Станете попаметни

Автор: Горана Коневска

Што значи тоа „да се биде паметен“? Некои луѓе ги дефинираат паметните личности според високите резултати кои ги освојуваат на тестовите за интелигенција, а други пак сметаат дека способноста за решавање на проблемите и уличната снаодливост претставуваат предуслов за паметна личност.

Без разлика по кои стандарди ќе се раководиме, сите се сложуваме дека човечкиот мозок е клуч за сите нив. Тој има капацитет за развој, така што постојат одредени стимуланси кои можат да влијаат врз неговата виталност, развој и зајакнување.Станете попаметниЕве пет едноставни чекори кои ќе ви помогнат при развој на капацитетот за меморирање на многу повеќе нови податоци:

1. Медитирајте

Медитацијата и придобивките од неа му се познати на народот веќе илјадници години. Начините на медитација може да бидат за секоја личност различни, но генерално, медитацијата вклучува мирни вежби базирани на правилно дишење, преку кои практикувачот постигнува состојба на ментална смиреност. Истражувачите веруваат дека подобрувањето на меморијата, ефикасното внимание и добриот фокус се едни од главните придобивки на медитацијата.

2. Правете ментални вежби

Мозокот, како и другите делови од човечкото тело, има потреба од практикување вежби за да ја одржи својата виталност. Постојат многу ментални вежби кои се истовремено и забавни, кои може да ги практикувате каде и да сте: судоку, крстозборки, рубикова коцка и сл. Постојат и поакадемски начини за ментално вежбање, како решавање математички проблеми, геометрија и сл. Исто така може да помогне и читање статии кои го активираат и ангажираат мозокот, кои го насочуваат кон размислување и создавање на идеи или решавање на проблеми.

3. Овозможете си добар сон

Многу малку се знае во врска со спиењето и сонувањето, но дефинитивно е расчистена дилемата дека мозокот се исклучува за време на сонот. Истражувањата сега посочуваат дека мозокот всушност „се полни“ како батерија додека спиете.  Информациите од претходниот ден се складираат во соодветни т.е. ментални фолдери и преминуваат од краткорочната во долгорочната меморија. Добриот сон му овозможува на мозокот зголемување на функционалноста и можноста за фокус додека е буден. Времето потребно за добар сон зависи од личност до личност, но генерално за возрасните е препорачливо тоа да биде помеѓу шест до осум часа.

4. Грижете се за своето тело

Човечкото тело е целосно функционално поврзано, така што не е возможно да се грижите за еден дел од него без притоа да се видат придобивките и на друг дел. Пример, физичките вежби се важни за доброто здравје и во физички, но и во психичка т.е. ментална смисла. Зголемениот доток на кислород за време за физичките вежби влијае врз мозокот. Истото важи и за храната: многу врсти храна влијаат врз виталноста на мозокот вклучувајќи ги рибиното масло, јајцата, протеините и темно зелениот зеленчук. Тука може да ги вклучиме зелениот чај, јатките, медот и сл.

5. Проширете ги своите хоризонти

Одете на различни концерти, изложби, случувања, читајте различни стилови на книги, инспирирачки текстови и научни филмови. Движењето на места како галерии, концерти сали и слично ќе ви овозможи сретнување со различни луѓе, запознавање на различни стилови, проширување на хоризонтите на уметноста, а истовремено и уживање во опуштена атмосфера.

Кога сте дома пред телевизор: избегнувајте ги изразито комерцијалните канали бидејќи вниманието може да ви го окупираат безбројни непотребни реклами – но затоа пак, можете да гледате историски филмови, научни канали и сл., кои ќе ви дадат дополнително знаење од одредени области. Читањето книги ќе ви овозможи подобар речник, поголемо знаење, ќе ви го подобри фокусот, вниманието и креативноста.

И, да резимираме: менталните вежби, правилната исхрана, добриот сон, физичките вежби како и заинтересираноста за социјалниот живот се клучни за подобрување на меморијата и на мозочната функција.

* Бонус совети:

  • Не зборувајте многу: паметните луѓе знаат да се изразат со малку зборови и со едноставни реченици за да ги разберат сите. И што е многу важно, што и да зборувате бидете спремни истото да го поткрепите со аргументи и факти.
  • Овозможете си време за да научите нови работи.
  • Дружете се со најразлични типови луѓе и карактери. Тоа ќе ве подготви како да се однесувате во секаква ситуација.
  • Бидете пријател со човек/луѓе кои ги практикуваат сите работи погоре.



Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар