Совршенство

Совршенство

Недела наутро, вкусно кафе и она чувство дека цел ден можете слободно да си го поминете во безделничење… и после не постоело совршенство, кој рече такво нешто? Си постои совршенството, ама го бараме во погрешните работи.

Неодамна прочитав текст кој ме натера на размислување. Зошто трагаме по перфекцијата, знаејќи дека никогаш нема да ја најдеме? Кој вели дека мора да бидеме совршени за да бидеме среќни? Од една страна тоа е добро, нè тера да се трудиме и да успеваме, но негативностите секогаш ќе тежат повеќе на оваа замислена вага, бидејќи притисокот кој се создава во потрагата по совршенството едноставно е преголем.СовршенствоТаа потреба сè да биде совршено, постојано нè притиска и ни создава немир. Постојаната потрага по совршеното никогаш нема да нè остави вистински да уживаме, блазе на оној кој свикнал да е задоволен со постоечката состојба. Но, јас со тешко срце признавам дека сум дел од оние кои не можат да ги остават работите да поминат несовршени. Едно време мислев дека тоа ми е предност, но претпоставувам дека сфаќањето на оваа карактеристика како маана е првиот чекор кон опоравување.

Но, почнувам да свикнувам на тоа дека нема совршени луѓе, треба да ги прифатиме онакви какви што се, нема совршени врски, но постојат личности кои заслужуваат заедно со нив да минувате низ несовршенство, ничиј живот не е совршен, само има такви кои си го сакаат животот онаков каков што е.

За почеток да се навикнеме на периодите, тогаш кога ништо не ни оди по посакуваниот тек и тогаш кога ни се чини дека што и да направиме ќе ни излезе погрешно. Да бидеме свесни дека таквите периоди му се случуваат секому и да се научиме самите да се шегуваме на своја сметка. Да се шегуваме на нашата несмасност, нетрпеливост, на фризурата која никако да застане на место…

Да му се восхитуваш на некој кој во твоите очи е совршен може навистина да те мотивира, но и психички да те уништи, проблемот е голем кога тоа ќе ни стане опсесија. Експертите тврдат дека читањето на начинот на кој размислуваат овие луѓе е многу лесен. Само погледнете во насоката по која се движат и ќе сфатите од што бегаат…

Ако навлезам подлабоко во проблемот, ова ќе добие сосема различна форма. Затоа се враќам на примарната цел со огромна желба сите ние да се освестиме и да престанеме да трагаме по совршеното. Не сум совршена, мојата коса стои на место најмногу до пет минути откако ќе излезам од дома, а кога се лакирам барем еден нокт ќе се залепи за нешто или ќе се размачка. И не сум само јас, тоа е секоја девојка и секој човек. Дури и тој кој навидум изгледа совршено. Затоа да запреме со потрагата по совршеното и да ги прифатиме работите такви какви што се.

Совршена е вашата насмевка, совршени се летните утра, цветот и љубовта. Совршено е сонцето, совршена е среќата, совршена е нашата бушава коса и растурената соба. Совршена е нашата несмасност, а понекогаш и тромавост.

Уште еднаш ќе речам, да, совршенството постои, не одрекувам, само треба да го најдеме и да му се израдуваме.

Имајте убаво неделно попладне,

Вашата Ели.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

  1. Katerinche Reply

    I da se nadovrzam draga moja…Sovrseni se rucekot i popladneto pominato so semejstvoto,sovrseni se saatite pominati vo smeenje so prijatelkite…. <3 :*

Напиши одговор на Katerinche Откажи одговор