Што е она што жените навистина го бараат во врската?

И додека на сите ни е добро позната изреката Жените не знаат што сакаат, факт е дека вистинскиот проблем е тоа што тие се комплицирани. Целата фрка настанува во моментот кога жената се обидува да го побара од мажот тоа што го сака, па наместо лесно и едноставно, тоа излегува комплицирано и мажот во глава добива мешавина од триста мисли. За сите оние мажи кои се соочуваат со овој проблем, следниве неколку состојки се оние кои ќе ја направат магијата, па вие покрај себе ќе имате среќна и задоволна жена.

A shot of a young couple dating outdoor

Почит

Без почит нема ни љубов. Заедницата, каква што е врската (во најмала форма), бара меѓусебно почитување на партнерите. Почитување на мислењето, ставовите, акциите. Кога некого цените и на тој некој му ги признавате оние нешта кои тој ви ги дава, тогаш и вие ќе го добиете тоа од него. Ова особено се однесува на љубовните врски. Жените најмногу од сѐ бараат да бидат почитувани од својата посилна половина бидејќи почитта е знак дека некого вреднувате како човек пред сѐ останато.

Внимание

Она нешто кое на секоја жена без исклучок ѝ е потребно во врската за таа да биде среќна е вниманието. Можеби звучи малку сурово, но реалноста е таква што вниманието „купува“ сѐ. Иако толку очигледно, многу мажи токму ова го забораваат откако ќе влезат во врска. Да, направивте сѐ и сешто за да го освоите нејзиното срце, но за да го задржите ќе треба да направите уште многу повеќе.

Секс

Постои една поговорка од оние поискусните врскаџии според која врската не може да опстои без секс. Можеби звучи површно и бесчувствително за некои, но во најголем број случаи навистина е вака. Како една од основните човекови потреби, сексот е витален дел од секоја врска, но кога е жената во прашање сексот е многу повеќе од тоа. Сексот е за неа е истовремено и физичко задоволство и доказ за љубов, па затоа мажи, сфатете го ова сериозно и направете жената покрај вас да се чувствува посебно и сакано.

Романтика

Па која жена може да ѝ одолее на романтиката? Која жена нема да се воодушеви кога ќе види постела од рози, милион свеќички кои совршено ја осветлуваат собата и ќе ја слушне нејзината најубава балада која свири во позадина? Ниту една, освен онаа која тоа го гледа после многу разговори во доцните часови кога му кажувала на својот маж колку ѝ е тоа потребно. Романтиката не е неопходно потребна секој ден, но одвреме-навреме, секоја жена сака да биде романтично изненадена.

Време

Жените сакаат да бидат приоритет во животот на нивните мажи. Иако свесни дека тоа е невозможно 100 проценти од денот, одвоеното време, особено за оние важните работи, ќе си го заврши своето. Посветеното време значи многу, значи љубов, значи грижа, значи желба. А тие може да ве одведат далеку.

Комуникација

Жените обожаваат да зборуваат. Сѐ што се случува, сѐ што чувствуваат, сѐ што им се мота низ глава… Едноставно мора да се изјаснат и да кажат што им лежи на душа, а покрај себе сакаат некој со кој може да ги споделат тие моменти. Тие сакаат некој кој ќе биде искрен и со кој ќе можат да ги споделат дури и своите најстрашни стравови и најпосакувани желби, но и некој кој ќе го направи истото. Сакаат да слушнат дека се убави, сакаат да слушнат дека се сакани, сакаат да слушнат дека мажите ги гледаат сите оние нешта кои тие ги прават за нив.

Постојаност

Чувството дека имате некој на кој може да се потпрете е непроценливо. Иако можеби не секогаш жената делува заинтересирано, таа сака да знае дека има некој покрај себе. И не, стабилноста и постојаноста не се досадни доколку не го дозволите тоа. Тие можат да бидат шармантни и непредвидливи, весели и необични… Сѐ што треба е да бидете присутни и желни, полни со поддршка и љубов.

Посветеност

Врската не е нешто кое, откако ќе го добиете, може само да го оставите на страна и тоа да си стои таму. Врската бара работа, врската бара многу работа. И на неа мора да се посветени и двајцата партнери бидејќи кога само еден е задолжен за сѐ, порано или подоцна ќе пукне. Жените имаат потреба да почувствуваат дека нивниот маж се залага за врската, дека таа му е важна и тој е подготвен да направи сѐ што може за таа да биде убава и здрава.

Забава

Кој ужива и кому му е убаво кога се досадува? Никому. Врската не е ништо поинаква во оваа смисла. Затоа е сосема очекувано да забележите незадоволство и почести расправии кога врската ќе влезе во некоја рутина. Бидејќи, додека рутината си има своја убавина, а сериозноста е неопходна во поголем дел од денот, сепак хуморот, шегите и насмеаните лица се оние кои ја прават врската убава.

Предизвик

Сѐ е позабавно и попривлечно кога претставува некаков предизвик нели? Така е и со врските. Жените сакаат покрај себе некој кој ќе ги предизвикува и возбудува, некој кој ќе ги мотивира да бидат повеќе и подобри, некој кој е расположен за промени и авантури. Иако ова не е неопходно на дневна база, сепак слободниот дух на мажот е нешто што е неверојатно секси и привлечно.

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар