Совети за вашето прво тетовирање

Тетоважите стануваат многу популарен начин за себеизразување, особено кај младите луѓе, кои лесно ја прифатија оваа мода за потенцирање на одредени аспекти од нивната личност, преку боење на кожата со некој цртеж со симболично значење за нив. Тетовирањето, особено кога се случува за првпат, претставува едно непријатно емоционално искуство. Но, доколку ги имате овие совети на ум, ќе можете значително да го намалите стресот и да избегнете некои непријатни проблеми, кои може да се јават како недостаток на информации.

Совети за вашето прво тетовирање

Дали сте навистина подготвени?

Тетоважите се лична одлука, која решавате да ја донесете за цел живот. Затоа ако решите да се тетовирате во младите години, имајте на ум дека местото на кое што ќе ја ставите е многу важно. Исто така, и покрај тоа што луѓето сè повеќе ги прифаќаат тетоважите како дел од нечиј имиџ, сепак пред да решите да се „чкртнете“, треба да помислите на тоа дека професионализмот е обратнопропорционален со оваа мода. Тоа значи дека „утре“ можеби на вашиот шеф на работа нема да му се допаѓа тоа што сте тетовирани. Истото важи и за пирсингот. Субјективните фактори најверојатно играат најважна улога кога станува збор за изборот на тетоважата, но доколку сте цврсто решени и одлучни за преземање на ваков чекор, треба на ум да имате дека…

Потребна е соодветна нега

Откако ќе се истетовирате, кожата на тоа место ќе биде сува, ќе почне да се лупи и ќе ве чеша (а не смеете да ја чешате) и е подложна на инфекции. Неколку пати на ден ќе треба да го миете тоа парче кожа со антибактериски сапун и потоа да се премачкувате со соодветна маст, која ќе ви ја препорача мајсторот за тетовирање. Овој процес на заздравување на тетовираното место не е лесен, ниту краток, но доколку сте се решиле на таков чекор, ќе морате да трпите.

Совети за вашето прво тетовирање

Не се тетовирајте додека сте болни

Да се тетовирате додека сте болни или чувствувате дека ќе се разболите е лоша идеја, бидејќи на раздразнетата кожа и е потребен јак имунолошки систем за да се избори против евентуалните инфекции. Исто така, ако се тетовирате во летен период, исклучително е важно да не ја изложувате кожата на сончеви зраци, ниту да посетувате солариум од две седмици до месец дена после тетовирањето.

Совети за вашето прво тетовирање

Не консумирајте алкохол и лекови

Избегнувајте алкохол 72 часа пред да се тетовирате. Исто така, не е добра идеја да пиете лекарства како што е аспиринот. Причината е следнава: алкохолот и аспиринот ја ослабуваат крвта, а тоа ќе предизвика повеќе крварење на тетовираната кожа. Друга очигледна препорака е дека не треба да користите парфеми и деодоранси пред да се тетовирате.

Одберете студио за тетовирање кое го бие добар глас

Пред да закажете тетовирање, распрашајте се дали во студиото се посветува внимание за одржување добра хигиена и дали мајсторот за тетовирање е добар во својата работа. Секако, не би сакале да си дојдете дома со невкусни чкртаници на вашата кожа или не дај Боже, веднаш да „закачите“ некоја инфекција, па после да испадне „од играчка – плачка“. Треба да најдете уметник кој ќе биде способен да ви одговори на сите ваши прашања и барања. Воедно, барањето место на кое ќе ви земат помалку пари за тетовирање, не треба да ви биде главна грижа. Напротив, кога решавате да се тетовирате бидете подготвени да платите повисока (но, сепак пристојна) цена, соодветна на она што го барате. Земете предвид дека колку е покомплицирана тетоважата за цртање, толку е поскапа и секако големината на цртежот игра улога во цената.

Совети за вашето прво тетовирањеСовети за вашето прво тетовирање

Препораки од мајсторот за тетовирање

Доколку не сте сигурни како точно сакате да изгледа вашата тетоважа или не знаете на кој дел од телото сакате да ја ставите, прашајте го мајсторот да ви даде некаков предлог. Ако е добар уметник, тој мора да има и добар осет. Откако ќе ве истетовира, не заборавајте да го прашате убаво да ви објасни како треба да ја негувате кожата и со кои препарати треба да се премачкувате. Доколку сите услови ги исполните, значително ќе ги намалите шансите од каење после тетовирањето.

Совети за вашето прво тетовирање


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Љубопитна новинарка со истражувачки дух, во вечна потрага по доза креативност. Животно мото ѝ е дека без утринско кафе, без испеана песна и без малку возбуда не треба да ѝ помине ниту еден ден. Се релаксира со фина музика, длабок филм или прошетка во природа во добро друштво. Верува дека добриот совет и астрологијата ѝ помагаат да се разбере себеси и светот околу неа. Неостварен сон - да го прошета светот.

Поврзани содржини

  1. Никола Reply

    Ако си за тетовирање, одеш и се тетовираш! Овоа се повеќе изговори ако се плашеш зашо да не се тетовираш!

  2. Mia Reply

    „Овоа“ се супер совети од кои не треба да се „плашеш“ да ги прифатиш. Хахаха.

  3. Маја Reply

    Хахахах Миа 😀

  4. Miki Reply

    Јас кога за првпат решив да се тетовирам воопшто немав појма за целиот процес, само појдов и го направив тоа. Немав појма дека може да боли, макар што и не беше ништо страшно , издржлива болка е (нормално тоа зависи на кое место ќе е тетоважата), ама воопшто не знаев дека после тоа има уште еден процес на заздравување и тој процес според мене е помалтретирачки од самото тетовирање…
    Затоа е добро да се прочитаат вакви совети пред првото тетовирање.

Остави коментар