Шеќерна волна

Шеќерна волна

Постои фаза во животот на малите дечиња кога тие негуваат пријателство со некое замислено другарче. Навистина не можам да се сетам дали и јас сум имала пријател од таков калибар. Како дете не бев баш дружељубива, воглавно бев сама во својот свет, па можеби и не ми бил потребен дури ни замислен пријател, а можеби сум го имала, но ме налутил по што не ни заслужил да го паметам. Сеедно. Во возбудливиот свет на пишаниот збор, повторно посегнав по дело потпишано од авторката која се прослави со големиот романтичен хит „П.С. Те сакам“. На мое изненадување, не станува збор за клише романтична приказна, туку за еден прекрасен, имагинарен детски свет.

Баш како што вели замислениот пријател на Лук, возрасните се просто премногу здодевни за да можат да го видат. Тие ги живеат своите досадни животи, преокупирани со плаќање сметки и со работа, и во суштина не се фокусираат на работите кои ги имаат туку на нештата кои им фалат. Напати не разбираат колку нештата можат да бидат едноставни и дека навистина во животот постојат многу причини за среќа. Кога децата имаат потреба од таков другар, тој се појавува во нивните животи, а возрасните одбираат да не веруваат во него. Тие, за разлика од децата, одат во кревет за да се одморат, а не да сонуваат.

Која ми е целта? Полека, смирено, сега ќе ви раскажам и друга случка, па на крај сами поврзете ги точките…Шеќерна волнаНеодамна стигна писмо адресирано до мене, од среќа потскокнував дури го читав. Последното писмо рачно напишано за мене пристигна во 3-то одделение и беше од непознато другарче. По толку години и безброј електронски пораки го почувствував пак она старо добро чувство на лист хартија кој пристигнува речиси од другата страна на светот специјално за тебе. Ѝ се поклонувам на технологијата и само нека оди напред, ама богами ова „старомодново“ ми ја топли душичката.
Во писмото, старата женичка која ја запознав пред 2 месеци, ме поздравува и бодри да итам смело кон моите соништа, бидејќи сите сме родени за нешто, а можеби и за повеќе работи. Паметам дека последниот пат кога се видовме, тие стари и треперливи очи целосно ми ја отворија нејзината душа. Ми ја раскажа својата животна приказна како да ѝ влевав сигурност дека секој нејзин збор ќе остане заклучен во моето срце. Ме потсети дека сите ние неретко итаме кон глупави и плитки работи наместо да дозволиме да нè опијат вистинските вредности во животот.

Па од светот на шминката, високите потпетици и желбата за внимание, се преселив во светот на големите шарени балони со хелиум. Омилени ми беа кога бев дете. Сè што сакав беше да ми купат таков балон, а потем бев најсреќна на светот. По некое време моите престанаа да ми ги купуваат бидејќи по нецели 10 минути ги „испраќав“ на небото. Дали уште како мала сакале да ми одржат лекција дека ако дозволиш твојата желба, она што те прави среќен, лесно да ти се излизга од раце, можеби нема да имаш шанса да го добиеш пак?

Ете, порано среќна ме правеле балоните со хелиум. Денес ме хипнотизираат светкавите задоволства од излозите со накит. Веќе ми е страв од самата себе, што ќе посакувам за некое време? Затоа решив да прошетам и да ги набљудувам големите балони, некои со нови детски јунаци, а некои со омилените од моето детство. Гледам девојче кое се шета со балон со ликот на Твити и јаде розова шеќерна волна… Можеби лекот на сите ни е да се потсетиме на нашите детски желби и да научиме да им се радуваме на малите нешта. Повторно да ја разбудиме нашата детска имагинација и нескротливата желба за откривање на светот, и секако, да ги спуштиме носевите кои ни се кренати доста високо. Да наѕирнеме длабоко во секој од нас и преку нашето его желно за супериорност и за што е можно повеќе, да го видиме невиниот детски лик кој најмногу се радува на зашеќерено јаболче, шеќерна волна или лепче со ајварче намачкано од мама.

Ели

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар