Смудињата се минато: Холивуд „полуде“ по супите кои топат килограми

Смудињата се минато: Холивуд „полуде“ по супите кои топат килограми

За разлика од минатата година, кога зелените смудиња им беа фаворит на познатите ѕвезди, во новава 2016 година сѐ поголем број убавици се насочуваат кон здравите супи, кои лесно се подготвуваат, а се преполни со антиоксиданси.

(01) smutinjata se minato holivud polude po supite koi topat kilogrami-kafepauza.mk

Соковите и смудињата полека паѓаат во заборав, а на нивно место доаѓаат сѐ покреативни, разнобојни и здрави супи. Имајте предвид дека тука не станува збор за пилешката супа која ви ја подготвува вашата баба, туку за чорба од зеленчук, која не само што ќе ве засити, туку и се готви дупло поедноставно и побрзо од класичната супа.

Гвинет Палтроу, Џенифер Анистон, Мили Мекинтош и бројни други славни убавици се колнат во магичната моќ на овие топли напитоци. Меѓу нивните омилени се најдоа супите од брокула, компири, печурки, морков и многу други што ќе завршат голема работа за детоксикација на организмот после празниците. Дополнително, можете да ја пробате оваа 3-седмична диета која топи до 10 кг, без јо-јо ефект.

Gwyneth Paltrow

Почетокот од годината е идеално време за детоксикација, вели Гвинет Палтроу. Поради тоа, таа на својот веб-сајт „Goop“ објави список со работи кои треба да ги јадете доколку сакате да се ослободите од вишокот килограми и токсини, а главните ѕвезди на порталот се токму супите. Супите што таа ги обожава се преполни со витамини, минерали, протеини (ако додадете месо) и претставуваат вистинска витаминска бомба. Тие се нејзиниот омилен оброк, а на порталот таа неодамна објави и режим за постпразнична детоксикација, во која смести голем број рецепти за здрави супи.

Денес со вас, сакаме да ги споделиме овие 3 вкусни рецепти за супа, од ѕвездата на Железниот човек (Iron Man).

1. Супа од тиква

(2) smutinjata se minato holivud polude po supite koi topat kilogrami-kafepauza.mk

Порции: 3
Потребни состојки:
  • 1 средна тиква, исчистена
  • 2 лажици маслиново масло
  • 2 лажици кокосово масло
  • 1 поголем кромид, исечкан
  • 2 чешниња лук, исечкани
  • 2 лажици ѓумбир, исечкан
  • 1 лажичка мелен ким
  • ½ лажичка мелен коријандер
  • 3 шолји пилешка (или зеленчукова) супа од коцка
Начин на подготовка:

Исчистената тиква зачинете ја со сол и бибер и на секоја половинка ставете по 1 лажица маслиново масло, па потоа печете ја во рерна на претходно загреана температура од 200°C во времетраење од 35 минути, додека не стане сосема мека.

Во меѓувреме, загрејте го кокосовото масло во тенџере и на него убаво издинстајте го кромидот, заедно со прстофат сол и мешајте 15-тина минути на тивок оган со затворен капак. Потоа додадете го лукот, ѓумбирот и сите преостанати зачини. Издинстајте уште неколку минути, чисто за да се измешаат добро сите вкусови, а потоа додадете ја супата и посолете по ваш вкус. Оставете ја супата да се готви додека да се испече тиквата.

Кога ќе се испече тиквата, оставете ја малку да се олади, а потоа нејзината внатрешност ставете ја во тенџерето и со сите додадени состојки, оставете ја да се вари со полузатворен капак на средно ниска температура уште 10 минути. На крајот, ставете сѐ во блендер и на овој начин ќе добиете превкусна супа со боја на портокал, која можете да ја служите со малку прелиено маслиново масло или со малку павлака.

2. Зелена супа од праз и целер

(3) smutinjata se minato holivud polude po supite koi topat kilogrami-kafepauza.mk

Порции: 3
Потребни состојки:
  • 2 средни праза (само белите и светлозелени делови)
  • 2 лажици маслиново масло
  • Сол и бибер
  • 3 чешниња лук
  • 1 лажичка мајчина душичка
  • 1 среден корен од целер (исчистен и исечкан)
  • 2 ½ шолји пилешка (или зеленчукова) супа од коцка
  • 2 лажици лимонов сок
Начин на подготовка:

Исчистете го празот, измијте го и исечкајте го, фрлете му прстофат сол, а потоа динстајте го 10 минути на маслиново масло, додека да омекне (не треба да потемни). Додајте го лукот и мајчината душичка, посолете сѐ заедно и динстајте уште 3 минути. Потоа додадете го исечканиот корен од целер, ставете му малку сол и дарежливо сомелете му бибер одозгора. Подинстајте уште сосема малку и прелијте ја супата.

Гответе сѐ заедно околу 20 минути на потивка температура, со поклопен капак на тенџерето. Целерот треба да стане сосема мек, да може лесно да се пресече со нож. Кога ќе забележите дека е добро сварен, ставете ја супата во блендер и миксајте додека да добие фина текстура. На крајот зачинете со лимонов сок.

3. Супа од брокула и рукола

Порции: 2
Потребни состојки:
  • 1 лажица маслиново масло
  • 1 чешне лук, ситно исечкано
  • ½ кромид, крупно исецкан
  • 1 поголема главичка брокула, искината на поситни гранчиња
  • 2 ½ шолји вода
  • ¼ лажичка крупна сол
  • ¼ лажичка свежо мелен бибер
  • ¾ шолја рукола (ќе биде вкусно и со поточарка)
  • ½ лимон
Начин на подготовка:

Загрејте го маслиновото масло на средна температура и во тенџерето додадете ги лукот и кромидот и динстајте 1-2 минути. Потоа додадете ја брокулата и гответе уште 4 минути или додека таа не постане светлозелена. Додадете ги водата, солта и биберот, дозволете ѝ да почне да врие, а потоа намалете ја температурата и покријте го тенџерето со капак. Варете 8 минути или додека брокулата да омекне.

Ставете ја супата во блендер и додадете ја руколата и блендајте додека добиете мазна текстура. Сервирајте ја приготвената супа со малку свеж лимон.

Совет:

Внимавајте кога блендирате жешки течности. Почнете со мала брзина и блендајте ја количината во неколку наврати, ако има потреба. Не би сакале од пареата да ви летне капакот од блендерот, нели?!

Ве предизвикуваме да си ги подготвите за себе (и за вашите најблиски) овие екстра вкусни детокс супи, а потоа да го споделите со нас вашето искуство.

Добар апетит!


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Љубопитна новинарка и маркетерка со истражувачки дух, која е во вечна потрага по доза креативност. Животно мото ѝ е дека без утринско кафе, испеана песна и барем малку возбуда, не треба да ѝ помине ниту еден ден. Неостварен сон - да го прошета светот.

Поврзани содржини

Остави коментар