Почитување на ветеното во деловните односи

Автор: Гоце Пешев

Веднаш ќе добиете информација. За два дена ќе ви ја пратиме понудата. Производите ќе ви ги испорачаме утре, сега го царинат камионот…

pochituvanje-na-vetenoto-vo-delovnite-odnosi-kafepauza.mk

Колку пати сте биле во ситуација да ги слушнете овие зборови? Колку пати сте се нашле во ситуација да чекате многу повеќе отколку што ви е ветено? Колку пати сте биле во ситуација поради одредени ваши партнери или соработници да морате да ја одложите пратката кон вашите клиенти, или да не можете да ја испорачате услугата која и вие сте ја ветиле и која некој ја очекува?

Знаеме да кажеме дека во нашиот менталитет е да ги оставаме работите за последен момент, да одложуваме сè до последно, или пак да ветиме нешто што реално не ни можеме да го исполниме. Од друга страна пак, знаеме да кажеме за некоја компанија или личност која е максимално одговорна со роковите дека работи како Германците или дека се точни како швајцарски саат.

Се поставува прашањето, дали постои можност да се излезе од овој „маѓепсан круг на одложување“? Дали можеме да воспоставиме систем на правилни вредности во нашата работа и синџирот на добавувачи во кој функционираме?
Постојат повеќе начини да го намалиме ризикот во работата и можноста неодговорноста на некои наши партнери или соработници да се пренесе и на нашите клиенти.

1. Изберете правилен партнер, добавувач или соработник – Не секогаш од старт можете да знаете кој е соодветниот партнер за вашата компанија или за одредени активности, но побарајте препорака, побарајте мислење од нивни претходни соработници и клиенти, посетете ги лично и увидете ги нивните работни капацитети.

2. Соодветно планирање за секоја работна задача – Пристапете кон секое барање максимално професионално и коректно, направете мапирање на процесите и планирање за секој процес соодветно.

3. Пресметајте ризик за доцнење од страна на вашите партнери и (предочете им го тоа со време) – Секогаш може да се случи доцнење од различни причини. Машината може да откаже непланирано, да има дефект во електричната мрежа, материјалот или податоците кои ги обработувате да не се соодветни. Затоа, доколку е можно, секогаш оставете временски простор кој би ги амортизирал овие несакани ефекти, а сепак да не се случи доцнење со испораката кон вашите клиенти.

4. Одвојте го пријателството од деловната соработка – Знаеме за многу случаи каде пријателството било ставено на коцка поради професионална или непрофесионална соработка. Затоа, од самиот почеток на соработката дефинирајте ги границите помеѓу пријател и професионален партнер и водете се според тие граници.

5. Секогаш имајте минимум двајца соодветни добавувачи или соработници – На овој начин ќе ги сведете на минимум ризиците да не добиете навремена испорака на производ или услуга, а секако и ќе ги зголемите можностите и вашите професионални капацитети. Запомнете, колку и да е добар единствениот добавувач кој го имате, заради најразлични причини (технички застој, недостаток на кадри, преоптовареност на капацитетите) во даден момент можеби нема да биде во можност да одговори соодветно на вашите барања.

6. Тргнете ги емоциите настрана и бидете максимално професионални.

Но, постојат и неколку начини како вие да постигнете поголема ефикасност во работата и одговорност кон вашите клиенти:

  • Анализирајте го убаво секое барање кое стига до вас.
  • Бидете искрени со себе и барањата од вашите клиентите. Некогаш е подобро да се каже не можам (и да ги наведете причините за тоа), отколку да ветите нешто што не може да го испорачате.
  • Имајте искрена комуникација со вашите клиенти и отворено кажете им дали, кога и со кое ниво на квалитет можете да одговорите на нивните барања. Предочете им можни потешкотии во извршување на соодветното барање и објаснете им начин за решавање на истото.

Искреноста и максималната одговорност кон работата можеби не се ценети, но на долг рок ќе ви овозможат стабилен раст на компанијата, зголемување на приходите и секако многу задоволни партнери и клиенти.

Петар Лазаров и Калин Бабушку, основачи на Македонија Експорт, се автори на прирачникот Tip of the week кој изобилува со совети за личен и професионален развој. Повеќе информации ќе најдете на нивната страница на Фејсбук.
За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар