Што ќе се случи со вашето тело и самодоверба доколку станете вегани?

Веганите секојдневно се соочуваат со многу осуди од останатите луѓе кои не можат да сфатат како некој може да преживее без животински производи. Секогаш ќе постојат поделени мислења околу веганството, но доколку сакате да внесете промена во вашиот живот, треба да ги имате предвид придобивките во кои уживаат веганите. Во продолжение прочитајте ги 5-те работи што ќе се случат со вашето тело и самодоверба ако решите да се обидете со овој животен стил…

Што ќе се случи со вашето тело и самодоверба доколку станете вегани?

1. Ќе станете повешти во кујната

Луѓето честопати мислат дека веганите по цели денови јадат само суви листови од спанаќ. Ова мислење е многу погрешно. Ако ништо друго, веганскиот начин на живот ќе ве охрабри да бидете покреативни во готвењето. Ќе станете експерти за правење сирови чоколадни колачиња и нема да се плашите да експериментирате со киноата, зеленчуците и житарките. Знаете ли дека можете да направите чипс од кељ, полнети тиквички, енергетски топчиња од кокос и путер од лешник? Изборот не е толку ограничен колку што си мислите.

2. Ќе го симнете вишокот килограми

Една од многуте здравствени придобивки на веганството е тоа што ќе бидете принудени да се храните поздраво. А рака под рака со здравата исхрана доаѓа и губењето тежина. Пред да си кажете „Супер, ќе бидам веган една недела и ќе ослабам 5 килограми пред да дојде лето“, треба да знаете дека работите не одат баш така. Слабеењето е само споредна придобивка од веганскиот начин на живот. Причината е едноставна. Внимавате што јадете, претпочитате природна храна, најмногу овошје, зеленчук, житарки и јаткасти плодови. Нема да ги консумирате сите тие заситени масти што се содржат во стековите или шеќерот што го има во млекото.

Веганството ќе ја подигне вашата свест за храната што ја внесувате во телото и цело време ќе се обидувате да јадете здраво. Ќе ослабите без да се трудите. Ќе забележите дека масните наслаги околу колковите и стомакот ќе ги снема дури и да не вежбате толку често. Нема ништо да изгубите доколку се обидете да станете вегани. Не само што ќе ги спасите животните, туку и ќе можете да влезете во вашите стари фармерки.

Што ќе се случи со вашето тело и самодоверба доколку станете вегани?

3. Ќе им помогнете на животните

Сигурно чувате или некогаш сте чувале некакво домашно милениче, но најверојатно не сте свесни како вашиот начин на живот влијае на животните. Веганството нема да ви помогне само околу здравјето, туку и ќе ви овозможи вие да му помогнете на светот, почнувајќи од животните. Ако користите веганска шминка, ќе ги поддржите компаниите кои не прават експерименти на животните. Ако станете свесни за храната што ја јадете, ќе станете свесни и за храната што му ја давате на вашето милениче.

Дали воопшто знаете што има во храната што му ја давате на вашето куче? Ќе станете посвесни за овие работи и подобро ќе се грижите за вашиот домашен миленик. Доколку сте зависници од модата, можеби ќе ви биде тешко да се ослободите од крзното, но кога ќе се сетите колку животи можете да спасите со таа едноставна одлука, нема да имате простор за двоумење. Веганството ќе ви покаже колку е големо вашето влијание на другите живи суштества и животната средина. Верувајте дека правењето добри дела само дополнително ќе ви ја зголеми самодовербата.

4. Вашата кожа ќе изгледа одлично

Постои вечна дебата околу тоа дали млечните производи имаат штетно влијание на кожата. Наместо да читате еден куп истражувања и статии на Интернет, уверете се во тоа самите. Многу луѓе тврдат дека откако станале вегани, кожата им се исчистила и повеќе немале проблеми со акните. Најверојатно тоа има врска со хормонот IGF-1 што го содржат млечните производи. Освен тоа, откажувањето од млечните производи ќе ви го израмни стомакот и нема да имате проблеми со надуеност. Кравјото млеко заменете го соино или бадемово. Вкусот е поразличен, но ќе се навикнете со текот на времето. Сигурно ќе ви се допадне кокосовото млеко, бидејќи е густо, вкусно и одлично оди во комбинација со утринско кафе!

5. Ќе се поврзете со природата

Веганството ќе ја разбуди вашата љубопитност и ќе сакате да дознаете што друго може да ви понуди природата покрај растенијата што ги користите за да зготвите вкусни јадења. Ќе почнете да ги цените малите нешта како што се газењето по суви лисја, гледањето во брановите кои тивко му се приближуваат на брегот и дишењето чист воздух. Овој начин на исхрана несомнено ќе ве зближи со природата.

Обидете се да станете вегани барем на една недела и видете какво влијание ќе има оваа промена на вас. Можеби ќе забележите дека вашата самодоверба значително се зголемила, па ќе продолжите и понатаму да го практикувате овој начин на живот, којзнае?!

Ова вкусно, здраво и веганско смуди од кафе, какао и урми е одличен начин да почнете со вашиот нов животен стил.

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар