Професионални совети за шминкање

Интернетот е преплавен со талентирани и помалку талентирани девојки кои објавуваат разни туторијали за шминкање и некои од нив се навистина одлични. Но, колку и да се придржуваме до упатствата и советите, не ги добиваме секогаш истите резултати, а некогаш не сме ни приближно до изгледот што го посакуваме. Сигурно ви се случило еднаш да успеете совршено да нашминкате „зачадени очи“, а веќе наредниот пат да изгледате како да не сте спиеле со денови. Овие професионални совети ќе ви помогнат да ги подобрите вашите вештини за шминкање и секогаш да изгледате совршено.

1. Потрошете некој денар повеќе на потребните алатки

Голем дел од професионалните шминкери нагласуваат дека алатките во комбинација со продуктите кои ги користиме се подеднакво важни како и способностите кои ги поседуваме. Па така, ако користиме просечни четки, просечна шминка и имаме просечни способности, само со подобрување на квалитетот на четките и шминката, без да ја надградиме техниката на шминкање, резултатите се веднаш драстично подобри.

Професионални совети за шминкање

  1. Четка за пудра во прав
  2. Четка за руменило
  3. Четка за изедначување и мешање на сенките за очи
  4. Четка за нанесување сенка за очи
  5. Четка за прецизен агол
  6. Четка за нанесување кармин

Кога веќе ги имаме соодветните четки, треба да знаеме и правилно да ги држиме и користиме. Во суштина, начинот на кој ја држиме четката влијае врз јачината на шминката. Па така, ако ја држиме четката поблиску до самиот врв тогаш нанесуваме шминка со поголем притисок и изгледа појако со посилни бои, и обратно. За изедначен изглед најдобро е четката да се држи на средината на рачката.

Професионални совети за шминкање

2. Ефектот на „маска“ може лесно да се избегне

Сите го знаеме основното правило дека пред да ја нанесеме течната пудра секогаш мора прво да ја нанесеме нашата крема за лице. Кремата ни овозможува заштита во текот на целиот ден и многу поизедначен тен отколку кога би нанеле само пудра. Но, доколку и покрај ова правило сè уште се борите со ефектот на маска, тогаш ова трикче ќе ви биде омилено.

Слободно измешајте ги кремата за лице и пудрата на едно место пред да ги нанесете! Вашата пудра многу подолго ќе трае, а ефектот е далеку поприроден. Ова особено е корисно при секојдневното шминкање кога немаме потреба од тони шминка, а сепак сакаме доволна покриеност на нашите мали маани.

Совет плус: девојките со мрсна кожа треба да ја нанесуваат течната пудра со помош на сунѓерче. На тој начин, потребната текстура од пудрата што ни треба за прекривање на недостатоците се задржува на сунѓерчето и се пренесува на нашата кожа, а непотребните масла од самата пудра се избегнуваат.

3. Научете правилно да ги користите боите

За секој недостаток постои решение! Иако мислиме дека не постои начин да ги покриеме огромните подочници или црвенилото на образите, всушност тука лежи магијата на професионалната шминка. За сите несакани бои кои ги има на нашето лице постои боја која ги неутрализира. Па така, коректорите со зелени пигменти помагаат да се скрие црвенилото на лицето, а портокаловите коректори помагаат да се отстранат сините нијанси од подочниците.

Професионални совети за шминкање

4. Обликот и цртите на лицето можат визуелно да се променат

Правилното исцртување на контурите на лицето заедно со играта на светлината низ потемни и посветли нијанси, навистина може драстично да ни го смени изгледот. Со помош на нијансирањето го нагласуваме она што ни се допаѓа, а го сокриваме она што смета. Правилото е: нијансите коишто се посветли од самата кожа истакнуваат, а потемните нијанси визуелно го намалуваат или стеснуваат местото.

Доколку сакате малку да го издолжите обликот на вашето лице сè што треба да направите е да исцртате „3“ преку двете страни на вашето лице со помош на бронзер. И тоа, започнувате од едната слепоочница, преку вдлабнатиот дел на образите и до долната вилица. Ако мислите дека вашиот нос е премногу широк, повлечете две потемни, тенки линии од двете страни почнувајќи од местото каде што се спојуваат веѓите надолу, а во средината нанесете посветла нијанса.

Професионални совети за шминкање

5. Нагласете ги очите со помош на вистинските нијанси

Доколку спротивните бои ги ставиме една над друга, како на пример коректор со зелени пигменти над црвенило, тогаш тие меѓусебно се исклучуваат. Но, доколку се постават една до друга, тогаш меѓусебно се нагласуваат што е особено важно кога сакате да изберете најдобра нијанса на сенка за вашите очи.

Зелените очи најдобро се истакнуваат со црвени нијанси, но бидејќи црвената не изгледа најдобро како сенка, одлична алтернатива се темните нијанси на вино.

Сините очи одлично се нагласуваат со сенки во златни нијанси или праска.

Кафените очи се неутрални и на нив одговараат сите нијанси, но најдобро ги истакнуваат сините и виолетовите нијанси.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

Остави коментар