Рајски соништа

Рајски соништа

Веќе една година откако ја изгуби засекогаш, не размислуваше постојано за баба си. Животот продолжи да тече. Се појавуваа нови луѓе во нејзиниот живот, нови љубови, предизвици, успеси и падови. Но некогаш на крајот од денот, кога ќе стивнеше сообраќајната мешаница и кога градот ќе легнеше да спие, пригушеното светло од уличната светилка ја тераше да размислува. Неретко ќе ѝ поминеа секакви мисли во главата, а кога ќе надојдеа такви спомени сакаше да ја гледа сликата со баба си, која тајно ја извади од семејниот албум и дотогаш никој немаше забележано дека недостига.

Во градината со цвеќе, пред розовиот дубак, баба ѝ ја држеше во прегратки за да биде голема колку неа, а не да седи на ниско во дубачето. Секогаш кога се сликаа, баба ѝ ќе ја истегнеше раката пред нив за таа да гледа право во фотоапаратот. Толку беше среќна што ширум ја имаше отворено устата во една толку искрена и детска насмевка, покажувајќи ги трите запчиња кои ѝ беа пораснале. Само на сликите со бабичка толку многу се смееше, со никој друг…Рајски соништаА баба ги раскажуваше најинтересните приказни и сказни, во нејзино друштво никогаш не беше здодевно. Некогаш дури и ги играа приказните. Омилена им беше онаа за селанецот кој сакал сам цар да се стори. Пиј си го кафенцето, а азното само ќе си дојде. Откако ќе ја изиграа еднаш си ги менуваа улогите. „Ајде сега баба ќе биде царот, жено, дај чибукот ваму!“, и одекнуваше смеа.

Баба не остави накит и фустани како наследство. Ги остави најубавите приказни кои таа требаше да ги пренесе на своите деца и внуци. Остави топла добрина која ѝ ја осветлуваше душата во најтешките мигови, остави пример за тоа што значи да се биде човек, човек и пол! Остави трага во животите на толку многу луѓе и допре до толку многу срца. Тоа што некогаш ѝ недостасуваше до болка беше целосно разбирливо, зашто кога губиш некој толку близок, на некој начин губиш дел и од себе.

Повторно ја погледна сликата и сфати дека најголемиот ангел-чувар додека растеше беше нејзината баба. Кога беше со неа не смееше ни влакно од косата да ѝ фали. Сето зло на земјата требаше да стои понастрана од нејзината внука. Кога баба тешко се разболе и некогаш забораваше каде се наоѓа, за едно нешто никогаш не грешеше, често ќе речеше „Ти си ангелот-чувар на баба“. А таа не разбираше зошто, сè што правеше беше подавање на апчињата и полнење вода во чашата. Откако веќе немаше можност да ја прегрнува баба си секој ден, сфати дека таа секогаш ќе ја набљудува и чува, ќе пази на неа гледајќи ја од високо и ќе му нареди на злото да стои подалеку од нејзината внука. Таа беше сигурна дека баба ѝ беше и остана нејзиниот ангел-чувар засекогаш.

Најголемото наследство кое една баба може да ѝ го остави на својата внука не е ни накитот ни парите, туку приказните за добра ноќ. Ништо не е вечно на овој свет, освен луѓето кои заслужиле да не бидат заборавени.

Не чекајте да изгубите некого за да почнете да го вреднувате неговото присуство.

До следното читање,

Вашата Ели.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар