбен став (како механизам за одбрана)
  • Задоволување на другите (компулсивно обидување да се чувствувате подобро за себе)
  • Перфекционизам
  • Постојано чувство на ирационална вина
  • Склоност кон зависност (за да се избегне или намали чувството на срам)
  • Ментални болести кои се дел од токсичниот срам како депресија, анксиозност и посттрауматско нарушување

Чести верувања кои ги имаат личностите кои страдаат од токсичен срам за себе може да бидат:

  • Никој не ме сака
  • Не вредам
  • Глупав/а сум
  • Јас сум лоша личност
  • Јас сум измамник
  • Не сум важен/а
  • Расипан/а сум
  • Јас сум неуспешен/а
  • Јас сум грд/а
  • Не би требало да се родам

Како да го надминете токсичниот срам?

Верувањето дека сте безвредни, несоодветни и лоши луѓе може да го направи животот многу тежок. Ако имате проблем со ова нарушување, свесни сте за болката која ја чувствувате. Овие совети можеби ќе ви помогнат да го намалите чувството на срам.

1. Погледнете се во огледало

За вежбата со огледало потребно е да подготвите простор да се релаксирате 5 до 10 минути. Штом ќе најдете мирен простор, застанете пред огледало. Погледнете директно во вашите очи и дозволете си да ги чувствувате сите емоции кои ќе се појават. Ако е потребно расплачете се. Може да почувствувате одвратност, срам, непријатност или гнев, и сосема е во ред да ги почувствувате овие работи. Штом ќе ги „извадите“ емоциите, гледајте во себе. Погледнете во вашите очи и помислете на нешто навистина искрено и грижливо како: „Те сакам“, „Те прифаќам“ или „Ти вредиш“. Правете го ова 10-тина минути. Кога ќе завршите насмевнете си се во огледалото. Забележете дали вашето лице изгледа поинаку. Интересно е што оваа вежба го омекнува вашето лице и малку ќе го промени вашиот изглед.

2. Ослободете се од напнатоста во вашето тело

Нашите мисли, емоции и трауми се складирани во нашите тела како болести и болки во мускулите. Најчесто срамот е сместен во долниот дел од грбот и стомакот. За да го поттикнете процесот на закрепнување, важно е да научите да го смирувате вашето тело со техники како јога, таи чи, масажа или едноставно секојдневно истегнување.

3. Станете свесни за вашите деструктивни мисли

Истражувајте ги вашите верувања. Понекогаш тие се леќата низ која се гледате себеси. Водете дневник и запишувајте ги овие мисли и вашите чувства за нив. Важно е да водите дневник бидејќи само на тој начин ќе можете да ги спознаете вашите мислења, напредок и работа.

4. Практикувајте сочувство кон себе

Сочувството кон себе е покажување грижа и љубов кон вас. Ќе ви биде потребно време да направите промена од лошите мисли кон вас во добри, па затоа почнете со мали чекори. Секој ден правете по една добра работа за вас. На пример, можете да си ја повторувате фразата „Јас заслужувам љубов“ или пак задоволете ги вашите физички потреби. Започнете со делот кој ви претставува најголема грижа. На пример, ако имате лоши пријатели, обидете се да ги отстранете овие луѓе од вашиот живот и пронајдете пријатели кои ќе ве поддржуваат. Ако имате грижа за вашето физичко здравје, како на пример поради дебелина, обрнете внимание на вашата исхрана.

Сочувството кон себе е нешто што треба да го практикувате секој ден, без исклучоци. Без разлика дали ќе го планирате или ќе му дозволите да се појави спонтано, осигурете се дека секогаш се грижите за себе на некој начин.

5. Погрижете се за вашето внатрешно дете

Токсичниот срам често има корени во детството поради напуштање, злоупотреба или траума. Поради ова, за да се чувствувате подобро речиси секогаш треба да се вратите во тие години. Научете како да се грижите за вашето внатрешно дете. Оваа грижа ќе ви помогне да пронајдете чувства кои можеби сте ги потиснувале. Откако овие чувства ќе испливаат на површина, вие ќе можете да се ослободите од нив и да почнете да закрепнувате. Покрај тоа, работата со вашето внатрешно дете може да ви даде одговор на некои од најважните прашања кои сте си ги поставувале свесно или потсвесно. Некои од најдобрите начини да се поврзете со вашето внатрешно дете се цртање, креативно пишување, медитација со фотографии од вас како дете и активности кои сте ги сакале како мали. Кога ќе научите да го слушате и да се грижите за тоа ранливо место во вас, токсичниот срам ќе нема простор за развивање.

Погледнете ги и неколкуте причини зошто не треба да се срамите.

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар