Погрешниот начин на помагање

Постои вистински, но и погрешен начин на кој можете да им помагате на луѓето. Многу е важно да запомните дека дури и кога дејствувате со вашите најдобри намери, тоа не мора да значи дека е најдобриот начин за некој друг. Погледнете ги наредниве неколку совети кои ќе ви помогнат да сфатите дали е потребно да го промените вашиот пристап на помагање на блиските…

Погрешниот начин на помагање

Ги правите луѓето зависни од вас

Една стара изрека вели, „Дајте му на човек риба и ќе јаде еден ден. Научете го човек да рибари и ќе се исхранува цел живот.“

Кога постојано се фокусирате на моменталните потреби на луѓето и не ги учите како тие понатаму во слични ситуации да се грижат самите за себе, на некој начин ги правите свои „затвореници“. Ако некој е целосно зависен од некој друг, без разлика дали станува збор за храна, среќа или успех, тие никогаш нема да бидат вистински слободни, ниту пак ќе имаат контрола врз својот живот.

Овој вид зависност може да биде од помош, но само во ретки случаи кога одредени луѓе од одредени причини воопшто не можат да се грижат за себе. На пример, кога станува збор за потешко ментално или физичко нарушување. Во сите други случаи, одржувањето на ваков вид зависност често е негативно и нездраво.

Се обидувате да правите нешта надвор од вашата моќ

Еден од најлошите начини да им помагате на луѓето е да се обидете да смените нешто што е комплетно надвор од вашата моќ. Кога се мешате во проблеми, посебно во оние за кои немате доволно знаење или искуство, можете многу лесно да ги направите работите уште полоши. Сепак, вие сте само човек и немате ни доволно време ни доволно ресурси за да му помогнете секому во секоја дадена ситуација.

Се обидувате да им помогнете на луѓе кои очигледно не ја сакаат вашата помош

Уште една честа грешка. Кога се обидувате да смените нешто против нечија волја, често се случува тие да ви се налутат и да се свртат против вас. Дури може да го направат и спротивното од она што сте им го кажале, без разлика дали е добро или лошо за нив, бидејќи едноставно не сакаат да го следат вашиот совет.

Доколку некој не ја сака вашата помош, многу е важно да го почитувате тоа. Како што споменавме погоре, вие не знаете секогаш што е најдоброто за сите околу вас и понекогаш перспективата на некој друг може да е многу поразлична од вашата. Обидете се да ги почитувате границите на луѓето.

Помагате само со очекување нешто за возврат

Во некои ситуации, сигурно се случува да забележите дека им помагате на одредени луѓе само зашто очекувате некако да ви вратат за таа помош во иднина. Но сепак, и покрај тоа што ова однесување во поголем или помал степен е дел од секој човек, не треба да биде главната причина за вашата помош.

Многу луѓе не сакаат помош од оние кои не го прават тоа затоа што навистина сакаат. Некои од нив дури го сметаат и за навредливо. Кога им помагате на другите, бидете внимателни да немате некои скриени мотиви, туку само вашата искрена желба за тие да бидат посреќни и поуспешни. И никогаш не заборавајте, ако добиете нешто за вашето добро дело – супер. Ако не, тогаш самото задоволство од помагањето на некој кој има потреба од тоа треба да ви биде доволно.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Отсекогаш многу ја интересирала астрономијата и физиката, а животно мото ѝ е дека не смее да помине ни еден ден без танцување. Автор на книгата „На работ од времето“, првиот дел од трилогијата „Наследството на Вероника“.

Поврзани содржини

Остави коментар