Работи кои засекогаш ќе се врежат во сеќавањата на вашите деца

Работи кои засекогаш ќе се врежат во сеќавањата на вашите деца

Во очите на децата родителите се семоќни. Љубовта која децата ја чувствуваат кон нив е безусловна, а довербата апсолутна. Така стојат работите додека тие се мали, а кога ќе пораснат и ќе станат критичари и бунтовници, она што го впиле додека вие активно сте ги користеле вашите родителски супермоќи, се повлекува во позадина – но и понатаму е тука, за да излезе во прв план кога тие се тажни, кога им недостигате, кога треба да донесат важни животни одлуки, кога им треба совет и поддршка или кога им е потребен некој на кого би му се спротивставиле за да ја докажат својата автентичност.

Некаде во себе, сите ние и понатаму сме деца на нашите родители, кои понекогаш плачат, имаат потреба од утеха и болно го чувствуваат сето она што не го оствариле во односот со своите родители. Имајте на ум дека и вашите деца ќе се чувствуваат така и дека сеќавањата кои ќе ги создадете за нив ќе бидат драгоцени. Можеби нема да можете во целост да го контролирате она што тие ќе го впијат, но тие впиваат сè, а особено она од што би сакале да ги заштитите. Ова се сеќавањата кои ги чува детето во секоја возрасна личност.

1-raboti-koi-kje-se-vrezhat-vo-sekjavanjeto-na-vashite-deca-www.kafepauza.mk_

1. Чувството на сигурност или несигурност

Ова е основно чувство кое се стекнува уште на мајчините гради. Децата се беспомошни, а вие сте им единствената стабилност и заштита. Вие сте нивната сигурност. Безгрижноста заминува со заминувањето на детството, потоа стануваме свесни и загрижени и должни сме самите да пронајдеме рамнотежа помеѓу сигурноста и несигурноста. Ако во детството сигурноста сме ја барале во сопствениот свет, надвор од секојдневните напнати семејни односи, тоа ќе влијае за да ја пронајдеме и кога ќе пораснеме, бидејќи тоа е нешто кое сме го научиле уште како мали. Голема е веројатноста дека личноста ќе биде постабилна и ќе има способност за подобра проценка во однос на довербата и внимателноста, ако со себе го носи основното чувство на сигурност, кое имплицира дека светот е безбедно место во кое таа е добредојдена и каде што има место за неа – место во кое среќата е можна и реална.

2. Времето кое сте го поминале во игра со вашите деца

Околу децата има доста работа, но тоа не е посветување и тие не паметат како сте ги бањале, пресоблекувале, хранеле, како сте заработувале и сте го одржувале редот, за тие да имаат сè што им треба. Бидејќи, сè што им е потребно на децата е вашето целосно внимание. Сето она што ви го одвлекува вниманието од нив, за нив е само пречка. Тоа што вие морате да подготвите храна, да ги измиете садовите, да отидете до маркет, да се затворите во бањата, да спиете или да правите што било друго во кое тие не учествуваат, децата не можат да го разберат. Но, кога потполно ќе им се посветите, кога ќе оставите сè друго и ќе си играте со нив, како и кога секојдневните работи ќе ги правите низ игра, тие ќе бидат воодушевени и тоа е она што засекогаш ќе го паметат. Години подоцна, тие ќе се сетат на работите кои вие потполно сте ги заборавиле, бидејќи тие за вас претставувале родителска задача, нешто во кое можеби не сте биле присутни со целото срце, но сепак сте правеле сè што е потребно, за тие да го зачуваат помеѓу своите најомилени спомени од детството.

2-raboti-koi-kje-se-vrezhat-vo-sekjavanjeto-na-vashite-deca-www.kafepauza.mk_

3. Вашата брачна комуникација

Децата набљудуваат како комуницираат нивните родители. Поголемиот дел не го разбираат, но сè чувствуваат, стекнуваат впечатоци и изведуваат сопствени заклучоци, кои остануваат дел од нивната несвесна содржина и имаат големо влијание врз нивните емотивни односи. Ако се обидувате да не се карате пред вашите деца, тоа сепак нема да ги заштити од нарушените односи, бидејќи тие многу прецизно ќе ја регистрираат вашата напнатост, чија причина не им е позната, а тоа за нив претставува минско поле од впечатоци и сопствени заклучоци. Доколку вие и вашиот партнер имате однос во кој преовладуваат љубов, доверба, искреност, разбирање и почитување, децата ќе го знаат тоа и ќе го чувствуваат, дури и кога ќе се расправате или еден кон друг ќе бидете нестрпливи и негативни. Децата секогаш ја чувствуваат вистината, па би требало да бидете свесни за тоа. Кога ќе пораснат, најтешко ќе им биде да ви простат поради работите за кои сте ги лажеле – и за кои сте се лажеле и себеси.

4. Вашата поддршка и разбирање

Не мора да го одобрувате сето она што тие го прават. Можете да ги критикувате, да им поставувате граници, да ги наградувате или казнувате, настојувајќи да спроведете некој разумен воспитен метод, кој од вашето дете треба да создаде стабилна, одговорна и способна личност. Секој воспитен метод е добар, ако сте доследни и верувате во она што го правите. Но, ако го осудувате вашето дете, никогаш не сте горди на него, не се воодушевувате од она што тоа го прави и постојано барате да се коригира, да биде подобро и да се огледа на подобрите од него, им нанесувате трајна штета на неговата самодоверба и способноста да се сака себеси.

5. Семејната традиција

Начинот на кој ги прославувате важните датуми и важните моменти во вашето семејство се вашата традиција. Приказните пред спиење, бакнежите за добро утро и добра ноќ, начинот на кој се јавувате кога ќе влезете дома за да го огласите вашето присуство, важноста која им ја давате на нештата кои ги работите со вашето дете – сето тоа се семејни традиции. Нешто кое ќе го носат во срцето, што ќе ги грее, што секогаш ќе ги следи и за кое еден ден ќе им раскажуваат на своите деца.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Комуникативна, весела, оптимистички настроена. Обожава книги, музика, филм и приказни кои инспирираат. Сака да пие кафе, па макар и сама. Верува во себе и во своите можности, бидејќи кој не се обидел - не успеал!

Поврзани содржини

Остави коментар