Совети од Абрахам Линколн за младите правници

Совети од Абрахам Линколн за младите правници

Пред да стане претседател на САД, Абрахам Линколн имал успешна адвокатска кариера, која ја работел 25 години. Неговиот добар углед натерал многу млади правници да се обратат кај него за совет како да станат подобри адвокати. На четири од нив им ги испратил следните одговори.

Совети од Абрахам Линколн за младите правници

Писмо до Ајшам Ривис, 5 ноември 1855 година

Почитуван господине,

Штотуку стигнав дома го најдов Вашето писмо од 23-ти од минатиот месец. Јас поминувам премногу време надвор од канцеларијата за да бидам од корист за еден млад човек кој сака да научи за правото. Ако сте цврсто решен од себе да направите адвокат веќе сте завршиле половина од работата. Не е битно дали ќе читате со некого или не. Јас не читав со никого. Земете ги книгите, читајте, проучувајте ги додека не ги сфатите нивните носечки принципи, тоа е најважно. Не е битно дали сте во голем град додека читате. Јас читав во Њу Салем, место во кое никогаш немало повеќе од 300 жители. Книгите и вашиот капацитет да ги разберете се исти каде и да сте. Господин Дамер е многу умен човек и одличен адвокат, така што немам сомнение дека тој со задоволство ќе ви покаже кои книги да ги прочитате, а веројатно и ќе ви позајми некои.

Секогаш имајте на ум дека вашата решеност да успеете е побитна од што било друго. Искрено Ваш,

А. Линколн

Писмо до Вилијам Григсби, 3 август 1858 година

Почитуван господине,

Вашата пријава за место во мојата адвокатска канцеларија од 14 јули беше примена пред неколку дена. Мојот партнер, г-н Херндон, е задолжен за овие работи и во последните три месеци веќе има одбиено дузина пријави како Вашата.

Ако сакате да станете адвокат, не дозволувајте на Вас да влијае местото каде што се наоѓате или луѓето со кои сте опкружени. Земете книги, седнете некаде и читајте. Тоа ќе ве направи адвокат побрзо од што било друго.

Искрено Ваш,

Абрахам Линколн

Писмото до Џејмс Торнтон од 2 декември 1858 година

Почитуван господине,

Го примив Вашето писмо испратено на 29-ти во име на г-н Видмер. Јас премногу сум отсутен за да можам да бидам соодветен ментор на студент по право. Кога човек ќе дојде до возраста на која е г-н Видмер, сметам дека треба да почне да чита без надгледување од ментор. Јас токму на тој начин влегов во правната професија. Дајте му на г-н Видмер да ги прочита коментарите на Блекстон, застапувањата на Чити, за докажувањето на Гринлиф, за правичноста и застапувањето во име на правичноста на Стори, нека земе лиценца, нека почне да работи и нека продолжи да чита и потоа. Според мене тоа е најбрз, најевтин и најдобар начин за г-н Видмер да направи адвокат од себе.

Искрено Ваш,

А. Линколн

Писмо до Џон Брокман од 25 септември 1860 година

Почитуван господине,

Вашето прашање „кој е најбрзиот начин да се стекне длабоко знаење за правото“ е примено. Начинот е многу едноставен, иако макотрпен и едноличен. Тоа е да земете книги, да читате и внимателно да ги проучувате. Почнете со коментарите на Блекстон, и откако внимателно ќе ги проучите, би рекол два пати, прејдете на застапувањата на Чити, докажувањето на Гринлиф, а потоа прочитајте за правичноста од Стори. Најбитно е да се работи, работи, работи.

Искрено Ваш,

А. Линколн

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар