Отворено писмо до сите сингл девојки за Денот на вљубените

Денот на вљубените е еден од најтешките денови во годината. Многумина си создаваат притисок дека треба да бидат заљубени во овој период од годината, па кога тоа нема да се случи, се чувствуваат тажно и изолирано. Но, што е овој ден толку поразличен од останатите 364? Зарем само денес треба да чувствуваме љубов и да бидеме во прегратката на саканите? Прочитајте го следново моќно писмо од анонимен автор што се појави на социјалните мрежи, а е наменето за сите девојки што сами ќе го поминат овој празник…

Отворено писмо до сите сингл девојки за Денот на вљубените

Драги сингл девојки на Денот на вљубените,

Не знам во каква состојба е вашето срце. Можеби тоа е исполнето без партнер, можеби ви е празно чекајќи го совршениот за да го пополни или пак, можеби е скршено на илјадници парчиња откако било повредено верувајќи на погрешна личност. Без разлика на ситуацијата, вашето срце заслужува да биде чувано и сакано, па затоа и ви пишувам мало писмо.

Знам какво е чувството да сте сами во време кога сите ја слават својата љубов. Знам и какви мисли постојано ви се вртат во глава: „Што да направам за да ме сакаат“, „Каде треба да одам за да го најдам вистинскиот?“, „Зошто нештата не испаднаа како што треба?“

И покрај тоа што ова се сосема нормални прашања, сепак сакам да знаете дека наоѓањето партнер не е одговорот.

Можеби вашето срце е исполнето бидејќи никогаш не сте се отвориле никому. Можеби вашето срце е празно чекајќи го совршениот затоа што не се сакате себеси и не можете да поднесете да бидете сами. А можеби и вашето срце е скршено на парчиња затоа што сте ја изгубиле љубовта кон себе кога сте се заљубиле во некој друг.

Ако нешто од ова ви има логика, тогаш ве предизвикувам да се обидете да се чувствувате поудобно во својата кожа, токму онаму каде што сега се наоѓате. Не се обидувајте да го менувате срцето само за да најдете нешто што вие сметате дека би било љубов. Вашето срце, исто како и вас, не е совршено па одвреме-навреме ќе прави грешки.

Но, тоа никогаш нема да престане да чука или да се откаже од вас. Никогаш нема да престане да ви дарува љубов. Токму затоа и овој ден треба да се посветите на него, на вашето срце, што досега никогаш не ве напуштило – ниту во добро, ниту во лошо. Па, наместо да чекате некој да ви ја пополни дупката или да ви ги сошие искршените парчиња, зошто да не го направите самите тоа, со вашата љубов?

Прегрнете се себеси и прифатете се во целост. И славете ја сезоната на љубовта, затоа што сте совршени токму онакви какви што сте. Вам не ви треба никој друго освен самите вие за да се чувствувате среќно и заљубено. Не ви треба партнер за да се чувствувате како да припаѓате. Никогаш не заборавајте го тоа.

Да наздравиме за вас и за вашето прекрасно срце. Се надевам дека знаете дека сте сакани!

Прочитајте го и ова писмо до сите оние на кои им недостига некој за време на празниците…

 


За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Отсекогаш многу ја интересирала астрономијата и физиката, а животно мото ѝ е дека не смее да помине ни еден ден без танцување. Автор на книгата „На работ од времето“, првиот дел од трилогијата „Наследството на Вероника“.

Поврзани содржини

Остави коментар