Потпечени полнети шампињони

Лесен ручек кој едвај ќе чекате да го направите повторно

Потпечени полнети шампињони

Потребни состојки за две порции:
  • 500 грама свежи шампињони
  • Малку путер
  • Малку масло
  • Вегета
За филот:
  • 30 грама рендано сирење
  • 30 грама рендан мек кашкавал
  • 5-6 црни маслинки
  • Бибер
  • Оригано
  • Сув пармезан
  • Лук во прав

Потпечени полнети шампињони

Начин на подготовка:

1. Измијте ги печурките и извадете им ги дршките. Во тавче сипете малку масло и тука наредете ги со отворот нагоре. Можете да ги натиснете да бидат погусто наредени, бидејќи и онака ќе се исушат и со тоа многу ќе намалат од големината.

2. Ставете им малку вегета и по едно сосема мало парченце путер во секоја вдлабнатина. Дршките исчистете ги на краевите и ставете ги и нив во тавата, додавајќи им малку путер и од зачинот. Пикнете ги во загреана рерна на 220 степени Целзиусови.

Потпечени полнети шампињони

3. За подготовка на смесата земете еден мал длабок сад во кој ќе ги ставите ренданото (или дробено) сирење и кашкавалот. Промешајте, а потоа додадете ги ситно сечканите маслинки. Со виљушка мешајте и пасирајте за да добиете што поуедначена смеса. Додајте малку лук во прав, бибер, оригано и сув пармезан. Продолжете да пасирате уште малку.

4. После 15 минути печење, извадете ги печурките од рерна. Може да бидат наполнети со мешавина од вода и стопен путер, па истурете ја течноста внимателно од нив и од тавата. Потоа во секој отвор додадете од филот за да го пополните сосема. Дршките доближете ги убаво една до друга и ставете од смесата и врз нив.

5. Вратете ја тавата во рерната и печете уште 5-7 минути.

6. Оставете ги печурките да се подизладат и сервирајте ги со зелена салата како додаток. Добар апетит.

Потпечени полнети шампињони

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар