Ослободете се од болните сеќавања за да живеете посреќни и поисполнети во сегашноста

Самите се осудуваме себеси многу повеќе отколку што останатите нè осудуваат нас. Свесно или не, се стремиме кон постојано навраќање кон минатото и тоа што се случило, што често забораваме дека живееме денес и за сега, а времето не можеме да го вратиме назад. Мислиме на грешките што сме ги направиле или на луѓето кои нè повредиле, па им дозволуваме да завладеат со нашата сегашност.

Се случува сеќавањата да се толку многу болни што имале неверојатно влијание врз онаа личност која што сме денес. Некогаш, потребна ни е само нечија помош за да продолжиме понатаму, да преминеме преку некои работи. Потребен ни е разговор со најблиските, можеби дури и со стручно лице, но пред сѐ мора да ги средиме нашите мисли и да разговараме со личноста која сме ја повредиле или нè повредила нас.

(1)-Oslobodete-se-od-bolnite-sekjavanja-za-da-zhiveete-posrekjni-i-poispolneti-vo-segashnosta-kafepauza.mk

Првиот чекор кон решавањето на проблемот е прифаќање на минатото. Прифаќање на случувањата, луѓето кои биле дел од нив и најмногу од сѐ, нашата улога во сето тоа. Сѐ додека не го направиме ова, нема да можеме да се соочиме со минатото, а уште помалку да продолжиме понатаму. Факт е дека сѐ се сведува на нас, нашата одлучност и волја, нашите мисли и перцепции. Мора да си дозволиме да го согледаме проблемот за да можеме да го решиме, а тоа единствено го можеме ако со бистра глава и без предрасуди ги ставиме картите на маса и ги погледнеме настаните од свежа перспектива.

Вториот чекор е ослободување на умот и мислите за кои можеби и не сме свесни дека нè кочат. Треба да им дозволиме на зборовите кои сме ги чувале долго време да излезат од нас, неопходно е да ги разоткриеме нашите чувства и, дозволувајќи им на солзите да протечат, да се ослободиме од стегите на минатото. Земете лист хартија и започнете да пишувате. Кажете си себеси сѐ што ви лежи на срце и потоа искинете го. Направете го тоа на салфетка или на згужваната сметка која сигурно ви се наоѓа во џеб. Не е важно ни каде ни кога, туку само да го исфрлите негативното од себе. Ќе видите дека кога ќе прочитате што сте напишале, сосема поинаку ќе гледате на работите. А потоа одете и разговарајте со кого и да чувствувате потреба за тоа со цел да не се оптоварувате повеќе. Со фактите и чувствата разделени едни од други, ќе успеете многу полесно да го решите проблемот, додека држењето нешто во себе само го засилува гневот кој го чувствувате.

Третиот чекор е учење на лекцијата која секој момент од нашиот живот ја носи со себе. Можеби не сѐ се случува со причина, но дефинитивно сѐ носи лекција со себе која, за наше добро, е неопходно да ја научиме. Таа лекција знае да биде многу потешка отколку што очекуваме и може да не сме подготвени за неа. Може да не ни се допаѓа, па да решиме да не ја научиме. А можеби е премногу реална за нас. Но колку и да е страшна целата ситуација, порано или подоцна ќе мора да се соочиме со тоа што се случило и да го гледаме како искуство од кое сме научиле нешто. Само на овој начин ќе станеме способни да погледнеме внатре во нашата болка и да откриеме нешто позитивно, нешто за кое не сме ни знаеле дека постои.

Не можеме да побегнеме од минатото. Кога тогаш тоа ќе се судри повторно со нас, а колку повеќе ја одложуваме таа средба, толку повеќе го зголемуваме тој јазол меѓу замисленото и вистинското јас. Ние самите одбираме како ќе живееме, со кого ќе бидеме и што ни е важно. Да заборавиме не можеме, но да преминеме преку некоја работа можеме и тоа како. Сѐ што треба е да одлучиме дека сакаме повеќе. Повеќе смеење, повеќе нови убави спомени, повеќе љубов. А кога тажните и болни сеќавања ќе чукнат на врата, што е неизбежно, цврсто да се држиме до ветувањето кое сме си го дале себеси: да научиме од тоа што се случува, да погледнеме и од друга перспектива и секогаш да бидеме присутни во сегашноста. Животот е еден и добиваме само една шанса да го живееме најдобро што може.

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар