Пролетно сонце и вљубени погледи

Сакате магија? Често ја гледаме пред нашите очи, но ретко ѝ го посветуваме заслуженото внимание. Се вика сончева светлина. За миг може намуртеното лице да го направи весело, а осаменото срце заљубено. Сонцето грандиозно се искачува на небото секое утро и прави романтична слика кога си оди да спие доцна напладне. А преку ден ве мами да излезете од дома и да уживате додека трае. Сонцето инстантно ви го променува расположението. Ги брка лошите мисли и прави место за позитивни.

Сонцето најлесно може да ги соблече девојките речиси голи, ни еден фраер не му е рамен. Ни прави брчки на лицето, што од среќа, што од УВ зраци, а и пегите не се исклучок, ама ич не ни е грижа. Ве тера да ставите очила, што од потреба, што од шема.Пролетно сонце и вљубени погледи Ве поттикнува да им заѕвоните на подзаборавените пријатели и да излезете на кафе-муабет. Сонцето нè прави палави и немирни. Нè тера да сакаме сè и тоа веднаш, ни дава енергија и елан за живот. Нè потсеќа колку сме среќни што го вдишуваме секој нов здив. Прави уште повеќе да си го сакаме семејството и пријателите. Нè скокотка во стомакот и нè тера да се вљубиме.

Најслатките романси се во пролет, а најжешките (и во метафорична и во буквална смисла) се во лето. Дали е од поленот или од пеперутките? Пролетта ги буди хормоните за љубов. Не мора да читате хороскоп, јас уште сега ќе ви кажам. Оваа пролет, ако не сте вљубени ќе се вљубите, а ако веќе сте вљубени, ќе се вљубите уште повеќе.

Подготвени сте? Следува период на тенки кошули, лелеави фустани, куси панталони, кратки ракави, наочари за сонце, балетанки, овошни сладоледи, ладно пиво, газирани пијалаци, ледени кафиња, мастики со вкус на лубеница, светли нијанси на лакови за нокти… но најважно од сè, на слатки, а богами и на жешки романси. А јас ви посакувам да ги имате многу… или онолку колку што сакате. Впрочем, неизбежно е. Сигурно Купидон бил роден во пролет, и гарантирам дека токму во овој период има најмногу работа. Само дозволете да ве погоди со златната стрела…

„Денот кога Бог ја создал надежта, веројатно бил истиот ден кога ја создал пролетта“. – Берн Вилијамс

До следното читање,

Вашата Ели.



Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар