Што мора да знаеме за шминката?

Што мора да знаеме за шминката?

Со помош на шминката може да направиме чудо од себе. Секојдневно шминкерите и мејкап-артистите ги разубавуваат своите клиенти. Четките за нанесување сенки за очи или сјаеви за усни се како магични стапчиња, менуваат на вас сè што не ви се допаѓа. Шминката е во ред сè додека се користи во одредени количини и нејзината употреба се ограничи за одредени пригоди. Еве некои работи поврзани со шминкањето за кои мора да бидеме свесни:

Што мора да знаеме за шминката?

Шминката може да ни го промени расположението, но не и карактерот

Замислете си совршено нанесен кармин на вашите усни, или „зачадена“ шминка која на вашиот поглед му дава доза мистериозност. За половина час може да се претворите од домаќинка во светски позната ѕвезда. Да, тоа е задоволството кое го дава шминката, и воопшто не е лошо кога ќе го погледнете огледалото со широка насмевка и многу самодоверба. Но, она што е најважно е тоа дека шминката ја истакнува не само вашата надворешна туку и внатрешна убавина. За да шармирате некого не е пресудна само шминката, туку и енергијата со која зрачите.

Вистинското чувство на самодоверба нема да го најдеме во нашиот мејкап несесер

Нема ништо лошо во тоа кога денот ви е лош да пронајдете мало задоволство во шминката. Но, доколку не излегувате нигде без шминка, доколку не ја ни отворате влезната врата без руменило и вештачки трепки, тогаш запрашајте се кој е вистинскиот проблем и дали недостатокот на самодоверба ќе го решите со пудрата и руменилото?

Што мора да знаеме за шминката?

Шминката не е решение за сè

Во модерното време, она на што сме навикнати е едноставно да прикриваме. Суви ни се усните, нанесуваме кармин, имаме подочници, ставаме пудра или коректор, но шминката не смее да се претвори во секојдневно средство за камуфлажа. Освен за надворешната, мора да се грижиме и за внатрешната убавина. Грижете се за вашата кожа и разубавувајте ја, но не само преку шминка, туку и со правилна исхрана, добар сон, одбегнување стрес, внесување течности, ограничено консумирање на алкохол итн.

Во никој случај нема да изгледаме како луѓето на рекламите

Тие совршени густи трепки на моделот од рекламата за маскара се вештачки, нејзината совршена кожа е фотошопирана, а за нејзиниот изглед се погрижил цел тим мејкап-артисти, па би било срамота да не изгледа така совршено! Кога гледате реклами или читате списанија не заборавајте што навистина е тоа – реклама за производ со цел да се земат пари, и плус, гледајте на тоа како уметност, бидејќи шминкањето на некој начин е уметност. И сето тоа не е воопшто страшно, сè додека и нам, обичните луѓе, не ни се заврти во глава дека не сме убави само затоа што не изгледаме како оние на рекламите.

Што мора да знаеме за шминката?

Вртоглавите цени не секогаш се вистински показател на квалитетот

Да, треба многу да се внимава каква шминка се користи бидејќи станува збор за продукти кои мора да ги одбираме според еден најважен критериум – квалитет. Но, не секогаш она што е многу скапо значи дека е најквалитетно. Секогаш, што и да купуваме, мора да размислуваме свесно, а не да се понесеме од познати марки и шарени амбалажи. Распрашајте се за производот, пробајте го доколку ви е достапен тестер, но одлуката не смее да се базира единствено на цената.

Луѓето формираат мислење врз основа на надворешниот изглед

Звучи плитко или незрело? Можеби, но така е. Може да сте супер паметна, неверојатно способна и на работно место кое носи и тоа каков авторитет, но доколку се појавувате на работа изгледајќи како да сте излезени од цртан филм, луѓето ќе добијат поинаква слика за вас. Изгледот не го прави човекот, но го претставува. Побарајте совет, не употребувајте премногу шминка, одберете го она што ви одговара, сеедно, само не дозволувајте шминката да ви го наруши имиџот.

Шминката секогаш може да ја избришеме

Не ограничувајте се себеси со користење само еден вид руменило или пудра, или купување на истата боја на кармин повторно и повторно. Внесувајте промени, пробувајте различни трендови, истражете нешто ново, можеби повеќе ќе ви се допаѓа, а доколку не е така, шминката секогаш може да ја избришете.

Што мора да знаеме за шминката?

Покрај шминката и многу други работи се важни за надворешниот изглед

Секако, сочно црвените усни изгледаат така сензуално, но не кога се придружени со лош здив. Грижете се за она што е под вашата шминка, не спијте со шминка и редовно чистете ја, користете други продукти како маска за лице или природен третман, не гледајте само да покриете привремено, гледајте да сте убави секогаш.

Во ред е да бидеме убави, но мора да бидеме и информирани

Не е работата само да купите некој производ кој ќе ви ги сокрие мозолчињата. Штом сте пораснале доволно за да користите шминка, тогаш сигурно знаете да читате. Кога ја купувате шминката гледајте кои се состојките кои ги содржи, доколку имате проблематична кожа информирајте се кои се состојките кои би требало да ги одбегнувате. Постојат дерматолози, како и информации за продуктот кој го купувате на самото пшакување. Бидете не само убави, туку и информирани и паметни.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар