Нови правила за развод што го заштитуваат детето и им помагаат на родителите

Денес разводите не се ништо ново, но верувале или не, и тие еволуираат. Марен Кардило е адвокатка од Њујорк која работи со разводи. Таа има понудено неколку нови трендови кои стануваат сè попопуларни кај паровите кои се разведени.

6 нови трендови кај разводите кои е добро да ги знаете

1. Вгнездување

На овој начин, детето продолжува да живее во семејниот дом, а родителите се оние кои се менуваат. Кога не е со детето, родителот престојува во близина, на пример со некои роднини.

„Во поголемиот дел од случаите, вгнездувањето функционира како привремен договор. Штом родителите ќе почнат да го водат својот живот или стапат во брак, станува комплицирано. Ова функционира со пар кој има тинејџер и кој чека нивното дете да заврши средно, па да ја продадат куќата. Предноста е тоа што децата се во еден дом, имаат своја соба и ги одржуваат истите пријателства. Нема потреба постојано да се прилагодуваат кај едниот, па кај другиот родител.“

2. Разводен помошник

Како што има помош за породување, овие професионалци нудат совети и се рамо за плачење. Помошничката за развод од Торонто, Лин Каплан, укажува на практичните и емоционалните компликации кои настануваат при разделба:

„Помошникот обично не е правно лице и нуди поддршка и информации во текот на разводот. Некому кому му е потребна помош за трошоците, може да му се најде лице со финансиска позадина. На тој што му е потребна помош за родителство, најдобро е да најде помошник искусен за ментално здравје.“

3. Делење на старателство

Во нејзината кариера, Кардило забележала дека повеќето родители сакаат да го поделат старателството еднакво. Ова значи 4 дена со мајката, 3 со таткото, па 1 недела со едниот, 1 недела со другиот. Ова е добро за родители кои живеат блиску еден до друг и во близина на училиштето на детето.

„Времето поминато без дете им помага на родителите да ги наполнат своите батерии. Исто така улогите се поделени. Мајката прави ручек, а таткото помага со домашната. Следниот пат таткото прави ручек, а мајката помага со домашната. На децата ова им е од корист бидејќи и двајцата родители преземаат одговорност.“

4. Разведени парови кои живеат и/или работат заедно

Можеби отворањето на заедничка пекара било одлична идеја. Но што ќе се случи по разводот ако бизнисот е заеднички? Денес многумина продолжуваат со бизнисот. Кардило им помогнала на многу клиенти кои продолжиле да работат или живеат заедно и по разделбата. Причината за ова најчесто се финансиите. Кога доаѓа до ова, мажот и жената обично ја делат куќата. Сепак, за ова се потребни неколку строги правила.

„Потребно е да има правила за социјализирање со пријатели или нови партнери и за тоа како ќе се дели заедничкиот простор. Професионалната врска може да остане продуктивна, особено ако бизнисот е успешен. Важно е да имаат и договор како и сите останати бизнис партнери.“

5. Апликации за развод

Системите за организација кои се достапни онлајн не дозволуваат никому да ја испушти посетата на лекар, да го заборави училишниот концерт или да не плати некоја сметка.

„Онлајн алатките ја олеснуваат комуникацијата помеѓу партнерите во конфликт. Кога интеракцијата е ограничена, овие веб-сајтови им овозможуваат на родителите да споделуваат информации, да ги следат трошоците и да прават промени во распоредот. Понекогаш проблемите кои го предизвикале разводот произлегуваат од лошата комуникација и недоразбирањето. Овие апликации го елиминираат тој проблем.“

6. Нежно слетување

Ова е договор за заедничко старателство каде што разведениот пар живее во иста зграда или исто соседство. Викендите ги поминуваат како семејство, заедно одат на одмор и ги одржуваат семејните традиции за децата.

„Го имам видено ова, но за жал многу ретко. Ако парот може да ја задржи способноста за ефективна комуникација и ако можат да се почитуваат, ќе имаат многу повеќе опции. Најважно е тоа што децата ќе учат од нивното однесување и полесно ќе го поднесат разводот. Исто така ќе имаат и поздрава врска со двајцата родители.“

Погледнете и како да ги заштитите вашите деца за време и по разводот.


За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар