Синдром на хроничен умор – необјаснива појава при која ни одмор не помага

Синдромот на хроничен умор може да се дефинира како долготрајна и тешка изнемоштеност, која предизвикува пречки во моторните функции дури и кога не постои мускулна слабост. За оваа појава малку се знае, а точна причина не може да биде прецизирана, бидејќи влијаат различни фактори. Хроничниот умор уште е познат и како: поствирален синдром на умор, бениген мијалгички енцефаломиелитис, мијалгички енцефаломиелитис и синдром на хроничен умор со имунолошка дисфункција.

Синдром на хроничен умор - необјаснива појава при која ни одмор не помага

Симптомите можат да бидат најразлични, вклучувајќи и болки во мускулите и зглобовите, нарушувања на когнитивните функции, но и тешка ментална и физичка исцрпеност. Дијагнозата се поставува врз основа на симптомите, од кои најчести се токму менталната и физичката исцрпеност, во случај кога трае најмалку шест месеци. Најпрво треба да се исклучат сите можни медицински состојби што предизвикуваат различни форми на замор, за да може да се дојде до конечна дијагноза. Ова нарушување може да биде проследено и со ортостатска нетолеранција (нарушување на автономниот нервен систем кој нè држи исправени кога стоиме), проблеми со варењето, епизоди на депресија, намален имунитет и срцеви и респираторни проблеми. Некогаш и кога овие симптоми се предизвикани од други болести, заедно со болеста може да доведат до појава на хроничен умор.

Како влијае хроничниот умор на секојдневниот живот?

Досега медицината не дала точен начин за поставување на дијагнозата, ниту усвојување на определена терапија со која се третира хроничниот умор. Токму поради ова, до конечна дијагноза се доаѓа со исклучување на сите можни останати кои може да се испитаат со помош на медицинско-лабораториски методи. Во светот веќе постојат здруженија за поддршка и подигнување на свесноста околу синдромот на хроничен умор, а некои сметаат дека самата номенклатура е контрадикторна и тривијална.

Кога е во прашање лечењето, пристапот е различен, но најчесто се состои од подолг одмор, психолошка поддршка од стручно лице, а може да бидат вклучени и антидепресиви. Поради разликите меѓу пациентите, не може ни да се изведе точен статистички податок на стапката за појава на хроничниот умор, а интервалот е доста голем, од 7 до 38 на 100.000 луѓе.

Синдром на хроничен умор - необјаснива појава при која ни одмор не помага

Симптоми на кои треба да се обрне внимание

Центарот за контрола на болести и заштита во Америка издвојува неколку симптоми кои може да укажат дека лицето страда од синдром на хроничен умор:

  • Периоди на необјаснив телесен замор, кога состојбата не се подобрува со одмарање, без оглед на активноста
  • Намалена способност за памтење и концентрација
  • Општа изнемоштеност и при најмал напор
  • Сон кој ниту одмара, ниту освежува
  • Болка во мускулите
  • Болка во зглобовите
  • Главоболки со различен интензитет
  • Чести воспаленија на грлото
  • Пречувствителни лимфни јазли

Овие симптоми може да бидат слични на оние на мононуклеоза, лупус, мултиплекс склероза, фибромиалгија, примарно нарушување на сонот, пречувствителност и тешка депресија. Затоа е потребно овие заболувања да бидат исклучени од дијагнозата, за да се констатира синдромот на хроничен умор. Понекогаш и некои лекови може да дадат несакани ефекти кои предизвикуваат слични симптоми како горенаведените.

Синдром на хроничен умор - необјаснива појава при која ни одмор не помага

Стрес или вирус?

Иако точната причина сè уште не е откриена, постојат наводи дека овој синдром може да биде предизвикан од стрес, особено по долготраен напор, загуба, несреќа и насилство. Други наводи пак, кај дијагностицираните случаи нашле дека заедничко за голем процент е некое претходно потешко вирусно заболување, кое ако е долготрајно, може да резултира со стрес, кој подоцна ќе премине во анксиозност, депресија или хроничен умор. Статистичките податоци велат дека две третини од луѓето кои страдаат од хроничен умор, имаат и анксиозност и депресија, а исто толку анксиозно-депресивни лица страдаат од хроничен умор.

Затоа, доколку не можете да заспиете ноќе, ако се будите без причина, ако имате потешкотии со концентрацијата и сте изнемоштени по каква било активност, побарајте лекарска помош. Ако оваа состојба е долготрајна и нетипична за вас, потребно е соодветно да биде третирана и контролирана.

Дознајте и кои природни додатоци во исхраната може да помогнат при хроничен замор.

За авторот
Голем љубител на „Star Wars“ и трилер-романи. И многу сакам мачки!

Поврзани содржини

Остави коментар