Сакате рифреш или старт овер аген?

Во последно време ме мачи прашањето, зошто луѓето толку очајно сакаат да ги повторат врските кои еднаш им пропаднале? Зошто би сакале да си ја повториме несреќата? Зошто повторно би го направиле истиот избор знаејќи дека е погрешен? И дали постои љубовна одмазда?

Всушност, станува збор за ситуацијата, кога на пример, твојот бивши ќе ти заѕвони на телефон и ќе те повика на кафе. Како, зошто, од каде, која е целта, за што би правеле муабет? Работите завршиле така гадно помеѓу вас, повеќе од година дена збор не сте си рекле, еден ден телефонот ѕвони, бројот од негде ти е познат, ама не ти текнува од каде, слушаш познат глас и… „Кога си слободна да пиеме кафе?“ Да пиеме кафе? Во смисла да си направиме муабет? Шо прајш, како си, што има ново, како ти е животот откако во последниот разговор и двајцата се отеравме… на едно лошо место. Само прашалници ми се вртат во глава. Која е целта??Сакате рифреш или старт овер аген?Ама не е така сложено. Ако добро размислиш си има причина. Си го навраќам филмот. Многу разговори, дискусии за љубовните врски, со пријателки, познаници, раскажани случки… Чекај малку, па тоа е љубовна одмазда. Сега ќе ви објаснам, а откако ќе сфатите што мислам, ќе ви стане јасно како бел ден… дека и вие сте ја доживеале, секој ја доживеал!

Двајца се во врска, едниот гадно го повредува другиот, егото на повредениот е фатено со рака, фрлено на улица и згазнато неколку пати. Што прави повредениот? Чека извесен период, крева слушалка, или наоѓа друг начин да ти се приближи, пробува некако да направи да се сретнете на само, па да започнете некаков однос, нешто можеби слично на врска, демек да пробаме пак, ама сè со цел за овој пат, тој/таа да биде онаа страна која остава и повредува. Да, остава и повредува, активен извршител, а не трпител на дејството.

Нема врска машко его или женско его, ваквиот нагон за одмазда еднакво го поседуваат и двете страни. И не е само во љубовта, туку речиси за сè во животот. Луѓето сакаат да го кажат последниот збор, да си ја олеснат душата, да го одмаздат повреденото срце, да кажат дека на крај тие се оние кои најслатко се смеат.

Нели е глупаво да губиме време планирајќи одмазда? Што докажуваме со кроењето план за одмазда? Дека сè уште не сме ја заборавиле и преболеле личноста и дека уште ни е главна тема на размислување. Љубовната одмазда се состои од две поенти: или пробува да ти се одмазди, или сака да ти докаже дека те преболел/ла и прекрасно му е/ѝ е во животот без тебе… а најверојатно и двете. Јасна да ни биде оваа вистина: Човек кој навистина е среќен и успешен, нема да се труди од петни жили да го докаже тоа. Така што, при секој обид за ваква одмазда, се докажува спротивното од она што сме сакале да го докажеме. Плус, таа одмазда, никогаш, ама НИКОГАШ не успева. Можеш само да завршиш поповреден/а од претходно.

Нели едноставно треба да ги оставиме работите да си течат онака како што си течат? Да си продолжиме со животот? Прво не ми беше ни на крај памет да пишувам на темава, си мислев оваа глупост не може да биде толку честа, сè додека не сфатив дека љубовната одмазда му се случила буквално секому. Или сте пробале да ја извршите, или некој пробал да ви се одмазди вам.

Нема рифреш опција во реалниот живот, не сме програмирани како компјутерите. Никогаш не сум верувала во поправањето на нешто што еднаш се скршило, секогаш ќе ја гледаш залепената пукнатина и ќе те потсеќа на едно нешто: ова еднаш се распука, кој гарантира дека нема да се случи пак? Затоа станав отпорна на такви глупости. Никогаш не сум гледала поента ни во одмаздувањето, ниту пак во пробувањето да успее пак нешто што еднаш дошло да степен за нигде.

Да тапкаме во место и да повторуваме грешки? Да си го потрошиме животот во одмазда или во докажување некому нешто? Е не, не е баш некој сјаен избор!

До следното читање,

Вашата Ели.



Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

  1. lady Reply

    wow! super tekst!! bi bilo dobro da ima poveke vakvi tekstovi na kafepauza:)

Остави коментар