Седум карактери на мажи од кои треба да бегате

Запознаваме секакви, високи и ниски, разбрани и инаетчии, снобови, авантуристи… Не секој ја има способноста да ги прифати луѓето онакви какви што се – со сите доблести и маани. Но, не умее секој да се оттргне себеси од оние кои му влијаат негативно. Постојат луѓе со тешки карактери, со карактерни особини кои на некого може му одговараат, но вас психички би ве уништиле. Треба да умеете да се заштитите од таквите. Овде ги издвојуваме момците од кои би требало да бегате со цел да спасите жива глава.

Седум карактери на мажи од кои треба да бегате

1. Господин Љубоморен

Неговата љубомора не познава граници, тој може му љубомори и на вашето куче бидејќи поминувате премногу време галејќи го. На почеток љубомората ви изгледа слатка, бидејќи не веднаш тој ќе ја изнесе на виделина неговата опсесивност. Не дај боже да излезете на кафе со другар од средношколските денови или да организирате вечерно излегување со вашите другарки. Него веднаш го фаќа нервоза. Со тек на време, не покажува љубомора само кон машките од страв да не ве заведе некој друг, туку љубомори на секоја личност, животно, дури и предмет, кое го привлекува вашето внимание. Страв да не ве изгуби? Желба да му се посветите целосно нему? Подобро да речеме опсесивна љубомора од која нема спас. Љубомората до некаде е добра, ама само во оние мали количини кога искажува страв да не ве изгуби.

2. Насилникот

Во ред е да е подготвен да ве одбрани од што било. Но, веднаш се гледа човек кој е насилен. Тоа што ќе добие желба да го истепа келнерот кој ви се насмевнал додека ви го носел пијалакот, не е знак дека е заштитнички настроен кон вас, туку дека има желба да биде насилен. Со тек на време ќе почне да ве тегне за рака, да не внимава колку силно ви ја стега дланката или ќе ве повлече за коса. Тргнете се додека имате време, голема е веројатноста тој да стане понасилен кон вас. Во нашето општество, за жал, и во денешно време, нагонот за насилство не се гледа како голем проблем за кој треба да се побара стручна помош, туку едноставно се игнорира. Насилството не е оправдано за никого во никоја ситуација.

3. Двоен играч

Тој можеби ве почитува и е нежен со вас, може дури и да ве сака. Но, тоа не ја исклучува можноста да биде двоен играч. Ако по природа е непоправлив женкар, размислете добро дали тој некогаш би се променил. Не ни мора да станува збор за женкар. Може да е недозреано момче кое се радува на секоја прилика да биде со некоја девојка, па кога би му се пружила шанса, веднаш би заборавил на вашето постоење. Не трошете си го времето со маж кој има други девојки како резерви и наголемо размислува за други опции. Немојте да мислите дека ваквиот тип е тешко да го препознаете. Напротив, најлесен е за откривање. Само треба да си ја разбистрите главата од моменталната заљубеност и јасно да ги погледнете работите околу вас.

4. Повредениот

Сите сме биле повредени, но некако сме престанале да зборуваме за тоа на секои пет минути. Работата е во тоа што многумина не забораваат така лесно. Тој често ќе ви зборува за неговата бивша, за тоа како бил изневерен, предаден, повреден и што уште не. Тој е скршен, а машкото его не се лечи брзо, особено ако самата личност не може да се помири со фактот. Не дозволувајте да ја имате улогата на негов психијатар. Ако е подготвен да излегува повторно, во ред, но ако му треба време да се соземе од повреденото срце или едноставно е тип кој не го остава минатото лесно зад себе, дајте му до знаење дека имате живот каде тој не е добредојден.

Седум карактери на мажи од кои треба да бегате

5. Нарцис

Тој е најубав и сè што е поврзано со него е најдобро. Екстремно активен на социјалните мрежи, со слики и статуси и огромна желба да биде популарен, но ќе го бара спротивното од себе. Сака поскромна девојка со цел тој повеќе да доаѓа до израз. Што ќе ви е „маж“ кој доколку би се натпреварувал со вас во поминување повеќе време пред огледало, би ве победил?

6. Мамино момче

Единствено машко дете во семејството, или со уште тројца браќа, не е важно. Тој може да има симптоми на мамино момче. Додека бил дете бил размазен од страна на неговата мајка. Но, доколку размислите добро и сфатите дека не се промениле многу работи од тогаш, запрашајте се дали тој би направил место за уште една жена во својот живот? Мажите кои си ги почитуваат мајките имаат навистина прекрасна карактерна особина, но не се само мамини галеничиња. Тој ќе ве поистоветува со неговата мајка, што и да зготвите никогаш нема да е онолку вкусно како рецептот на мама и никоја девојка не е доволно добра според неговата мајка. Кога во просек ќе го слушате зборот „мама“, повеќе од кој било друг збор, бегајте ако ви се мили нервите.

7. Алфа мажјак

Нема да дозволи ваш напредок, ќе ви забранува да ја унапредите вашата кариера, всушност не ни сака да имате кариера бидејќи ако некогаш би биле во брак, тој ќе биде оној кој ќе го носи лебот дома. Вие само ќе треба да перите, пеглате и седите дома, сè останато препуштете му нему. Кога тој многу често, особено во друштво, нагласува колку мажот е посупериорен од жената, тргнете се и најдете некој кој ќе ве почитува и ќе се радува на вашите успеси. Некој кој вашиот напредок во кариерата ќе го смета за гордост.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар